Ширење омраза по етничка линија
Објавено во Рецензии
on 24 - 11 - 2016 Автор: Владимир Мирчески[Рецензии: АЛБАНСКОТО ГО ЗАВЗЕМА МЕСТОТО НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ: Штабовите на СДСМ се китат со албански знамиња – Македонското се поретко!]
Главната одлика на ова четиво е ширење хистерија по етничка линија. Опозицијата е „фатена на заб“ затоа што во некои нејзини изборни штабови покрај македонското е ставено и албанското знаме. Имаме „вест во низа“ – продолжување на медиумско-партиските обвинувања дека СДСМ одработува за албанските за сметка на македонските национални интереси.
Линк до оригиналниот напис: АЛБАНСКОТО ГО ЗАВЗЕМА МЕСТОТО НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ: Штабовите на СДСМ се китат со албански знамиња – Македонското се поретко!
Датум и време на објавување: 22.11.2016
Датум на рецензирање: 23.11.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
ТЕКСТ ПО ПАРТИСКИ НОТИ
Кампањата почна и, според очекувањата, почна црно и со ниски удари. Во конкретниот случај, опозицијата се обвинува за занемарување на македонските, а застапување на албанските интереси. Земен е еден пример и искористен како урнек за генерализирање и за извлекување општа констатација. Врз основа на една фотографија се тврди дека македонското знаме сè помалку го има во штабовите на СДСМ. Значи, една „фотка“ од еден штаб и, оп, ете заклучок.
„Како што тече кампањата, а и претходно, албанското знаме го завзема просторот на Македонското во штабовите на СДСМ и нивните очајни митинзи“.
Па, на фотографијата најголемото знаме е македонското, а вистина до него е албанското, ама помало. Го има, уште помало, и на масата. А што е проблем кога се знае дека објектот, според самиот текст, се наоѓа во област во која живее бројна албанска заедница?
Но, прашањето е уште подлабоко. Поточно, употребените формулации се на иста линија со оние што ги користи и владејачката партија дека СДСМ сака федерализација, дека работи на кантонизација, дека ќе ги задоволува големоалбанските интереси само за да дојде на власт, итн…
„Важно е да се сплотиме и да не дозволиме да бидеме жртва преку целта која СДСМ и Заев сакаат да ја остварат. Целта е комплетно редефинирање на Македонија и претворање на држава на кантони и федерални единки кои ќе имаат за цел распарчување и одделување од Македонија. Не викаат насекаде во Македонија, рече Груевски“. (Никола Груевски, 22.11.2016)
Некој како да не успеал да се дистанцира од политички субјект зашто очигледно е дека написот игра по партиски ноти. Тое е спротивно на членот 14 од Кодексот на новинарите кој вели:
Известувањето од политичките процеси, особено од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.
Утврдивме дека пристрасност има, ама има и нешто друго. Тоа е невистина. Се вели дека имало неуспешен обид за митинг на Заев во Аеродром. Па, како што пренесоа повеќето медиуми, а тоа и го аргументираа со слика и со видеоснимка, собир во Аеродром имаше.
ИНФОРМАЦИЈА „ПАДНАТА ОД НЕБО“
Како капак на сето, во написот се наведува и информација која е како од небо падната, за наводен инцидент во кој подебелиот крај ќе го извелечел опозиционер – кандидат за пратеник на собир во Тетовско. Од далеку се гледа дека тој дел е само накалемен како некаква си поддршка на основната вест, иако е крајно дикутабилен и неговата вистинитост е под знак прашалник. Но, тенденцијата е очигледна – да се прикаже дека опозицијата „игра“ на албанска карта, наспроти патриотизмот на власта. Сценариото што се нуди во четивото, а кое како да е позајмено од друг медиум, е всушност чиста тактика за ширење хистерија заради мобилизирање на сопствените партиски редови и можеби демотивирање на оние кои се „кршат“ каде да го дадат својот глас на 11 декември.
Ова е текст на кој не треба многу да се троши време зашто, според приложеното, излегува дека е само продолжение на стратегијата за оцрнување на политичкиот противник по сите линии, вклучувајќи ја и етничката.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
делумно
делумно
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
селективно наведен автор (извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
национална дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови