СЕММ: Повеќе од 120 жалби за неетичност на медиуми
Објавено во Актуелности
on 1 - 07 - 2016 Автор: AdministratorСоветот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во изминатата година и половина има добиено повеќе од 120 жалби на различни основи, беше соопштено на денешната прес-конференција на СЕММ. „Бројката на пристигнати жалби и интересот на граѓаните, но и на другите организации и институции влева надеж дека саморегулацијата како процес може да влијае позитивно врз подобрувањето на медиумскиот систем во земјата, кој во моментот е во криза од аспект на професионализмот и етиката“, информира Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при СЕММ.
Основите за поднесување жалби се различни, а најчесто се однесуваат на неточно и нефер известување, говор на омраза, дискриминација, незастапена втора страна, нарушување на приватноста, како и на мешање факти и мислења. Страни кои најчесто се жалат се граѓани, граѓански организации, новинари и политичари.
„Сепак, потребно е уште време да се научи што е саморегулација, а што регулација. Тоа го мешаат и новинарите и граѓаните, а особено политичарите“, рече Драган Антоновски, претседател на СЕММ.
Само мал дел од жалбите се решени преку посредување, што потврдува дека медиумите сè уште пружаат отпор да ги признаат грешките во известувањето. „Во исто време, тука е и проблемот со необјавување на одлуките, кој и понатаму постои“, истакна Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ. Таа нагласи дека сè уште е потребно да се работи активно на информираноста за ефектите на саморегулацијата, а за остварување на оваа цел, СЕММ доби поддршка од УНЕСКО и од ЕУ, во рамки на проект за промовирање на слободата на изразување и информирање и за зајакнување на механизмите за медиумска саморегулација, кој ќе се реализира во текот на годинава.