Социјалните мрежи не се сопственост на работодавците
Објавено во Новинарски лекции
on 31 - 08 - 2016 Автор: Ана Анастасовска
„Медиа принт Македонија“ (МПМ) на вработените во весниците што ги поседува, им поделила нови договори за работа, со кои не се дозволува изнесување политички ставови на интернет, односно на социјалните мрежи, за новинарите јавно да не искажуваат симпатии кон некоја политичка партија
Пишува: Ана Анастасовска
Ваквата вест ни ја потврдија вработени во весниците, а, пак, вработени во порталот „Телеграф“ велат дека такви договори сè уште не добиле. Причината за тоа најверојатно е тоа што досега не е донесена одлука за намалување на нивните плати, како што е тоа случајот со платите во весниците. Оваа година повторно е продолжено намалувањето на платите, иако лани беше кажано дека ќе се преиспита одлуката и платите ќе се вратат на старо.
Во новите договори се посочува дека новинарите не смеат да фаќаат политичка страна и да пишуваат политички статуси на интернет, односно на социјалните мрежи, не смеат да промовираат други медиуми на интернет, не смеат да работат во слободно време за друг работодавец освен со писмено одобрение од компанијата. Ова ќе почне да важи од 1 септември.
БУРНИ РЕАКЦИИ НА ДЕЛ ОД ЗАСЕГНАТИТЕ НОВИНАРИ
Дел од новинарите вработени во МПМ, токму преку социјалните мрежи реагираа на новите договори и барања на нивниот работодавец.
„Интернетот, а со него и социјалните мрежи, не се сопственост на работодавците, па да можат да забрануваат изнесување на лични ставови. Нека ги купат, па нека забрануваат. Вака, тешко! Башка што забрана на изнесување на ставови е во спротивност со Уставот“, реагираше на „Фејсбук“ Љубиша Станковиќ, новинар од „Утрински весник“.
Со реакција преку „Фејсбук“ се јави и новинарката од „Дневник“, Јорданка Ивановска-Јоци.
„Зa некoјa кaкo јaс, штo имaше кец пo мaтемaтикa, пa и нулa кoјa ми јa делеa нa две oдгoвaрaњa зa двoјкa, сериoзнo ме импoнирa фaктoт штo пoлитичкaтa гaрнитурa нa влaст пресметaлa декa требa дa ме регулирa, уреди системски и стaви вo рaмкa, зa дa ме зaмoлчи. Не декa не мoжaт пoинaку и нaсилнo, туку сaкaaт дa глумaт демoкрaтијa. Пред избoри, тaкa јaснo. Видете, не е прoблем дaли јaс ќе ве критикувaм или не вo иднинa (дoдекa прaвнo не излезaм oд рaмкaтa), прoблем е кaкo ќе ги избришете сите мoи мисли вo изминaтите пет гoдини. Стрaствени, жестoки, oд срце“, напиша Јоци на својот фејсбук-профил.
ССНМ И ЗНМ: ДОГОВОРИТЕ СЕ ПРОТИВЗАКОНСКИ И ПРОТИВУСТАВНИ
Претставници на Самостојниот синдикат на новинари имале средба со дел од менаџментот на МПМ, за, како што посочуваат, да добијат образложение за ваквите договори. Договорите не ги добиле, но им било дозволено да ги видат. Од ССНМ му дале рок на менаџментот на МПМ да размисли и да ја смени спорната клаузула од договорите, во која им се сугерирало на вработените, не им се бранело, да изразуваат политички ставови на интернет.
„Им укажавме дека ваквата клаузула е незаконска и противуставна и дека ги загрозува работните односи, човековите права и слободата на говорот и новинарското изразување. Договорот е спротивен на членот 6 од Законот за работни односи и на членовите 8, 16 и 17 од Уставот“, посочува Тео Блажевски од ССНМ.
Членот 6 од Законот за работни односи се однесува на забраната на дискриминација на работното место.
Во ставот 1 од овој член се вели:
Работодавецот не смее барателот на вработување (во понатамошниот текст: кандидат за вработување) или работникот, да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.
Договорите на МПМ, исто така, се спротивни и на членот 8, кој ги пропишува темелните вредности на уставниот поредок каде стојат основните загарантирани права и слободи, како и на членовите 16 и 17 од Уставот на РМ, кои пропишуваат дека:
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета. (Член 16)
Се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење. Само врз основа на одлука на суд може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката. (Член 17)
Со реакција за најновиот потег на МПМ се јавија и од Здружението на новинари. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, исто така, укажува дека договорите претставуваат тешко прекршување на Законот за работни oдноси и посочува дека ќе бараат и тие средба со менаџментот на МПМ за „да се разјасни ситуацијата“.
„Исто така, ќе испратиме допис до Трудовата инспекција, со кој ќе ги известиме за добиените наводи и ќе побараме да извршат увид во договорите што им се понудени на потпишување на новинарите. Ги охрабрувам колегите да не потпишуваат такви договори. Им сугерирам да чуваат некој примерок од договорот ако во иднина има потреба да се поведе и судска постапка“, вели Селмани.
Конечниот став ЗНМ ќе го каже по увидот во документите и по средбите што ќе ги има со менаџментот на МПМ.
АКО НОВИНАРИТЕ НЕМААТ СЛОБОДА НА ИНТЕРНЕТ, КАКВА Е СЛОБОДАТА ВО ВЕСНИЦИТЕ?
Информацијата дека издавачот МПМ им го ограничил користењето на јавните мрежи и изнесување политички ставови на своите новинари, според новинарот Жарко Јорданоски, заменик на главниот уредник во „Слободен печат“, е уште еден доказ за целосната неслобода и цензура што владее во изданијата на оваа куќа, но и пошироко во Македонија.
„Тоа е уште една брутална, отворена деградација на новинарите и уривање на нивниот професионален интегритет, ако за такво нешто сè уште може да стане збор. Кога им се цензурира „Фејсбук“ и „Твитер“, можеме да замислиме колкава е нивната слобода да ги искажат своите ставови внатре, во својот медиум? Целото македонско новинарство е една тажна приказна, но МПМ е особено трагична. Особено „Дневник“, весник за кој ме врзуваат убави спомени, зашто учестував во неговото создавање и таму ги поминав најплодните и најубавите години во мојата новинарска кариера“, посочува Јорданоски.
Она што таму сега се случува, нагласува тој, е под секое професионално и човечко достоинство, што никакви „плата и придонеси“ или други привилегии не може да го оправдаат.
„Почесно е таква куќа веднаш да се напушти, отколку да се вегетира во она што Чеслав Милош го опишуваше во ’Заробениот ум’“, заклучува Јорданоски.
Според новинарот Зоран Бојаровски, постои голема опасност доколку прашањето на уредувањето на слободата на вработените медиумски работници се разграничи на два неповрзани дела: професионалниот, кој, на прв поглед, се поврзува со времето поминато на работното место и со приватниот дел, кој главно се поврзува со времето надвор од работното место и работните обврски.
„Без да навлегувам во детали заради апсурдноста на една таква поделба, ќе нагласам дека доколку дебатата за тоа отиде во таа насока, таа ќе се троши на бесмислените докажувања и тегавења дека времето за пауза е приватно време, дека приватните телефони се приватни апарати, за разлика од компаниските компјутери, кои „не смеат да се злоупотребуваат за изразување приватни политички ставови…“. Забележувате каде оди тој тип на трагање на влакно во јајцето? Оди во насока на дефокусирање од главната причина да се спроведе една ваква монструозна, автократска намера за да се обесхрабри слободата и правото на политичка определба и правото на слободно изразување на таа политичка определба“, смета Бојаровски.
Тој посочува дека вулгарно формализирајќи ја потребата за правно регулирање на правото на работодавецот, иницијаторите на овие договори, секако можат да најдат правни „кривини“ за да наметнат вакви договори за работа.
„Но, тоа дефинитивно ги става на страната на оние медиуми кои со „измеќарските“ менаџерски и уредувачки тимови се ставија во одбрана и промоција на политички режим што ја уназади демократијата во земјата и што ги укинува слободите по сите основи за повеќе категории граѓани, кои на кој било начин, посредно или непосредно, се ставени во позиција да им се закануваат и заплашуваат“, дециден е Бојаровски.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).