СЕММ апелира на одговорност и на коректно известување за изборите
Објавено во Актуелности
on 22 - 11 - 2016 Автор: AdministratorПонеделник, 21 ноември 2016, 8.03 часот, Совет за етика во медиумите на Македонија
Со почетокот на изборната кампања во Република Македонија, Советот за етика во медиумите (СЕММ) апелира за целосна професионална одговорност во новинарството, промовирање партиципаторен политички процес и континуиран пристап на јавноста до релевантни и веродостојни информации.
Медиумите не треба да дозволат да бидат манипулирани од политичарите и од другите актери во изборниот политички процес, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и врз граѓаните на Република Македонија.
Повеќе од кога и да е, постои потреба од балансирано и коректно известување за на јавноста да ѝ се овозможи да го разбере и да учествува во политичкиот процес.
Очекуваме од медиумите да не поттикнуваат разлики и поделеност меѓу луѓето, туку да бидат посредник и платформа за активен дијалог, а во тоа да се предводат од принципите на професионално известување. Во овој контекст, повикуваме на доследно почитување на Повелбата за етичко известување за изборите, која ја потпишаа најголем дел од медиумите во државата уште во февруари годинава, но во практика таа не беше доследно почитувана. Истото се нотираше и во годинешниот Извештај на Европската комисија за напредокот на РМ, во кој, меѓу другото, силно се истакнува потребата од развивање култура на професионална етика во медиумите.
Уште еднаш потсетуваме и повикуваме на доследно почитување на принципите на Повелбата за етичко известување за изборите:
– вистинитост и објективност;
– избалансираност;
– јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите;
– чесност и независност;
– професионална солидарност меѓу медиумите;
– уредувачка независност и професионален интегритет;
– почит и толерантност;
– слобода и одговорност.
На почитување на принципите на Повелбата и на Кодексот на новинарите ги повикуваме сите медиуми, а особено постоечките и идните членки на СЕММ, чие активно членство во Советот ќе зависи токму од оваа определба.