Странските новинари со многу неофицијални информации за кумановските настани
Објавено во Новинарски лекции
on 25 - 06 - 2015 Автор: Сања Атанасовска
Секогаш сум имала впечаток дека новинарите, кога ќе се најдат во странска земја, во време на судири, известуваат поинаку отколку кога би биле во своја земја. Многу повеќе има процени, впечатоци, отколку точни информации, вели Гордана Бјелетиќ од „Н1“.
Пишува: Сања Атанасовска
Од денешна перспектива, странските новинари што известуваа за кумановските настани од 9 и од 10 мај, велат дека во недостиг од официјални информации биле принудени да користат многу неофицијални информации.
Се работи за неофицијални информации што ги добивале од болниците, полицијата, граѓаните и од други извори, а се однесуваат на бројот на загинати полицајци, состојбата во Тоде Мендол и слично.
Гордана Бјелетиќ од регионалната телевизија „Н1“, која има седиште во Белград, Загреб и во Сараево и ги покрива трите земји, во Скопје дошла за да ги следи протестите против полициската бруталност и не очекувала дека ќе известува за вооружени дејства во земјава. Самиот факт дека била запознаена со околностите во државата и стекнала контакти, многу ѝ помогнал.
„Во таква ситуација не е проблем да се дојде до информација. Проблем е што ги има премногу и што е тешко да се проверат. А, кога веројатно има човечки жртви, и тоа повеќе, многу е важно сè што ќе се објави да биде точно. Секогаш сум имала впечаток дека новинарите кога ќе се најдат во странска земја, во време на судири, известуваат поинаку отколку кога би биле во своја земја. Многу повеќе има процени, впечатоци, отколку точни информации. Како да имаат впечаток дека тоа што ќе го објават нема никој да го проверува. Затоа ми беше многу важно сè што „Н1“ ќе објави, да биде точно, не само во оваа ситуација, туку генерално“, раскажува Бјелетиќ.
Милјана Окиљевиќ-Николиќ, дописничка на РТС од Врање, објаснува дека при првата обиколка во Куманово, виделе полиција и многу лесно го нашле влезот на населбата Тоде Мендол, каде полицијата дејствуваше против терористичка група.
„Веднаш го најдовме Диво насеље, полициската блокада и колегите новинари. Рекоа дека и тие немаат многу информации и дека чекаат. Во зградата на локалната самоуправа беа расположени со нас да ги споделат сите информации што ги имаа од прес-конференциите во Скопје. До информации тешко се доаѓаше, главно тоа беа неофицијални информации и затоа имаше многу непроверени вести и приказни. Нам ни се случи, додека бевме на граница, некои медиуми да пласираат вест дека границата е затворена, што секако не беше вистина. Неопходни се точни информации, не само заради медиумите, туку и заради населението“, вели дописничката на РТС од Врање.
Двете се надеваат дека повторно ќе имаат шанса да известуваат за случувања во Македонија, но да не бидат тоа вооружени дејства или конфликти. Настаните во Куманово ги следеа бројни новинарски екипи од Србија, Хрватска, Бугарија, Романија и други.
Странските новинари се задоволни од соработката со колегите од Македонија. Велат дека овдешните колеги новинари многу им помогнале, со контакти и со сите други расположливи ресурси.
„Со колегите разменувавме информации, луѓето се отворени за странци. Колегите од ТВ „Телма“ и во Куманово да не беа луѓето од ТВ „Плус“, ништо од она што го снимивме немаше да биде емитувано. Ни ја дадоа сета техничка поддршка, иако не мораа. Во Македонија сретнав луѓе кои на секој чекор сакаат да помогнат, без интерес, противуслуга и слично“, додава Бјелетиќ.
Таа вели дека известувањето од вооружен судир за неа е едно големо искуство, кое многу ќе ѝ користи во нејзината новинарска кариера.
И нејзината колешка од РТС, Окиљевиќ-Николиќ, вели дека иако се случуваа немили настани, сите граѓани на Куманово биле многу коректни кон новинарските екипи.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).