Салиу: 2016, тешка година за албанското новинарство во Македонија
Објавено во Новинарски лекции
on 12 - 01 - 2017 Автор: Benjamin Arifi
Интервју: Исен Салиу, главен уредник на весникот „Лајм“
Новинар: Бенјамин Арифи
Исен Салиу својата работа во новинарството ја почна во 2000 година, во дневниот весник „Факти“. Краток период работеше за „Коха диторе“, а во весникот „Лајм“ е од 2005 година. Од 2007 година е именуван за главен уредник во овој весник, кој во моментов е најстариот дневен весник на албански јазик што опстанува на медиумскиот пазар во Македонија. Во меѓувреме, неколку години беше ангажиран и како дописник од Скопје за телевизијата „Клан“ во Албанија. Со него разговараме за развојот на новинарството во Македонија во последно време, за медиумските и за општествените актуелности, како иза големите предизвици со кои се соочуваат новинарите и медиумите во земјава.
Колку се промени самото новинарство, но и околностите за новинарството на албански јазик во Македонија низ годините во кои Вие се занимавате со оваа професија?
Исен Салиу: Промените се неспоредливи. Не само оние промени што се на глобално ниво, кои ги донесе технолошкиот развој, туку и специфичните промени, кои, за жал, се повеќе негативни, отколку позитивни. Општеството во Македонија е премногу политизирано, па затоа во фокусот на информациите и понатаму останува политиката. За жал, имаме драстично опаѓање на нивото на политичарите што нè претставуваат, што се одразува и на новинарската работа, бидејќи политичарите и понатаму се главен извор на информацијата. Зголемени се ризиците, притисоците се поперфидни. Да се биде албански новинар во Македонија денес е вистинска жртва. Можеби поради таа причина многу колеги одлучиле да го оставаат новинарството за други професии, па дури и да си заминат од Македонија. Не треба да се негира дека се појавија многу млади новинари што го освежија албанското новинарство во Македонија, но факт е дека се забележува еден генерациски прекин што создаде длабок вакуум.
Годината што ја оставивме зад нас беше тешка година, како за општата ситуација во земјава, така и за слободата на медиумите и, особено, на албанските медиуми. Како Вие ја проценувате 2016 година во споредба со претходната?
Исен Салиу: Можеме слободно да кажеме дека 2016 година беше потешка од претходната поради тоа што целата оваа година што ја оставивме зад нас беше изборна година. Иако имавме само едни избори, преку целата година имавме предизборна кампања, бидејќи првин изборите требаше да се одржат во април, потоа во јуни, за на крај да се одржат на 11 декември. Поради континуираната предизборна кампања, низ целата година имаше субјекти на кои им пречеа слободните медиуми, кои ја користеа секоја можност за да им вршат притисок за вистината да не излезе на површина.
Во 2016 година, вие како медиум, но и лично, неколкупати сте алармирале за разни притисоци и закани. За што конкретно станува збор?
Исен Салиу: Притисоците беа од разни форми. Имавме и „непоканети гости“ во редакцијата, претставници на една политичка партија. Исто така, примивме две тужби од Демократската унија за интеграција, преку кои претседателот на оваа партија, Али Ахмети, и ДУИ како партија, бараат 50.000 евра како обесштетување. Всушност, 30.000 евра се бараат од весникот, а 20.000 евра се бараат од мене како главен уредник. Дали има поголем апсурд? Албанската јавност добро знае колку милиони евра се поделени за македонските медиуми кои без престан шират антиалбанска пропаганда откако ДУИ е на власт, а оваа партија се занимава со весникот „Лајм“. Ние не само што не сме имале владини реклами, кои, на крајот на краиштата, се платени со буџетски пари што потекнуваат и од читателите на весникот „Лајм“, туку и ДУИ сака да нè казни со 50.000 евра. Не е ли ова директен притисок? Мислам дека овој однос повеќе ја чинеше ДУИ отколку весникот „Лајм“.
Ние немаме намера да се повлечеме од остварувањето на целта за брзо и објективно информирање на читателите. Ние имаме чиста совест пред јавноста, затоа немаме зошто да се плашиме, иако сме сосема свесни за ризикот што постои во Македонија за независните медиуми.
Дали сте ги пријавиле заканите и притисоците во полиција, дипломатски претставништва, здруженија на новинари? Дали имало некаква реакција или завршеток?
Исен Салиу: Се разбира дека сите овие притисоци ги пријавивме кај надлежните институции, но и кај дипломатските претставништва во Скопје, кои се заинтересирани да ја поддржат слободата на изразување, како и кај домашните и меѓународните здруженија што ги штитат правата на новинарите. Имаме најави и очекуваме наскоро случаите на притисок врз весникот „Лајм“ да станат дел од годишните извештаи што се подготвуваат од најпрестижните меѓународни институции и здруженија.
За време на предизборниот и изборниот период, и ние како „Сервис за проверка на факти“ забележавме една крајна поларизација на медиумите и многу прекршувања на етичкиот кодекс. Дали сè повеќе се политизираат медиумите во земјава?
Исен Салиу: Жал ми е, но морам да кажам дека вие, како „Сервис за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) имате направено многу грешки при надзорот на медиумите. Главната грешка што ја правите е што се потпирате врз западно-европски критериуми и стандарди за да ги надгледувате и да ги проверувате фактите, во една држава каде слободата на изразување паднала под нивото на најострите светски диктатури. (Се говори за албанската едиција на СПФМ, з.у.)
Мислам дека не се работи за тенденција, туку за погрешен пристап. Граѓаните, функционерите и, воопшто, изворите на информација што се критички настроени кон власта сè помалку смеат да зборуваат со име и со презиме пред медиумите и за тоа не се виновни ни новинарите ни медиумите, туку така е поради настанатата ситуација. А вие, ако не грешам, сте изнеле став дека медиумите не треба често да ги засноваат информациите на анонимни извори. Имаме партии кои воопшто не прифаќаат да даваат изјави за независни медиуми, туку само за нивните омилени медиуми, а вие, како „Сервис за проверка на фактите“, сте имале забелешка дека секогаш треба да се има и став од страната за која се пишува. Се надевам дека ќе го смените овој пристап. Факт е дека медиумите се политизираат и се прекршува етичкиот кодекс, но слободно можам да кажам дека новинарството во целост, и особено албанското новинарство, со неколку исклучоци, е на добро ниво во споредба со другите сфери на општеството. Ова не подразбира дека треба да бидеме задоволни со толку, туку, напротив, треба да продолжиме да работиме за да се подобриме и да служиме како позитивен пример за општеството.
Кои се, според Вас, главните проблеми со кои се соочуваат денес медиумите во Македонија, особено тие на албански јазик?
Исен Салиу: Речиси во секое од вашите шест претходни прашања, спомнав најмалку по еден проблем што го засегнува денешното новинарство во Македонија. Притисоците се и од материјална природа, и од судска природа. Владата дели милиони за рекламирање во медиумите што ги подржуваат нејзините политики, а секој ден ги бомбардира независните и критичките медиуми со тужби по судовите, за кои и самите министри од оваа влада изјавиле дека се независни. Пцостите, навредите, па дури и физичките закани кон новинарите станаа секојдневие. Закани доаѓаат од министри, заменици министри, претседатели на партии… Се намерачиле да ги тужат медиумите и никој не презема одговорност за тоа. Се надевам дека сите овие појави ќе останат во минатото, заедно и со политичарите што го манифестираат ова однесување, како и дека 2017 година ќе донесе позитивни промени.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).