Шпекулација пласирана како целосна вистина
Објавено во Рецензии
on 21 - 09 - 2016 Автор: Владо Ѓорчев
[Рецензија: (ФОТО) ПРОПАГАНДИСТИТЕ ЛАТАС И ИВОНА КУПИЛЕ ДВА НОВИ СТАНА]
Имаме напис кој покажува елементарно непознавање во две категории, односно вест и коментар. Станува збор за класичен политички пристрасен и манипулативен текст, кој не содржи никакви извори и не нуди докази за да ги поткрепи изнесените тврдања, туку претставува чиста шпекулација. Насловот дури и не прашува, туку констатира, што е голем проблем.
Линк до оригиналниот напис: (ФОТО) ПРОПАГАНДИСТИТЕ ЛАТАС И ИВОНА КУПИЛЕ ДВА НОВИ СТАНА
Датум и време на објавување: 19.09.2016
Датум на рецензирање: 21.09.2016
Рецензент: Владо Ѓорчев
КАФЕАНСКИ МУАБЕТ
Проблематичната вистинитост во најголем дел се должи на крајното отсуство на извори на информации.
„Додека мнозинството граѓани плачат во контактни емисии, некој секој ден ги убедува дека Македонија е Швајцарија. Тоа е овој господин уредник на Вести и бизнисмен. Драган Павловиќ Латас. Додека едни новинари скапуваат по затворите, многумина новинари професионалци се на улица, некои чесно едвај доаѓаат до егзистенција, а други ги одработуваат агендите на власта за нецели 200 евра, оваа напредна уредничко-бизнисменска екипа Латас – Ивона Талевска таложат државни пари на семејно конто“.
Ова е чист коментар, шпекулација, без посочен извор. Доста проблематичен почеток на текстот кој не се труди да остави впечаток на вистинитост, туку ноншалантно пренесува кафеански муабети без „око да му трепне“.
Написот нуди фотографија, која нема легенда и не е објаснето што, всушност, се сака да се посочи со неа. Најверојатно, бидејќи дел од објектот е заокружен со црвен круг, се алудира на тоа дека, наводно, се работи за становите на Латас и на Талевска. Но, тоа не е јасно кажано.
ПОЛИТИЧКО-ПОЛТРОНСКА ОБЈАВА
Задача на новинарот не е да претпоставува, ниту да пренесува рекла-кажала информации, туку да истражува и на читателите да им ја пренесе вистината, поткрепена со факти и со докази, што не е случај со овој текст. Паушалната информација не може да се пренесе како факт, бидејќи така скроениот напис може, на пример, да биде плод на имагинацијата на авторот. Дури кога ќе се понудат два различни извора што ќе ја потврдат приказната, потоа ќе се приложат документи или искази од посочените личности, дури тогаш може да се говори за веродостојна информација.
Со начинот на кој е напишана и пласирана оваа медиумска содржина се прекршени повеќе одредби од Кодексот на новинари, меѓу кои членот 1, кој упатува на проверка на информацијата најмалку од уште еден извор, како и членот 13 кој укажува дека „новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.
За крај, многу е невкусно кога се пласира непотпишан, коментаторски текст во кој се одработуваат нечии политички агенди. Таквата содржина не може да се третира како професионален новинарски напис, туку многу повеќе наликува на политичко-полтронска објава.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови