verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Стереотипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите (2)

on 15 - 07 - 2013       

Пишува Роберто Беличанец , експерт за медиуми.

Текстот е првобитно објавен на Окно.мк на 08.02.2012.

Илустрации: Роршахови портрети од Бен Квилти.

Стереотипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите (2)

Прв дел од анализата…

Верските стереотипи на Балканот

За разлика од глобалните верски стереотипи, на Балканот верата претставува еден од клучните елементи на дефинирање на нацијата. Имајќи ја предвид јазичната и обичајната сличност на народите што живеат на Балканот, верата станува атрибут за припадноста кон нацијата. Од тој аспект, во процесот на изградба на балканските нации верските прашања доминираат во процесите на формирање на нациите. Имајќи го предвид милетскиот систем на турската империја кој не оперирал со нации туку со припадности кон одредена верска заедница, и тоа во потесна смисла, и ден-денес се користат турските документи во националните и територијалните претензии на балканските држави.

Овде е битно да се истакне дека верската припадност не се користи за одредување на негативната стереотипизација туку се користи за потенцирање на националната стереотипизација и за потврдување на националното ривалство. Сосема е различна перцепцијата на Македонците кон муслиман – Албанец, муслиман – Турчин или муслиман – Македонец. На овој пример се гледа колку стереотипот е растеглив и подложен на дневнополитички влијанија. Внатрешните етнички тензии меѓу припадниците на македонската и албанската заедница се прекршуваат и низ верска призма, односно се користи доминантната верска припадност на албанската заедница во секундарните стереотипизации и многу често се слушаат аргументи дека целиот конфликт е продукт на верата на другиот. Меѓутоа, верскиот фактор воопшто не се зема предвид во стереотипизацијата на припадниците на турската нација. Имајќи го предвид пријателството и добрите политички и културни врски со денешна Турција, стереотипот на Турчинот-силник кој ја граба Цвета и ја носи во кулата попушта пред стереотипот на романтичниот Турчин-хедонист. Притоа, верскиот стереотип не само што се менува, туку преминува на сродниот по вера, кој ги презема врз себе негативните перцепции за исламот, во случајов албанскиот муслиман. Македонецот-муслиман, пак, се доживува како дефектен Македонец и не се споменува или, пак, трпи потсмешливи агресивни означувачи, како средство за негово конечно враќање во националната заедница или, ако тоа не е возможно, за негово конечно отфрлање. Кај албанската заедница постои голо изедначување меѓу верската припадност на Македонците и верската припадност на Србите, и по гола аналогија се обидува да прави паралели помеѓу косовските Албанци и себе си, изедначувајќи ги Македонците со Србите.

И во двата случаи се работи за национална стереотипизација којашто ја користи верата за сопствено самоодредување и формирање на наратив за другоста на спротивставената нација. И едното и другото функционираат во функција на национална мобилизација, во која припадноста кон верската заедница е само друг јазик на кој што се изразува припадноста кон нацијата и одрекување на припадноста кон другата заедница. Националистичките водачи многу брзо ја ставија во функција верската разновидност на Балканот во функција на национална мобилизација, со цел да постигнат симболичка идентификација на поединецот со претпоставениот позитивен стереотип за сопствената нација. На таков начин, верата функционира на ниво на припадност кон група, а не на ниво на религија што има свои внатрешни вредности. Она што е битно е појавното и декларативното, а не духовното. Во таквиот динамички однос меѓу етничката и верската припадност, етничките и верските стереотипи се прелеваат од еден во друг и се во целост изменливи меѓу себе. Притоа, верските водачи играат клучна улога во националната мобилизација и речиси без исклучок ги поддржуваат процесите на ваквиот начин на формирање на нациите. Најчесто, тоа токму спротивното на сето она што го проповеда нивната религија.

Медиумите и стереотипите

Како што веќе реков, стереотипите се идеални за медиумска комуникација. Медиумското изразување налага краток израз и економизирање на јазикот. Од тој аспект, употребата на стереотип го растеретува авторот од натрупани изрази и претерано детализирање. Вториот аспект кој влијае врз нивната употреба е тоа што ниту медиумот ниту новинарите не се надвор од општеството, и затоа употребата на стереотипите најчесто е несвесна. Со тоа медиумот се појавува како зацврстувач на стереотипот преку репетитивната употреба или преку негова јавна официјализација. Еден од примерите со кои може да се илустрира ова е насловот „Бучковски на работа, Петковски во парламент, Шеќеринска прави сарма“ објавен во еден дневен весник. Темата на текстот беше каде ќе бидат овие личности за време на референдумот за територијалната организација на Македонија. Интересно е дека сите тројца изјавуваат дека првин одат до работа и потоа дома на семејни ручеци. Главниот уредник тврдеше дека е битно да се знае каде се првите луѓе на државата кога се одлучува за такво прашање. Воопшто не разбра дека употребил мизогин стереотип во кој мажите се претставени како луѓе загрижени за работата, а жената за ручекот. Ова е класична несвесна употреба на стереотип.

Стереотипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите (2)

За разлика од несвесната употреба на стереотипот, во моментите кога медиумот се јавува како креатор на стереотипот, употребата е свесна и со цел да се постигне одредена перцепција кон одредена група. Ова се користи во пропагандни цели, при што медиумот е средство кое се користи од страна на актер што ја креира пропагандната акција. Притоа, медиумот или се јавува во функција на изманипулиран пренесувач на пораките или, пак, свесно учествува во создавањето на стереотипот заедно со надворешниот актер. Ваквите стереотипи се формираат во време на конфликти и војни, но преживуваат долго после завршувањето на судирот и многу често се јавуваат како агенси за нов судир.

Она што е особено важно е да се истакне и кумулативното дејство на секојдневното медиумско известување во креирањето на стереотипот, кое може да се појави како несвесна реакција на консумирањето на медиумите. Така, на пример, долготрајна изложеност на медиумски материјал, во кој преку црните хроники припадниците на едно малцинство речиси секогаш се претставени со име и презиме, а припадниците на другите заедници со иницијали, на долг рок создава впечаток дека тоа малцинство е криминогено. Во ваквиот случај, примателот на медиумската порака од комуникацискиот талог во главата формира несвесен стереотип заради репетитивна изложеност на ваков медиумски материјал.

Она што е многу битно е дека одговорни медиуми можат да ги разбијат стереотипите. Одговорноста и професионалноста се исто така најсилното оружје против негативната стереотипизација во општеството.

Кога се верските стереотипи во прашање, клучниот фактор на нивното разбивање се верските водачи. Позната е Исусовата максима „Љуби го ближниот свој како што се љубиш себе си“. Таа повикува на прифаќање на другоста и, што е многу битно, на прифаќање на човечноста на другиот. Така, базичните верски пораки секогаш биле против стереотипизацијата, и она што треба верските водачи да го сторат е да ѝ се посветат на верата, наместо на водењето политика и ставање на заедниците во функција на националната мобилизација. Запирањето на таквата манипулација е императив за надминување на стереотипизирањето.

 


Оваа анализа е реобјавена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Работата на проектот e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).