Спојување на неспојливото
Објавено во Рецензии
on 19 - 04 - 2016 Автор: Силвана Жежова[Рецензија: ФОТО: Овие херои загинаа бранејќи ја Македонија, хулиганите на СДСМ посакуваат да има уште жртви]
Текстот, врамен со тенденциозен наслов, во ист контекст става два настана што реално немаат никаква поврзаност. Тој става знак на равенство меѓу случаите Диво Насеље во Куманово – кога осуммина припадници на безбедносните сили загинаа во полициската акција за уништување на терористичката група (9 и 10 мај 2015 година) и граѓанскиот протест против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов (13 април 2016). Овој шпекулативен напис манипулира со јавноста и со леснотија ги обвинува граѓаните кои протестираат дека се „хулигани“, „поттикнати од СДСМ и СОРОС“, кои, наводно, им посакуваат на полицајцијте да се „повтори Куманово“.
Линк до оригиналниот наслов: ФОТО: Овие херои загинаа бранејќи ја Македонија, хулиганите на СДСМ посакуваат да има уште жртви
Датум и време на објавување: 14.04. 2016
Датум на рецензија: 18.04.2016
Рецензент: Силвана Жежова
МАНИПУЛАЦИЈА
Текстот е коментаторски скроен и има целосно некоректен и неетички пристап. Пишуван во еден манипулативен манир, материјалот пред нас ги злоупотребува имињата на полицајците што пред речиси една година загинаа во Диво Насеље, при што сосема непотребно ги вклучува во написот.
„Во месец мај минатата година, Македонија беше завиена во црно. Осум наши херои, припадници на безбедносните сили ги положија своите животи за да ја одбранат Македонија. Македонија тој кобен ден загуби осум херои: Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменови.“
Оваа наменски скроена содржина паушално ги квалификува граѓаните кои протестираа како „насилници“ и тврди дека се инспирирани од опозицијата, а неизбежно се споменува и „Сорос“.
„Насилниците кои синоќа дивееја во Скопје, поттикнати од СДСМ и СОРОС удрија по македонската полиција. Полицајците кои постојано се во одбрана на граѓаните, вчера беа жртва на удари од неколку хулигани. Тие освен што ги тепаа и пцуеа македонските бранители, им посакаа уште еднаш да им се случи „Куманово“.“
Наспроти ваквото тврдење, во досегашните пет протести (од 17 април 2016 година), видовме дека меѓу демонстрантите постојат провокатори кои се задолжени за правење нереди и дека редарите на протестите веќе ги препознаваат и ги отстрануваат.
ПРЕМОЛЧУВАЊЕ
Текстот ја премолчува изјавата на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, кој на прес-конференција повика на мирни и ненасилни протести, а во исто време ги обвинува социјалдемократите дека не се оградиле од инцидентите.
„СДСМ и СОРОС како поттикнувачи на овие немири не се оградија од ваквото однесување. Така, преку ова видео беше испратена порака до цела Македонија, до сите граѓани. Но, ваквото нивно однесување со сигурност најмногу ќе ги здоболи мајките, сопругите и децата на загинатите во Диво Насеље кои го положија животот да спасат илјадници граѓани.“
Видеозаписот на кој се повикува написот, пак, не претставува никаков доказ и не може со сигурност да се тврди дали инцидентите ги предизвикуваат демонстрантите или се работи за „уфрлени“ провокатори.
Станува збор за школски пример за извртување на вистината и за спојување на неспојливото. Видлива е намерата да се измести тежиштето на протестот и да се пренасочи причината за револтот на граѓаните.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
политичка дискриминација,
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови