Шпекулативно и непроверено тврдење за нов симптом на коронавирус
Објавено во Рецензии
on 21 - 04 - 2020 Автор: Админ[Рецензија: Погледнете ги стапалата – нов симптом кој се појавува во раната фаза на коронавирусот]
Текстот изнесува тврдење дека е откриен нов симптом којшто го имаат заболените од кронавирусот. Но, ова тврдење не доаѓа од релевантен извор, па затоа може да се заклучи дека е шпекулативно и непроверено.
Во написот се тврди дека еден од симптомите кај некои од заболените од новиот вирус Ковид-19, наводно, се кожни манифестации, поточно лезии на стапалата, коишто личат на сипаници. Меѓутоа, за ваквото тврдење не се понудени прецизни извори и докази.
Линк до оригиналниот напис: Погледнете ги стапалата – нов симптом кој се појавува во раната фаза на коронавирусот
Датум и време на објавување: 17.4.2020
Датум на рецензија: 21.4.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Како извори на информацијата во текстот се наведени „шпански лекари“, но не е наведено за кои лекари станува збор, од која болница се, а нема ни податоци каде е оваа соопштено ниту кога. Конфузно во текстот е што прво се вели „шпанските лекари“, па „шпанските експерти“, па „дерматолозите“.
Освен „шпанските лекари“, како извор на информација стои и фразата „се вели во извештајот“. И повторно, исто како за докторите, нема ниту кој е извештајот, ниту кој го објавил, ниту линк до него за да се потврди веродостојноста на тврдењето.
Во текстот не е наведено ниту колкав број на пациенти заразени со коронавирусот го имале овој, наводно, нов симптом, ниту е понуден доказ дека овие кожни манифестации се како било поврзани со Ковид-19.
Вакви промени во кожата, не се наведени ниту од Светската здравствена организација како дел од симптомите на коронавирусот ниту ги има во извештаите од македонскиот Институт за јавно здравје.
Вообичаени симптоми на овој нов вирус, според СЗО, вклучуваат треска, замор и сува кашлица. Други помалку вообичаени симптоми се останување без здив, болки и воспалено грло. Најмалку вообичаени се дијареја, гадење или течење на носот. СЗО воопшто не наведува какви било симптоми поврзани со кожата.
Особено е важно јавноста во вонредна ситуација да биде информирана прецизно и точно, а медиумите да не ја користат ситуацијата за сензационализам и привлекување кликови.
Не секоја информација, соопштение, извештај, објава во странски медиум, колку и да изгледа интересна или невообичаена, заслужува медиумски да биде пренесена и понудена на јавноста како нешто потврдено. Вакви непроверени објави можат да створат контраефект и да предизвикаат паника и страв кај граѓаните. Луѓето со какви било манифестации на кожата, коишто можат да бидат од најразлични причини, по читањето на овој текст може да се исплашат и да помислат дека се заразени со вирусот. А, паниката кај населението е најмалку потребна во ваква тешка ситуација.
Јавноста треба со голема доза на резерва да ги зема овие текстови кои немаат релевантни извори, немаат конкретни податоци, немаат никакви докази за тврдењата и не се потврдени од официјални институции.
Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.