Сомнителна фотографија за сомнителен „скандал“
Објавено во Рецензии
on 9 - 12 - 2015 Автор: Александар Писарев
[Рецензија: Оливер Спасовски со службено возило на партиски трибини (ФОТО)]
За да се сврти вниманието на јавноста од скандалот со злоупотреба на ресурсите на МВР и галерија на личности од владеjачката гарнитура, кои незаконски користеле обезбедување и службени возила, злоупотребувајќи го така МВР за партиски цели, се добива впечаток дека се бара „влакно во јаце“ кога станува збор за актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, па дури и преку сомнителни „скандали“ поврзани за него.
Линк до оригиналниот напис: Оливер Спасовски со службено возило на партиски трибини (ФОТО)
Датум и време на објавување: 6.12.2015, 21:41
Датум на рецензирање: 7.12.2015
Рецензент: Александар Писарев
ВЕСТ УМНОЖЕНА НА ГЕШТЕТНЕР
Веста под наслов „Оливер Спасовски со службено возило на партиски трибини (ФОТО)“ е умножена на „гештетнер“, дистрибуирана до сите провладини медиуми и објавувана во временско растојание меѓу 10 до 30 минути. Порталот „Прес24“ прв ја објавил на 6 декември, во 21.04 часот, истата вечер во 21.23 часот ја објавил „Курир“, „Телеграф“ во 21.41, „Прес 24“ ја преобјавил уште еднаш во 22.10, „Нетпрес“ во 22.14, „Денешен“ следниот ден на 7 декември во 10.11 часот, „Република“ на 7 декември во 11.20 часот, „Сител“ на 7 декември во 16.48 и ТВ „Алфа“ со големо задоцнување дури на 7 декември во 17.54 часот. Оваа хронологија јасно покажува функционирање на една медиумска машинерија, во која како да не е дозволена ниту уредничка интервенција во насловот.
ИЗМИСЛЕН СКАНДАЛ
Посетата на министерот Оливер Спасовски на Крива Паланка се оценува како скандал бидејќи, наводно, таму отишол со службено возило на МВР и со обезбедување (инаку, според Законот за Владата и МВР, по функцијата му следува постојано обезбедување).
„Спасовски бил забележан како излегува од службено возило на МВР пред Домот на културата во Крива Паланка каде што СДСМ одржувала партиски настан, објави порталот „Прес24“.
Сето тоа е наводно „забележано со фотоапарат“ и дистрибуирано до медиумите. Се спомнува и некаков полициски џип, кој, наводно, исто така, бил во колоната возила на партискиот собир. Како факти со кои треба да се потврди веродостојноста на информацијата се приложени фотографии на кои, меѓутоа, никаде не се гледа полицискиот џип. На фотографијата е само еден автомобил со полициски ознаки, за кој не може да се потврди дали е фотографиран баш тој ден, дали дошол од Скопје или е можеби автомобил на полициското одделение во Крива Паланка, кој тука бил службено бидејќи имало настан.
ЧИЈА Е ФОТОГРАФИЈАТА ?
И, кој е авторот на фотографијата? Ако медиумот автентично го следел настанот, ќе се повикал на „нашиот репортер кој го забележал службеното возило на МВР со кое на партиски настан пристигнал министерот Спасовски, и џипот на МВР кој бил дел од неговата колона возила“… Тоа би можело да се прифати како факт и како извор кој потврдува вистинитост на објавеното. Вака, оправдано можеме да се посомневаме дека се работи за сечени, монтирани, па објавени фотографии за да се дисквалификува одредена личност, во овој случај министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и злонамерно без факти да се обвини дека:
„Ваквото однесување на Спасовски отвора сериозен простор за сомнеж дека Министерот за внатрешни работи ги злоупотребува службените возила за партиски цели, што е сосема спротивно на декларативните заложби на СДСМ за одвојување на партијата од државата, пишува Прес24“.
Кој вели тоа? Очевидец, фотографот или новинарот на порталот „Прес24“, кој прв ја објавил „веста“? Во овој случај фотографијата е несигурен и несериозен извор, со кој би можела да се потврди вистинитост на информацијата.
Повредени се основните начела на Кодексот на новинарите на Македонија и тоа:
Член 1.
Новинарот треба да објавува точни и проверени информации, нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Член 4.
Новинарот ќе го назначи изворот на информации.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови