Спин со „докази“ од „Фејсбук“
Објавено во Рецензии
on 17 - 02 - 2017 Автор: Александар Пешев[Рецензија: Американската амбасада финансира и организира тајни координативни средби на соросоидните организации]
Имаме текст кој со употреба на неофицијални извори на информации прави обид за спин со јасна цел – дискредитација на невладина организација, дипломатско претставништво и на политичка партија. Недостигот од официјални ставови од посочените институции укажува на несеопфатност, а коментарите што се поврзуваат без конкретни докази укажуваат на едностраност со силен сомнеж за политичка пристрансост.
Линк до оригиналниот напис: Американската амбасада финансира и организира тајни координативни средби на соросоидните организации
Датум и време на објавување: 16.02.2017, 11:15
Датум на рецензирање: 16.02.2017
Рецензент: Александар Пешев
ТЕНДЕНЦИОЗНОСТ
Насловот е видно тенденциозен и обвинувачки. Во текстот, наместо факти, имаме пример за класично спинување на информации објавени од нерелеватни извори, поточно од социјалните мрежи. Воведот е јасно коментаторски, продолжувајќи го трендот на насловот на редење на непотврдени информации.
„Младинскиот образовен форум (МОФ) е уште една од низата соросоидни организации, кои во текот на изминатите неколку години активно работеше во дослух со амбасадата на САД како на добивање на што повеќе грантови од УСАИД, така и во рамки на советувањата, писмата до амбасадорите и невладините, кои одработуваа во корист на СДСМ“.
Прашања што се поставуваат, а остануваат без одговор се следниве:
- Како е утврдено дека посочената организација е „една од низата соросоидни организации“;
- Каде се доказите врз база на кои се констатира дека во текот на изминатите неколку години МОФ работел во дослух на американската амбасада?;
- Врз основа на кои факти се носи заклучок дека сите овие активности се во насока на одработување на СДСМ?
Неодстигот од факти што би послужиле како одговор на овие прашања, укажува на јасен обид за дискредитација на посочената невладина организација, како и на дипломатското претставништво, кои во написот се поврзуваат со политичка партија и со една фондација, кои, пак, исто така, се дискредитираат:
„Малку веројатно е дека Амбасадата на САД во земјава немала информации дека МОФ во Охрид инструира соросови платеници за тоа како политички да делуваат во корист на СДСМ“.
Нема докази дека е направен обид да се контактира Амбасадата за одговор на ваквите јасни обвинувања. Констатациите се поддржуваат со објави од социјалните мрежи, кои, во согласност со професионалните стандарди, не треба да бидат единствен извор на информации во новинарски текст.
ТЕОРИЈА НА ЗАГОВОР
Тврдењата, наместо со факти, се поврзуваат по принципот на „теорија на заговор“ и освен од Амбасадата нема информации дека е побаран став ниту од Младинскиот образовен форум, ниту од СДСМ. Текстот прави јасен обид за спинување:
„Всушност, поврзаноста на овие „случајности“ го отвара и сомнежот дали токму Американската амбасада покрај едукација на младите преку МОФ, всушност ги советувала т.н. „граѓани“ од соросоидните збирштини, да се легитимираат како претставници на граѓанството со што се оправдуваа акциите на трети лица, инволвирани во корист на СДСМ (одлагање на избори, легитимирање на измислените фантоми, медиуми кои водеа до Пржино…) се со цел што повеќе да се одложат превремените избори, а СДСМ и надворешниот фактор да има повеќе време да го подготви теренот?!“
Поврзаноста на „случајностите“ што се споменуваат не е поткрепена, нема официјални ставови и информации од посочените институции. Поврзувањето на активности на институции (без да се понудат факти за такво нешто), со употреба на неофицијални извори на информации, укажува на јасен обид за спин. Дополнително, обидот за политизирање на активностите на невладина организација и на американската амбасада сведочи за политичка пристрансост на написот.
„На мешањето на амбасадата на САД во внатрешните работи на Македонија, преку отворање на фондот на УСАИД за соросоидните организации, се заинтересирани и голем број на влијателни конгресмени и сенатори од САД, кои најавија обемна истрага во работата на Амбасадорот Бејли“.
Имајќи предвид дека не е докажано оти Амбасадата на САД се меша во внатрешните работи на Македонија, имаме уште еден коментар, кој случајно или не, наликува на обвинувањата во прогласот на ВМРО-ДПМНЕ, што создава дополнителен сомнеж за политичката пристрасност на објавата.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови