Сексуалната приватност наспроти јавниот интерес
Објавено во Анализи
on 11 - 02 - 2013 Автор: Жарко ТрајаноскиПишува Жарко Трајаноски, м-р по човекови права
Текстот е достапен и на албански јазик: Privatësia seksuale kundrejt interesit publik |
Дали новинарите можат да собираат податоци за сексуалната ориентација на други новинари и да објавуваат листи со новинари-хомосексуалци?
Сексуалната ориентација е личен податок
Според Дирекцијата за заштита на личните податоци, сексуалната ориентација е личен податок, а податоците за сексуалниот живот спаѓаат во посебните категории на лични податоци за кои е предвидена посебна заштита. Законот за заштита на личните податоци овозможува „професионалното новинарство во согласност со етичките правила на оваа професија“ да врши обработка на лични податоци „само во случај ако јавниот интерес преовладува над приватниот интерес на субјектот на лични податоци“.
Според новинарскиот кодекс на Здружението на професионални новинари, новинарите треба да бидат свесни дека „собирањето информации може некому да му нанесе штета или да му предизвика нелагодност“:
„Нарушувањето на нечија интима е оправдано единствено во случаи кога се работи за повисок јавен интерес“.
Според кодексот на ЗНМ:
„Новинарот ќе ја почитува приватност на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес“.
Исто така, „Прирачникот за етика во новинарството“ на ЗНМ експлицитно нагласува дека:
„Информациите за сексуалната определба… не смеат да бидат објавени без дозвола, освен доколку постои недвосмислен јавен интерес тоа да биде направено.“
Имајќи ги предвид горенаведените одредби, можеме да го преформулираме првичното прашање: Му служат ли на повисокиот јавен интерес новинарите кои собираат и објавуваат податоци за сексуалната ориентација на други новинари без нивна дозвола?
Јавниот интерес наспроти сексуалната ориентација
Хипотетички, може ли нечиј сексуален живот да биде тема од општ интерес? Дали прашањето „Има ли хомосексуалци кај … ?“ може да поттикне дебата од општ интерес? Одговорот на обете прашања е потврден, барем ако се има предвид досегашната практика на Европскиот суд за човекови права, кога одлучува за повреди на правото на приватност.
Според судот, тоа што претставува тема од општ интерес зависи од околностите. Судот досега има препознавано општ интерес во случаи кога објавените содржини покренуваат политички прашања, кривични дела, спортски прашања, но и кога засегаат изведувачки уметници. Следствено, новинарското прашање „Има ли хомосексуалци кај политичарите?“ може да поттикне дебата од општ интерес, особено ако станува збор за политичари кои јавно ја осудувале хомосексуалноста или ја попречувале борбата за сексуална еднаквост.
На пример, популарниот неделник „Newsweek“, на 7 јуни 2010 објавува сторија „Колку квир е ова?“, со образложение: „Зарем не е смешно колку проминентни конзервативци со антигеј минато се толку често фаќани во геј скандали?“. Притоа, „Newsweek“ објави листа од шест јавни личности како примери за политичари кои јавно застапувале антигеј ставови, а приватно имале сексуални односи со мажи (двајца од нив „јавно излегле од плакар“ откако биле фатени).
Во определени случаи, прашањето „Има ли хомосексуалци кај…?“ може да биде од јавен интерес не само кога станува збор за хипокризија кај политичарите, туку кога станува збор и за хипокризија кај свештените лица. Имајќи предвид дека црквата ја осудува хомосексуалноста, Европскиот суд за човекови права се согласува со оценката дека јавноста има право да биде информирана за поведението на црковните достоинственици кое е во директна спротивност со споменатата црковната позиција. На пример, јавноста има право да биде информирана доколку такво „контрадикторно“ поведение се случува во институција каде што се тренираат идни свештеници, помеѓу идни свештеници и нивни надредени. Но, и покрај тоа што судот наоѓа јавен интерес во пишувањето на оваа тема, сепак, во случајот Rothe vs. Austria пресудува дека правото на приватност на еден свештеник било повредено кога еден австриски магазин објавил фотографија на која е покажано како разменува француски бакнеж со негов студент. И покрај тоа што издавачот на суд извел сведоци кои тврделе дека свештеникот повеќепати разменувал француски бакнежи на божиќна забава, судот во Стразбур оценува дека објавената фотографија изложила интимен детаљ од приватниот живот на свештеникот, кој не бил јавна личност пред објавувањето на контроверзната фотографија.
Значи, во одредени случаи, дури и кога новинарот/новинарката има јавен интерес да пишува на одредена тема, со изложувањето на интимни детали од приватниот живот тој/таа ризикува да повреди нечие право на приватност.
Повреда на сексуална приватност без јавен интерес
Но, да се вратиме на непотпишаниот напис „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите?!“. Наспроти правото на сексуална приватност, има ли недвосмислен јавен интерес во повикот на дневниот весник до граѓаните да се вклучат во правење листи на „новинари-хомосексуалци“? Доколку прашањето e „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите што јавно ја осудуваат хомосексуалноста?!“, тогаш би било од јавен интерес, исто како и прашањата „Има ли хомосексуалци меѓу политичарите/свештениците што јавно ја осудуваат хомосексуалноста?!“
Во случајов, има премногу околности кои укажуваат дека медиумот не се употребува за да се отвори дебата за прашање од јавен интерес, туку дека се злоупотребува за пресметка со новинари-колеги. Повикот до граѓаните да се вклучат во правење листи на „новинари-хомосексуалци“ може да се толкува како повик за изнесување лични податоци кои се посебно заштитени со закон. Без недвосмислен јавен интерес, таквиот повик поттикнува дискриминација врз основа на сексуална ориентација, што е спротивно на новинарскиот кодекс. Клучен показател за поттикнување дискриминација се објавените коментари на читателите. Во коментарите отсуствуваат аргументи, а доминираат негативни стереотипи и предрасуди, како и говор на омраза и нетолеранција, кои се вознемирувачки како за новинарите, така и за геј лицата. Токму затоа, сензационалистичкиот напис „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите?!“ беше оправдано осуден не само од Здружението на новинари на Македонија, туку и од други организации за заштита на човековите права на ЛГБТ лицата.