Сервисот за проверка на факти во медиумите на POINT30 конференцијата во Сараево
Објавено во Активности
on 29 - 05 - 2014 Автор: Vladimir PetreskiОд 22-24 мај во Сараево се одржа третата ПОИНТ меѓународна конференција во организација на невладината организација Zastone, на која учествуваа локални, регионални и меѓународни организации, кои делуваат на Балканот, во Источна Европа и пошироко. Темата на конференцијата беше „Политичката одговорност и новите технологии“ и таа содржеше бројни презентации и работилници, густо набиени во тродневната програма, при што предавачи, покрај од регионот, имаше и од САД, Украина, Русија, Египет и многу други земји.
Неколку од поинтересните презентации се однесуваа на новите интернет техники кои беа употребени за првпат во кампањата на актуелниот претседател на САД, Барак Обама, а кои ги објасни директорот за новите технологии на кампањата, Мајкл Слаби, како и интернет техниките употребени во кампањата на познатиот руски блогер, активист и опозиционер, Виктор Навални, при неговото кандидирање за градоначалник на Москва на ланските локални избори во Русија. Ова го презентираше Катерина Патјулина, која беше задолжена за интернет кампањата на Навални.
Во изминатата година, тектонски политички поместувања, изразени преку масовни демонстрации имаше во Украина и Турција, а претходно и во Египет. Од сите овие земји имаше претставници кои говореа за улогата и употребата на интернетот во организацијата на масовните демонстрации и политичките промени во овие земји.
Една од панелистките од Украина беше Ана Бабинец, која го покрена проектот YanukovychLeaks со кој од езерото во близината на резиденцијата на поранешниот претседател на Украина Виктор Јануковиќ со помош на нуркачи биле извадени 200 класери со документи, фрлени таму со цел да бидат уништени, но кои пота се систематизирани и објавени на Интернет.
За настаните во Турција говореа професорите Асли Тунц и Еркан Сака, и двајцата од Билги Универзитетот во Истанбул, при што ба објаснети промените што ги предизвикаа масовните демонстрации во Гези Паркот во Истанбул.
На панелот со наслов „Како вистината влијае врз изборите“ говореа Абас Адел и Хатјам Монес, објаснувајќи ги проектите во изградбата на новиот Египет и тоа употребувајќи дигитални техники како краудсорсинг, дигитална партиципација и визуелизација на податоци.
На конференцијата, веднаш првиот ден, во главниот панел, од страна на проект–координаторот Филип Стојановски, беше претставен и Проектот за проверка на факти во медиумите, при што презентацијата предизвика голем интерес, веројатно најголем во однос на другите презентации од панелот. Доказ за тоа беше фактот што Филип требаше да одговара на убедливо најмногу прашања од публиката споредено со сите други панелисти, а кога на платното се појави слајдот со главните точки од методологијата на проектот, редица фотоапарати на мобилните телефони на присутните веднаш ја фотографираа, а со цел проектот да го пресликаат во своите земји. По презентацијата, во лични средби со претставници од повеќе невладини организации, бевме во можност да го објасниме проектот и да понудиме помош при негова имплементација во било која земја од регионот и подалеку.