Што сè не ќе слушне јавноста до формирање на новата влада?!
Објавено во Рецензии
on 24 - 02 - 2017 Автор: Benjamin ArifiНапис: „Журнал“ дознава, „Тирана и Приштина“: Собранието да го води Aлбанец и Али Ахмети да биде претседател на Собранието!?
Посетата на европскиот комесар Хан во Скопје по сè изгледа ќе го промени дискурсот на преговорите за формирање на новата влада и за излез на земјата од кризата по изборите, која беше предизвикана поради разните околности во кои е вмешан и претседателот на државата, кој сè уште не ѝ го дава мандатот на партијата, на која, според Уставот, треба да ѝ го даде, туку им поставил услов да соберат 61 потпис како парламентарно мнозинство за да им припадне мандатот, откако Груевски не успеа да го состави владиниот кабинет, пишува „Журнал“.
Меѓутоа, добро информирани извори на новинската агенција „Журнал“ кажуваат дека има индикации функцијата претседател на Собранието да им припадне на Албанците и оваа функција да ја добие втората најголема партија на коалицијата, која секако ќе биде албанска партија предводена од Али Ахмети и токму лидерот на ДУИ ќе ја добие функцијата претседател на Собранието и ќе ја води највисоката законодавна институција во земјата.
Ова поради фактот што официјална Тирана и Приштина бараат Ахмети да ги одржи средбите со меѓународните претставници, со дипломати и со претседатели на држави токму во Собранието, а не во партиското седиште во Тетово. Со ова, ДУИ и фактички Ахмети, станува уште поважен фактор, иако секогаш се сметал за партнер од меѓународната заедница за надминување на кризите во земјава, а ДУИ за партија која секогаш била ориентирана кон северноатлантските структури.
[Рецензија: „Журнал“ дознава, „Тирана и Приштина“: Собранието да го води Албанец и Али Ахмети да биде претседател на Собранието!?]
Неретко во Македонија, во критични политички моменти, како што се преговорите за формирање влада кои во моментов се во тек, медиумите се искористени од политичарите за тие да тактизираат или да создадат што подобри позиции во преговорите. Друг дел од медиумите, од друга страна, поради нетранспарентноста на политичките партии, влегуваат во лавиринтите на шпекулации и објавуваат непотврдени и неосновани вести. И текстот што го рецензираме може да се гледа преку овие аспекти.
Линк до оригиналниот напис: « Журнал дознава » „Тирана и Приштина“: Собранието да го води Aлбанец, и Али Ахмети да биде Претседател на Собранието!?
Датум и време на објавување: 11/02/2017
Датум на рецензирање: 18/02/2017
Рецензент: Бенјамин Арифи
Во текстот не е успеано ниту со аргументацијата на насловот. Ова е така, бидејќи едно е да се одржат средби во Собранието како и сите други партии за време не посетата на европскиот комесар Хан, а сосема друго е земање на функцијата претседател на Собранието. Но, да одиме по ред.
„Меѓутоа, добро информирани извори на новинската агенција „Журнал“ кажуваат дека има индикации функцијата претседател на Собранието да им припадне на Албанците и оваа функција да ја добие втората најголема партија на коалицијата, која секако ќе биде албанска партија предводена од Али Ахмети и токму лидерот на ДУИ ќе ја добие функцијата претседател на Собранието и ќе ја води највисоката законодавна институција во земјата“.
За да се пласира текст околу една толку сериозна тема, не е доволен само еден анонимен извор, колку и да е „добро инфомиран“ според медиумот што го пласира. Како и за секој друг текст, но особено за политички прашања од голема важност, информациите треба да бидат потврдени од официјални извори и да бидат поткрепени со изјави од надлежни лица или материјални докази. Текстовите што се составуваат без ниту еден цитат и се засновани само врз „анонимни извори“, кои не се претходно одредени подетално и на професионален начин, се надвор од новинарските правила за информирање на јавноста.
„Ова поради фактот што официјална Тирана и Приштина бараат Ахмети да ги одржи средбите со меѓународните претставници, со дипломати и со претседатели на држави токму во Собранието, а не во партиското седиште во Тетово. Со ова, ДУИ и фактички Ахмети, станува уште поважен фактор, иако секогаш се сметал за партнер од меѓународната заедница за надминување на кризите во земјава, а ДУИ за партија која секогаш била ориентирана кон северноатлантските структури“.
Во содржината има обид поставената „теорија“ да се аргументира со фактот дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, одржал средба со европскиот комесар за проширување и добрососедство, Јоханес Хан, во просториите на Собранието. Но, овде има две нешта кои не се во ред. Прво, одржувањето на средбите во просториите на Собранието е нормално нешто за една парламентарна партија и нема ниту една врска со добивање или не на функцијата претседател на собранието. Второ, авторот намерно или ненамерно ја избегнал информацијата дека освен ДУИ, сите други парламентарни партии го пречекале Хан токму во просториите на Собранието.
Од ова произлегува дека еден анонимен извор и една нерелевантна информација, како оваа за местото на средбата Хан – Ахмети, воопшто не се доволни за да се аргументира текст што се обидува да докаже дека Ахмети е сериозен кандидат за претседател на Собранието, и тоа со настојување од официјална Тирана и Приштина.
Најмалку што требало да се направи во овој текст, доколку се имало таква информација, би било верификација на информацијата, прашувајќи ги главните ликови, во овој случај ДУИ и другата страна во преговорите. Можеле да се консултираат и познавачи на политичките околности во Македонија и да се обезбеди и трето мислење за ова прашање. Без соодветна верификација, од професионален аспект текстот останува само шпекулација, и тоа мошне сиромашна.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
other
извртување на вистина (спин)
можеби
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
не апликативно
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови