Пропаганда и непотребен триумфализам
Објавено во Рецензии
on 30 - 12 - 2016 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ГО ПОРАЗИ СДСМ: Не можете да ја украдете волјата на народот – ВМРО-ДПМНЕ е мандатар!]
Кога се чита текстот, човек не е на чисто за што станува збор, дали е ова медиумско писание или стилизирана веризја на прогласот на ВМРО-ДПМНЕ. Сите политички фрустрации и стравови од исходот на прегласувањето во Теарце се како од синџир пуштени, целосно е изгубена границата меѓу тоа што е напис, а што партиски памфлет со пропагандистичка мисија. Ова е материјал што ги урива безмалку сите критериуми и стандарди на професијата како да се кугларски кегли. Со други зборови, станува збор за партиско-медиумски „булдожер“.
Линк до оригиналниот напис: МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ГО ПОРАЗИ СДСМ: Не можете да ја украдете волјата на народот – ВМРО-ДПМНЕ е мандатар!
Датум и време на објавување: 25.12.2016
Датум на рецензирање: 27.12.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
СТАНДАРДИ УРНАТИ КАКО КЕГЛИ
Од каде да почнеме попрво?! Ајде од невистинитоста. Значи, опозицијата не доживеа пораз на прегласувањето во Теарце, напротив резултатот е во корист на СДСМ во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Ако веќе сакаме да бидеме прецизни, тоа мора да се нотира. Друго прашање, секако важно, е какво влијание ќе има триумфот на СДСМ од нецели 100 гласа на ова едно избирачко место? Одговорот е никакво. Значи, останува распоредот на мандати од претходно – ВМРО-ДПМНЕ – 51, СДСМ – 49. Сепак, има време до тоа кој ќе го добие мандатот, така што малку е преурането да се пишува за тоа кој е мандатар.
Но, при констатирањето на таквата ситуација, зошто морало толку да се инсистира на триумфализам, на силни епитети за едната и на уште посилни критики за другата страна, кои не смеат да бидат во едно четиво што треба да даде објективен приказ на политичката состојба. До таму се одело што дури на целиот процес на гласање во Тераце му се дава невиден партиски шмек и изедначување на сите тамошни избирачи како да се за иста политичка опција. Па, само погледнете ја приложената фотографија – монтажа, врз партиските бои на ВМРО-ДПМНЕ, испишано е Теарце.
А каде е објективноста? Замината по ѓаволите!
Известувањето од политичките процеси, особено од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти, член 14 од Кодексот на новинари.
Работава е „цело Теарце е вмроовско село“! Според тоа како е замислен и реализиран текстот, изгледа дека за некого тоа навистина е така. Спин, ама од лош вид, кога во манипулацијата почнува да верува и тој што го напишал.
„Не можете да ја украдете волјата на народот. Ова е пораката која вечерва ја испратија жителите на Теарце, кои ја потврдија победата на ВМРО-ДПМНЕ со освоен 51 пратенички мандат и ја потврдија волјата на народот“.
За какво крадење на волја станува збор? Зар искористување на сите правни можности и законски и правни лекови, како што се приговори до ДИК и тужби до Управниот суд, се обиди за крадење избори? Чекајте, ако ова за некого е крадење нечија волја, наводно народска, па што беа тогаш трите изборни круга во Центар за локалните избори во 2013 година сосе цел Пустец?
Пристрасност, значи, има, ама премногу. За ваквиот тип четива, пристрасноста речиси секогаш оди рака под рака со коментарите, кои во никој случај не придонесуваат за квалитет.
„Жителите на Теарце не потклекнаа на обидите на СДСМ и Зоран Заев да ја фалсификуваат волјата на народот, изразена на изборите на 11-ти декември. Со прегласувањето во Теарце, се стави печат на исклучителнo важнаta победа на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Ниту притисоците директно од СДСМ, ниту разни надворешни влијанија и притисоци од странски амбасади, ниту обидите за поткуп и видливиот постизборен инженеринг не беа доволни СДСМ да ја фалсификува волјата на народот и да ја украде победата преку ова прегласување“.
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот, вели членот 13 од Кодексот на новинари.
Се зборуваа за притисоци, надворешни влијанија…. Сериозни обвинувања без докази. Нула аргументираност, а што да се очекува од текст без јасно именувани извори на информации.
Очигледно е дека имаме работа со напис чија цел е пропагандата и триумфализмот, а дури потоа евнтуалното информирање. А за запазувањето на стандардите, па и воопшто да не зборуваме.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови