Со виртуелни експерти против Катица Јанева
Објавено во Рецензии
on 23 - 01 - 2017 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Правната фела реагира – потегот на СЈО е преседан]
„Гол и бос“ напис, барем во делот за тезите што ги пласира. Не може остро да се осудува потег на државна институција врз основа на наводни ставови на „правна фела“ „познавачи“ и „адвокати“, кои повеќе се виртуелни, отколку реални. Видлива е површноста со која ѝ се пристапува на комплексната тема и текстот остава впечаток дека е претрчано преку одлуката на СЈО за предметот „Пуч“.
Линк до оригиналниот напис: Правната фела реагира – потегот на СЈО е преседан
Датум и време на објавување: 20.01.2017 16:12
Датум на рецензирање: 21.01.2017
Рецензент: Владимир Мирчески
ПРАВНА „ФЕЛА“, ПОЗНАВАЧИ, АДВОКАТИ
Ова е пример за „новинарско“ обработување правна тема преку алатки што воопшто не се правни. Поточно, во игра се повеќе политички, отколку правни аргументи. Под лупа е одлуката на Специјалното јавно обвинителство да се откаже од обвинителниот акт за случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите се и Зоран Заев и Зоран Верушевски.
Потегот на СЈО во овој текст се разгледува критички и притоа се тврди дека „Правната фела реагира – потегот на СЈО е преседан“. Во ред, но каде се изворите за таквите наводи? Се споменува „фела“, односно бранша, адвокати, познавачи, но откако внимателно ќе се прочита написот и ќе се изгледа видеоматеријалот, се утврдува дека нив едноставно ги нема. Не е изненадување ако разни правници во земјава имаат различни мислења за одлуката на СЈО, но проблем е ако тие поинакви ставови ние не ги гледаме во текстовите, кои, пак, се повикуваат на нив, како што е случај со материјалот што го рецензираме. Тоа не е само површност и недоволен ангажман, туку говори и за необјективност и за тенденциозност. Зошто би се криеле или штителе евентуалните извори? Ова не е пробивање на информации, туку едноставно спротивставување на гледишта. И, воопшто не е одржлива генерализацијата дека „правната фела реагира“, зашто има дијаметрално спротивставени позиции на овие наводни гледишта и тоа се именувани извори и јасно посочени соговорници.
Експертите со различни ставови во врска со повлекувањето на обвинителниот акт за предметот „Пуч“ (ТВ „Алсат“, 19.01.2017)
Реакции за повлекувањето на случајот „Пуч“ (ТВ „Телма“, 18.01.2017)
А ЗОШТО СЈО ДОНЕЛО ТАКВА ОДЛУКА?
Понатаму, не е добро сработен делот за објаснувањето на СЈО зошто е донесена таква одлука, туку наместо на сегашноста, се фокусира на минатото. Да, треба да се потсети на поранешни изјави, ама не на сметка на основната информација која е објаснување на чекорот на Катица Јанева.
„Ова Јавно обвинителство со поднесок што во текот на денешниот ден ќе биде доставен до Основниот суд Скопје 1 Скопје, се откажа од обвинителниот акт за предметот познат во јавноста како „Пуч“ од причина што фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки ’Таргет’ и ’Тврдина’“. (СЈО, 18.01.2017)
Но, наместо добро сработена главна вест, имаме коментаторски пристап, кој не само што не придонесува за квалитет на четивото, туку дополнително го урнисува.
„Иако платената шарена револуција, палеше, демолираше и ја напаѓаше полицијата, по аболицијата на Претседателот Иванов, сепак останаа неми по ваквата, условно речено, аболиција на Заев од страна на Специјалното Јавно Обвинителство“.
Плус, имаме и пристрасност.
Значи, без прецизни извори (за главната вест), без соодветен ангажман и посветеност, без објективност и без содржинско пренесување на главната информација… А така, добар производ не бива.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
виртуелни
анонимни
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови