verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Судија-жртва или невистина во служба на власта?

on 5 - 02 - 2016       

skrinsot-katica-tuzi 11

[ЕКСКЛУЗИВНО: И судија бил жртва на малтретирање од тимот на Катица Јанева]

 

Кога читателот се соочува со наслов како овој на текстот што го рецензираме, очекува во содржинскиот дел да прочита ексклузивна информација за сериозниот настан што се најавува: малтретирање на претставник на судската власт од тимот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева. Она што го добива е прераскажан случај на наводна уцена на неименуван судија од вработен во Специјалното јавно обвинителство, кој се повикува на анонимен извор.

Рецензија: Судија-жртва или невистина во служба на власта?

Линк до оригиналниот напис: ЕКСКЛУЗИВНО: И судија бил жртва на малтретирање од тимот на Катица Јанева

Датум и време на објавување: 03.02.2016 – 14:26

Датум на рецензирање: 04.02.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

 

АНОНИМНИ ИЗВОРИ, НЕПОТКРЕПЕНИ ТВРДЕЊА

Прво прашање што се наметнува е: дали изнесените тврдења се вистинити? Одговорот лежи во графата „не може да се утврди“, бидејќи изворите се анонимни, а ним треба да им се верува дека настаните навистина се случиле.

Еве како анонимниот извор го опишал случајот:

„Неофицијално, во претставката било наведено дека судијата бил повикан на разговор во познат ресторан на скопскиот плоштад. Спцеијалната јавна обвинителка му се заканувала и го малтретирала се додека судијата не го напуштил објектот. Веднаш потоа случајот бил пријавен.“

Следно што се наметнува како дилема е: во кое својство таа личност (која и да е) од Специјалното јавно обвинителство би можела да го повика судијата на разговор, кога се знае дека лице се повикува од јавен обвинител на распит во врска со некој предмет во службени простории, а не по угостителски објекти или на некое друго неформално место?! Или, со други зборови, во ресторан се оди на ручек или кафе-муабет, а не на службен разговор со обвинител!

Тој разговор, ако воопшто се случил, бил неформален и доколку има елементи на злоупотреба, тие ќе бидат утврдени во соодветна постапка. А она што што според професионалните новинарски стандарди не смее да се прави, е да се објавуваат непотврдени шпекулации како вистинити тврдења. Но, токму тоа е сторено во овој текст, пред сè во насловот.

Еве што уште, во форма на тврдење, стои во текстот:

„Претходно граѓани кои беа мета на закани и уцени поднесоа кривични пријави против членови на тимот на Катица Јанева.“

Со оглед на медиумската хајка и на поплавата од кривични пријави против членови на тимот на Јанева, која се случува деновиве, легитимна е дилемата: дали настаните за кои има кривични пријави навистина се случиле или тие се поднесуваат како смислена стратегија за опструирање и за дискредитација на личноста и на функцијата на специјалната јавна обвинителка?

Нема ниту ограда (наводно биле уценувани, тврдат дека биле уценувани и сл.) ниту каков било доказ дека ова навистина се случило. Истовремено, пак, медиуми пишуваат за тоа дека Специјалното јавно обвинителство работи на случаи на тројца судии кои суделе пристрасно и носеле пресуди по нарачка на власта, што отворено покажува незадоволство од постоењето и од работата на СЈО. Тоа може да се доведе во корелација со случајот за кој зборува написот кој е предмет на оваа рецензија.
Професионалниот новинарски пристап налага новинарот да побара одговор, односно коментар за вистинитоста на ова од Јавното обвинителство, како и од Специјалното јавно обвинителство. Но, во овој текст тоа не е сторено.

Затоа, пак, има медиуми кои ги поставиле вистинските прашања на вистинското место. Резултат: Судија не се жалел на работата на Јанева тврдат ОЈО и Судскиот Совет (ТЕЛМА).

 

КОГА СЕ КОРИСТАТ АНОНИМНИ ИЗВОРИ

Инаку, тоа што изворите на информација во овој напис се анонимни, не се коси со новинарската практика. Меѓутоа, убаво е да се потсетиме на етичките принципи поврзани со користењето на анонимни извори во еден новинарски текст:

Важно е новинарот, но и медиумот, за да го заштитат својот кредибилитет, да сторат сè да ја проверат информацијата и од други независни извори и да го користат анонимниот извор само тогаш кога нема друг начин да се дојде до информација која е од јавен интерес.

Погрешно лоцирање на изворот или измислување на изворот за да се презентираат неточни, нецелосни и недоволно проверени информации се смета за грубо кршење на новинарските стандарди. (Прирачник за етика во новинарството, Чаусидис, Бојаровски, ЗНМ, Скопје, 2012).

На крајот од овој текст се најде и оваа информација: полицијата поднела кривична пријава против вработен во МВР кој нудел поткуп за лажно сведочење против ексминистерката Гордана Јанкулоска. Не е ни јасно како овој податок може да има врска со темата или со тврдењето од насловот.

Се стекнува впечаток дека се брзало што е можно повеќе багаж на вина да се натовари на грбот на специјалната јавна обвинителка, без докази, без сведоци и без професионалност во новинарскиот пристап.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

анонимни

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

за дел од тврдењата е утврдено дека се невистинити

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови