Со недоличен речник кон дното
Објавено во Рецензии
on 19 - 12 - 2016 Автор: Александар Пешев[Рецензија: Јовановски до Ванхауте: Би ти препорачал да си најдеш џамче од пелистерка]
Самата одлука за пренесување на фејсбук-статус полн со вулгарности кои се граничат со говор на омраза го прави медиумот соучесник во ширење нетрпеливост и во вулгарно дискредитирање на неистомислениците, во конкретниот случај еден странски дипломат. Објавата го допира дното, а мотивот за нејзиното објавување создава сомнежи за политичка пристрансост.
Линк до оригиналниот напис: Јовановски до Ванхауте: Би ти препорачал да си најдеш џамче од пелистерка
Датум и време на објавување: 14.12.2016, 17:55
Датум на рецензирање: 16.12.2016
Рецензент: Александар Пешев
ГОВОР ПОЛН СО ОМРАЗА
Стандардите јасно диктираат дека новинарот е должен да ја негува културата на говорот и етиката. Членот 15 од Кодексот на новинари дополнително забележува дека неспојлива со новинарската професија е непримерната комуникација. Оттука, објавата која содржи вулгарен напад кон личности и групи не може во ниту еден момент да се нарече новинарски текст. И покрај тоа што самиот медиум не употребува непримерни зборови (туку пренесува), одлуката да се прикаже цитат полн со вулгарности го прави порталот соучесник во недоличната комуникација со јавноста.
Воведот на текстот содржи коментар. Поточно, во самата најава дека ќе се цитира објава на социјалните мрежи се изнесува неоснована и недокажана констатација:
„Македонски театарски, филмски и телевизиски актер Владо Јовановски, на Фејсбук објави статус по повод повторното мешање на Питер Ванхауте во политичките случувања во државата“.
Се поставува прашањето врз основа на што е утврдено дека Ван Хауте се мешал и повторно се меша во политичките случувања во земјава? Но, тоа не е најспорниот дел од објавата.
Цитираниот „фејсбук-статус“ содржи вулгарности јасно насочени кон лична дискредитација на поранешниот посредник во спроведувањето на Договорот од Пржино за излез од политичката криза. Би било непримерно да се цитираат овие елементи од текстот, согласно професионалните стандарди за пристојност во изразувањето, што го отвора и прашањето зошто медиумот одлучил истите да ги пренесе интегрално?
Имајки предвид дека цитатот е насочен кон напад на личност чии настапи биле и сè уште се критички кон политичката гарнитура која била на власт, одлуката за интегрално пренесување на вулгарностите создава основан сомнеж за политичка пристрасност. Вулгарностите се директно насочени кон навреда на една личност и индиректно ги навредуваат трансродовите лица и група на жени, со што објавата е на граница на говор на омраза, а одлуката на медиумот да го пренесе ставот на актерот придонесува за потенцијално ширење на омразата и за создавање нетрпеливост.
Сè на сè, имаме непрофесионална објава, која не ги задоволува основните новинарски стандарди на културата на изразување и создава потенцијал за ширење омраза.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
целосно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
дискриминира
национална дискриминација, полова дискриминација, дискриминација според сексуална ориентација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови