Премногу дупки во приказната за „македонско сценарио во Америка!“
Објавено во Рецензии
on 28 - 11 - 2016 Автор: Симона Атанасова[Рецензија: Сорос плаќа демонстранти со 15 долари на час!]
Написот што е предмет на оваа рецензија прави невозможна компарација помеѓу САД и Македонија и ја нарекува „македонско сценарио во Америка“! Текстот тврди дека организации на Џорџ Сорос стојат зад протестите што се случуваат низ неколку американски градови по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Освен тоа написот се обидува да ја наметне тезата дека учесниците на протестите добивале 15 долари на час.
Насловната фотографија на текстот, на која во фотошоп е измонтиран бизнисменот Џорџ Сорос на еден од протестите во САД, е тенденциозна и го манипулира читателот.
Линк до оригиналниот напис: Сорос плаќа демонстранти со 15 долари на час!
Датум и време на објавување: 21.11.2016, 18.30
Датум на рецензирање: 26.11.2016
Рецензент: Симона Атанасова
ТЕНДЕНЦИОЗНИ И НЕПОТКРЕПЕНИ ОБВИНУВАЊА
„Продолжува македонското сценарио во Америка. Организациите на контроверзниот бизнисмен Џорџ Сорос преку огласи нудат пари доколку граѓаните излезат на протест и го спречат Доналд Трамп да седне на претседателската фотелја. Плаќањето на демонстранти беше пракса и за време на „Шарената револуција“ во Македонија“.
Како докази за ваквите тврдења, текстот нуди принтскринови од некои страници за кои вели дека се огласи, но тоа никаде не е покажано. На принтскриновите не се гледа за која веб-страница станува збор, ниту се гледа кој ги објавил огласите. Нема апсолутно никаков доказ дека станува збор за организации на Сорос, ниту, пак, дека тој, наводно, им поделил стотици милиони долари за да организираат протести против Трамп.
Написот изнесува тврдење дека американските медиуми ја пробиле шемата на Сорос и на неговите невладини организации, но на јавноста не ѝ е прикажено за кои медиуми станува збор ниту ѝ е понуден цитат, линк или каков било доказ кој наводно е дел од анализата на американските медиуми.
Освен дека ја пробиле шемата на Сорос, текстот тврди дека американските медиуми ги споредувале протестите во САД со тие во Украина, Албанија, Бугарија но и во Македонија. Ниту во овој дел не е јасно прикажано кои се медиумите што правеле вакви споредби што го прави тврдењето прилично сомнително.
Во напишаното се вели дека имало и „вибер-кампања“ и дека на тој начин на Американците им стигнувале понуди за вработување. Ова е целосно шпекулативно и личи на лажно тврдење затоа што нема доказ дека такви пораки навистина биле испраќани.
Како протестите во САД, така и протестите на „Шарена револуција“ се поврзуваат, без докази, со бизнисменот Џорџ Сорос. Уште со самиот почеток на протестите во Македонија, дел од провладините медиуми наметнаа теза дека „озогласениот“ Сорос ги плаќа демонстрантите, без фактички да ги потврдат тезите.
НЕТОЧНИ И ИЗВРТЕНИ ТЕЗИ
Написот прави паралела и со новиот проект на УСАИД за кој тврди дека ќе поддржува, организира и ќе финансира протести во Македонија и тоа ни помалку ни повеќе со еден милион евра.
„Од УСАИД овој пат не се транспарентни и за разлика од претходно не објавуваат колкава сума на пари преку фондот „Еаст вест менаџмент институт“ ќе се поделат во Македонија. Според неофицијални информации на „Вечер“ се работи за сума која надминува еден милион долари. Како и претходно парите ќе се насочат за „граѓански активизам“ односно за организирање на протести“.
Овој дел од текстот е сосема неточен и ги испревртува тезите затоа што со овој проект на УСАИД никаде не е предвидено финансирање на протести туку претставува петгодишна иницијатива за поддршка на македонскиот граѓански сектор и на младинските организации кои ги вклучуваат граѓаните, приватниот сектор и владините институции во одлуките за прашања од јавен интерес.
„Преку Проектот за граѓанско учество, младите и граѓанските организации ќе стекнат знаење, мотивација, вредности и ќе развијат вештини кои ќе им овозможат активно да се вклучат во дијалогот со власта и со приватниот сектор, во акции кои ја промовираат добросостојбата во нивните заедници – вели директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалес“.
На крајот текстот коментаторски завршува со прогноза и со тврдење дека невладините организации ќе ги искористат парите за организирање насилни протести.
Надвор од сите правила и принципи на Кодексот на новинари, текстот тенденциозно ги манипулира читателите со извртување тези и со давање површни и неточни констатации. Без никакви потврди на изнесените тврдења ова е само уште еден во низата коментароски, еднострани и нагласено тенденциозни текстови.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови