Саше Политико: Се надевам дека ќе продолжат да бегаат никаквеците!
Објавено во Новинарски лекции
on 13 - 07 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
Јас не користам ракавици. Отворен сум и брутален и не работам за никого. Може некому личам на шоумен и на дворски шут, но не може на сите да им се допаднеш, добро е да имаш голема група обожаватели, да спиеш мирно и да сметаш дека работиш чесно, дека си на вистинската страна во битката. Јас ги имам овие неколку работи, а се надевам дека во иднина ќе дојде и финансиската сатисфакција за која сите работиме мачно и со многу енергија, вели Саше Политико во интервјуто за „Сервисот за проверка на факти во медиумите“.
Пишува: Ана Анастасовска
Саше Ивановски, попознат како Саше Политико, во новинарската бранша се појави пред неколку години на „Наша ТВ“ со неговата емисија „Политико“, во која на соговорниците им поставуваше непријатни и провокативни прашања, со што го привлече вниманието кај јавноста. Претходно, Ивановски, додека студираше на Електро-техничкиот факултет во Скопје, работел и во повеќе европски држави, како и во САД на брод, а потоа, по завршувањето на факултетот, одлучи да се врати во Македонија и да работи како новинар. Откако доби отказ од „Наша ТВ“, Ивановски го отвори порталот „Мактел“. Тој се обиде и да отвори дневен весник, „Политико“, но проектот, само седум дена по излегување на пазарот, пропадна поради финансиски причини. Последните месец дена е најактуелен со „фаќањето во заседа“ на политичарите од власта и на други јавни личности, поставувајќи им непријатни прашања.
Во последно време, актуелен сте со бркотниците со политичарите и со други јавни личности на кои буквално им скокате од заседа и ги бомбардирате со прашања? Од каде идејата за ваквиот начин на работа?
Ивановски: Ми изгледа логично. Вам ова не Ви изгледа логично? Ние сме новинари, има јавност која чека одговори, наместо да чекаме на политичарите да нè викнат на интервју, ние треба да им појдеме и да им поставиме прашања кои заслужуваат одговор. Не знам зошто е ова толку чудно. ДПМНЕ досега направи одлична финта како да ја замолчи јавноста. Прават тематски прес-конфеенции, што значи ништо и не можеш да ги прашаш од вчера и од завчера и пред тоа, што значи не можеш да ги прашаш за ниту една афера или скандал, со што тие практично ги закопуваат скандалите три метра под земја за 24 часа. Вака, со овој метод, Заев може да пукне 1001 „бомба“, но ефектот ќе биде мал затоа што ние немаме траење на тие „бомби“ од причина што пропагандата на ДПМНЕ го менува политичкиот контекст и темата на дебата за 24 часа и тие управуваат со темите за кои ќе се дебатира. Ние сите сме само овци кои одат по пастирот. Политичарите од ДПМНЕ речиси и да не одат на интервјуа и на дебати, одат на договорени ТВ-презентации во вестите на „куртонските“ телевизии и медиуми. Она што ме загрижува е што и кога ретко одат на некое интервју во критичка телевизија, интервјуата им се тематски, за темата на денот, а не се отвараат тешките прашања за кои се дебатира на големо во критичките медиуми, кои се како острови на јавната сцена. Моите акции ја кршат оваа бариера во која режимот се крие зад тематските прес-конференции, тајните појавувања во јавност само со одбрани медиуми и договорените или, пак, јалови интервјуа. Жалам што повеќе новинари не го прават ова што го правам јас. Во нормален свет не може да се замисли премиерот по сите негови скандали и скандали на неговите помошници и потчинети да си поминува толку глатко на прес-конференциите како ништо да не се случило. Новинарите блеат како телиња. Навистина, тоа ми е несфатливо.
Која Ви е целта да му влетате в лице на некој од власта и да го бркате со мобилен телефон, поставувајќи му прашања кога знаете дека ниту премиерот ниту, пак, некој од министрите не одговараат на ненарачани прашања? Мислите ли дека ќе добиете одговор или, пак, сакате само да ги провоцирате и можеби да се додворите некому?
Ивановски: Мое е да поставам прашање. Така тие, политичарите од ДПМНЕ, ДУИ и од ДПА или нивните медиумски или експертски проститутки, никогаш нема да можат да се вадат дека тоа прашање не им било поставено и дека, ако некој ги прашал, тие ќе го одговореле смирено, јасно и гласно и ќе демантирале сè што некој некогаш може да ги обвинува во иднина. Јавноста дознава дека прашањето му е поставено и дека тој избегал како кукавица. Народот сака кога политичарите кои го ограбуваат и го газат на секое поле, се соочени со незгодни прашања. Одговорот, кога е во вид на молк, е полн погодок. Молкот кажува сè. Ако некој некогаш се случи да застане и да почне да ми одговара, тогаш во себе ќе си речам: „Ох не, немој, треба да бегаш, зошто застана…“. Се надевам дека ќе продолжат да бегаат никаквеците. Ќе ми го растурат системот ако решат да застанат и да почнат да одговараат. Тоа, всушност, го направи еднаш портпаролот на владата, Александар Георгиев, и ме растури во дуел. Многу умен човек. Штета што работи за Груевски. Значи, не работи за доброто на Македонија.
