Со леснотија истурени навреди, клевети и омраза
Објавено во Рецензии
on 1 - 12 - 2016 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Охриѓани до Шеќеринска: Мрш шиптарко една, замини си – кои сте Вие да наметнувате двојазичност]
Овој материјал со невидена леснотија се „расфрла“ со навреди, клевети и со обвинувања. Во него има сè што никако не смее да содржи еден професионално сработен текст: недоличен говор со елементи на дискриминација и на омраза, непроверени информации, пристрасност, коментар… На читателите не им се нуди ниту еден саглам аргумент или доказ дека „настанот“ за кој се пишува навистина се случил.
Линк до оригиналниот напис: Охриѓани до Шеќеринска: Мрш шиптарко една, замини си – кои сте Вие да наметнувате двојазичност
Датум и време на објавување: 26.11.2016, 15:50
Датум на рецензирање: 30.11.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
НЕДОЛИЧЕН ГОВОР
Сериозен проблем во текстот се погрдните зборови од кои прозвучува говор на омраза, но и дикриминација по национална линија. Ваквата интонација, секако, можела да се избегне, но очигледно дека недоличните зборови се намерно употребени:
„Додека Шекеринска делела изборен материјал на СДСМ во охридската чаршија, еден од присутните кој седел на маса и на кого Шекеринска му пришла, револтирано го фрлил предизборниот памфлет на СДСМ насловен како „Планот на СДСМ“ и и’ се обратил на Шекеринска со зборовите „Мрш, замини си, кои сте Вие да наметнувате двојазичност шиптарко една…“
Но, имало ли навистина испад во кој, како што ни се пласира, вториот човек на СДСМ бил набркан од некој жител на Охрид? Овој напис нема да помогне да дојдеме до вистината. Ни се раскажува за тоа дека нервозен охриѓанец остро ѝ префрлил на Радмила Шекеринска да си оди од градот оти социјалдемократите наметнувале двојазичност. Можеби е така, а можеби не. Станува збор, наводно, за сериозен инцидент кој, ако веќе се решило да се објави, требало да биде добро обработен и спакуван. Каде се изворите што ќе ја поткрепат приказната? Тука, за жал, не ги гледаме. Исто како што не може да се видат очевидци, ниту, пак, формулации за т.н. „наши, анонимни извори“.
Без добра основа и поткрепа оваа „информација“ вреди исто колку и вчерашна новина, а тоа е ништо. Не може рекла-кажала да се пласира како вистинска информација. За вест треба исполнување на низа услови, а не само чисто шпекулирање. Еден од темелните принципи на новинарскиот Кодекс укажува дека:
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Не ќе било лошо и да се завртел телефон, па да се прашала засегнатата политичарка дали и што навистина се случило. Но, во материјалот пред нас нема основна проверка на вистинитоста на информацијата, а камоли втората страна!
Малку и за манипулацијата…. Во текстот јасно се нотира дека еден охриѓанец, наводно, вербално ѝ се нафрлил на заменик-претседателката на СДСМ, а во насловот се „продава“ масовност, па се вели: „Охриѓани до Шеќеринска…“
НЕГАТИВНИ „ЕПИТЕТИ“ КАКО ПРИНЦИП НА РАБОТА
Генерализацијата не е злоупотребена само во насловот, туку и во воведниот параграф, кој е чист коментар, повторно „накитен со епитети“ кои апсолутно немаат место во еден текст кој би претендирал да се карактеризира како професионален.
„Револтот на охриѓани од присуството на Шекеринска во нивниот град е уште една потврда за цврстата одлучност на граѓаните против двојазичноста и федерализацијата која што антимакедонската партија СДСМ на чело со аболицираниот криминалец и балист, Зоран Заев сака да ја наметне во Македонија“.
Видовме дека е долга листата на сè што е прекршено во овој текст. Прашањето е што е задоволено од професионалните критериуми? Како што може да се види од приложеното – речиси ништо!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
национална дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
поврзан со тагови