„Силни“ медиуми, а уште помлитава јавност
Објавено во Анализи
on 23 - 09 - 2015 Автор: Дејан Донев
Јавноста, освен што е простор во кој се преплетуваат сферата на општеството и сферата на државата, истовремено е и поле кое овозможува слободна комуникација меѓу луѓето и протек на информации. Во оваа смисла, од широчината на сферата на информирањето истовремено зависи и димензијата на сферата на јавноста, како симболично место за дискусија за прашањата што се однесуваат на заедничкото добро. А, местото кое сега го заземаат медиумите во глобални рамки во тој простор на јавноста, сѐ уште ја прави можна дискусијата за работата на разни политички власти во општеството!
Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите
Бидејќи основната функција на медиумите, а со тоа и на новинарството, е известување на јавноста за сите важни факти од реалноста, неопходни за осознавање на светот во кој живееме, без што човечкото однесување не е можно ефикасно да се оствари, медиумите, а со тоа и новинарството, новинарите дораснаа да бидат и окото и увото кое ја гледа и ја ослушнува јавноста и јавниот дух – тие се пренесувачи, посредници и критичари во општеството и во државата, т.е. ги пренесуваат пораките, посредуваат како надворешна обвивка помеѓу власта и граѓаните и критички ги проценуваат јавните пораки, но и општествените и животните проблеми. Но, дали и во колкава мера и во Р. Македонија?
Во согласност со досегашните анализи на медиумските состојби кај нас, се открива една дијаметрално спротивна слика, антиподен момент – изневерена доверба на јавноста во однос на она што ѝ се нуди од медиумите: забава наместо информација, сензација наместо суштински информации, па дури и пропаганда наместо слобода на информирањето, т.е. креирање нов конверзациски свет за политичко потсмевање наместо критичко проучување на реалната слика и проблемите во кои сме! Наместо да бидат „кучиња чувари“, чија задача е да ги предупредуваат граѓаните секогаш кога ќе се случи злоупотреба на власта, а е произлезена од нивната суштинска и првична функција како независен фактор на институционализираната слобода – да ја контролираат државната власт и да создаваат противтежа со помош на принципот check and balances, истите стануваат нивни содружници кои забораваат дека се контрола и критика на политичките, економските и на културните настани. Уште повеќе, стануваат нивна рекламна експозитура која со манипулативни техники наметнува прецепција во вид на факт, наместо информација или барем нејзина објективна анализа! Во прилог, еве еден класичен случај од неделното вечерно издание на ТВ-дневникот на ТВ „Сител“, т.е. прилогот „Какви разговори и планови кријат од СДСМ од нас“, на Љупчо Златев, а во пакет со овој случај може (но, заради просторот на оваа анализа истиот ќе го оставиме за следниот пат) да се анализира уште повеќе и начинот на презентирање на информациите во еден централен ТВ-дневник.
КОМПИЛАЦИЈА, НАМЕСТО ИНФОРМАЦИЈА
„Прилог“ пребогат за анализа во согласност со критериумите на етичното новинарство. На прв поглед, во истиот прилог (ако воопшто постои таква новинарска класификација и за овие материјали) постојат најмалку пет причини или повреди на моралното, односно професионалното работење. Но, бидејќи не се анализира авторот, а најмалку сега презентерот на прилогот, ќе се задржам само на неколку точки во однос на трендот. Најпрво, истиот не нуди информација, туку компилација на извадени изјави од контекст без наратив (фрагменти од изјавите на Александар Тортевски, Гордан Калајџиев, Зоран Заев, Оливера Трајковска од разно-разни ТВ-гостувања и емисии) со јасно однапред определена цел, а која се претставува или во најмала рака се граничи со манипулативните техники и пропаганда. Наместо информација, нуди негативна реклама!
Едновремено, она што е премногу евидентно од самата содржина е дека повторно и повторно се прави злоупотреба на медиум за пресметка со личности од страна на новинар/и за кои нивната „професионална“ практика покажала дека не знаат да направат професионална дистанца од политичкиот субјект, слично на многумина кои сметаат дека „СРЕЌЕН РОДЕНДЕН: На денешен ден Сашо Мијалков полни 50 години!“ е од јавен интерес како информација и во согласност со тоа наместо информација, се прави и ѝ се презентира на јавноста реклама, т.е. облик на рекламен ТВ-спот.
Следно, јазикот кој се користи и во најавата на прилогот, но и во извадените од контекст изјави, е со однапред лимитиран опсег на пристојност и тоа само за негативно профилирање на личности од јавниот живот на основа на политички разлики, а што предизвикува и креира поделба на ние-тие (во согласност со уверувањата на авторот дека така најдобро ќе ја постигне својата цел).
Исто така, материјалот кој беше презентиран не е ништо друго освен обид за ширење сензационализам на база на нејасна теза, со неизградена аргументација и преку намерно искривување факти, што говори дека е направено погрешно поставување на темелот во аргументирањето, а оттука сосема искривено извлекување на заклучоците и нивно наметнување како факти, а впрочем тие се само новинарски (авторови) перцепции и ништо повеќе! Во овој контекст, вадењето фрагменти од изјави од контекст, како и во секој таков случај, освен што има цел да го сврти вниманието на јавноста во насоката посакувана од авторот, истиот во овој случај имаше цел вознемирување на јавноста и повреда на нејзиното чувство за пристојност.
КАКОФОНИЧНО ПОВТОРУВАЊЕ НА ФРАГМЕНТИ
Прикажаниот материјал направи повреда и на правото на персонален идентитет на посочените лица во него, преку какофонично повторување на фрагменти од изјави надвор од контекст од типот: „600.000 разговори“ или „овој струмички сељак…“. Со тоа, во делот на достоинството, честа и угледот се прави омаловажување и понижување преку предвремено етикетирање на основа на политичките разлики, но и дискредитација на нивното место, репутација, функција во општествениот живот. Во континуитет, повторно наместо да се има преиспитување на авторитетот на одредена партија, лидер, активни општествени чинители…, преку критичко поставување прашања и аргументирање преку дебата или барем да се изготви претходна критичка анализа и да се направи солидна подготовка и обработка на информациите, јавноста, како и секогаш, беше навредена и ѝ се отсече можноста за критичко размислување и за дебатирање, со нејзиното сведување на гола маса секогаш спремна за апсорпција на сѐ!
Накратко, во резиме, ако во средишното место во етиката на новинарството е самиот новинар како морален субјект со сопствен индивидуален морал и кој дејствува во комплексен однос во својата професија со сите други актери во масовните медиуми, тогаш како што истиот сноси морална одговорност за сопствената дејност пред судот на својата совест, но и од другите актери во масовните медиуми, така сноси и пред судот на јавноста. А, таа секако дека или ќе го оценува во согласност со извршената морална должност да ги следи медиумските специфични морални норми и обврски на професионалната етика. Е, ова е нашата медиумска реалност во која доколку јавноста, публиката не се сфати себеси за еден од трите актери во креирањето на истата, дотолку полошо ќе биде за заедништвото!