Дали Вашите домашни и блиски Ве поддржуваат во тоа што го работите? Нели сметате дека го ризикувате својот живот, имајќи предвид дека во последно време зачестија заканите и нападите кон новинарите, а нападнат бевте и Вие, еднаш пред Вашата зграда, а неодамна и новинарот Јанко Илковски Ве нападна со спреј?
Ивановски: Домашните не се среќни премногу, загрижени се за мојата безбедност. И јас се плашам од претепување. Но, желбата да ги соочам со жестоки прашања криминалците од власта за мене е посилна од сè. Народот ме прима како херој на секој чекор. Тоа ми годи. Секако, има и погледи полни со гнев и по некоја пцост од симпатизери на ДПМНЕ.
Се сметате ли себе за гонзо-новинар и дали целите кон тоа да бидете прв ваков новинар во Македонија?
Ивановски: Читав за тоа пред некое време, има некои сличности, но не сум во целост свесен за тој правец во новинарството. Јас ова што го правам е микс на логика, храброст, принципи, ентузијазам и на емоции. Секако, две-три години живот во САД и во Велика Британија ми помогнаа да добијам самодоверба, затоа што таму видов колку се силни новинарите и како и претседатели и генерали и судии и музички и филмски ѕвезди им клекнуваат на колена. Новинарите се кучиња шарпланинци во западниот свет, кај нас се чкопени загари и пудлици!
Многу често во Вашите написи и колумни на порталот „Мактел“, кој е во Ваша сопственост, користите пцости и разно-разни навреди од типот „пичкици“, „педерчиња“, „курвички“ и слично? Што мислите дека постигнувате со ваквиот начин на изразување?
Ивановски: Зборовите постојат за да изразат емоција, мислење, да доловат нечија карактеристика. Значи, зошто сценаристите во драмите и во филмовите можат да користат таков речник? Зошто во музиката може таков речник? Зошто само во новинарството не може таков речник? Што, се плашиме ли дека нашите деца ќе пцујат? Па, ако се грижиме за едукацијата на нашите деца, тогаш ние треба да забраниме 90 отсто од медиумите затоа што тие промовираат проституција. Владата ги плаќа, а овие „пушат“. Тоа добро ли е за нашите деца и општество?
Дали сметате дека со ваквото пишување го спуштате нивото на професијата новинар?
Ивановски: Не, воопшто. Новинарот мора да биде читан, без тоа тој не е релевантен. Речникот и стилот се пакувањето, но суштината се тезите и ставовите. Моите ставови, според мене, се на висината на новинарството на моите идоли, Никола Младенов, Јадранка Костова, Ацо Кабранов, Катерина Блажевска, Ерол Ризаов, Џереми Паксман, Џо Скарборо, Александар Станковиќ, Џон Стјуарт…
Како ги коментирате нападите дека не сте новинар, туку обичен шоумен и дворски шут, кој сака да привлече внимание и да му се додвори на опозицискиот СДСМ?
Ивановски: Тие ставови се смешни и злобни. Јас не сум некој кој се додворува. Се додворува оној кој никогаш не повикал на оставка лидер на опозиција. Јас тоа го направив и со Бранко, а и со Заев кога сметав дека греши во работата. Сетете се што напишав за СДСМ по нивното појавување во новиот МНТ на прославата на „Дајнерс“. А, сетете се како молчеа тогаш тие што ме обвинуваат дека се додворувам. Јас не користам ракавици, отворен сум и брутален и не работам за никого. Може некому личам на шоумен и на дворски шут, но не може на сите да им се допаднеш, добро е да имаш голема група обожаватели, да спиеш мирно и да сметаш дека работиш чесно, дека си на вистинската страна во битката. Јас ги имам овие неколку работи, а се надевам дека во иднина ќе дојде и финансиската сатисфакција за која сите работиме мачно и со многу енергија. Нема ништо лошо ако општеството те награди со добра заработка ако работиш искрено, добронамерно и чесно. Така е со уметниците, спортистите, бизнисмените, па така треба да е и со новинарството, но засега најбогати се најголемите неновинари, а вистинските храбри новинари се оставени без корка леб или со трошки. Но, мора да го издржиме овој црн период за Македонија.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).