verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Регулирање на медиумите за фер избори – фарса или реална можност

on 14 - 07 - 2016       
Како да се регулира „нарушеното здравје“ на медиумите. Фото: worldspecs

Како да се регулира „нарушеното здравје“ на медиумите. Фото: worldspecs

 

Во преговорите се предлагаше создавање на посебно тело кое ќе ги следи сите медиуми, и тоа тело треба да биде коректор на медиумската слика пред избори rusbank. Медиумите треба да се казнуваат доколку отстапат од професионалното и објективно информирање. Но, тука се доаѓа до следната можна фарса. Дел од медиумите се веќе толку моќни што ќе прифатат да ги платат и евентуалните казни доколку им бидат изречени. Се разбира, во исто време, на истите медиуми, кои, патем, се и најгледани и највлијателни телевизии во земјава, против истото тело ќе почне да се води истата црна пропаганда против која тоа тело ќе треба да се бори и ќе се дојде до нова парадоксална ситуација

 

Пишува: Сеад Ризвановиќ

 

Улогата на медиумите во спроведувањето на манипулативната пропаганда е несомнена, а нема ниту трошка дилема дека во Македонија е потребна измена на регулацијата и на саморегулацијата во медиумската сфера.

Во тек на партиските преговори за регулација на медиумите во пресрет на спроведувањето избори, а за изборите да бидат веродостојни, на маса беа ставени неколку предлози во обид за нормализација на медиумската слика.

Но, она што се наметнува како дилема е дали таа медиумска регулација ќе смени нешто суштински пред изборите, а вистинско прашање е и дали воопшто е можно такво ад хок решение, кое би имало реален импакт врз формулирањето на јавното мислење и на разбивањето на мрежата од лаги што ја ткаат владејачките партии.

Едно од решенијата е јавниот сервис, МРТВ, да добие уредник кој ќе биде назначен од опозицијата. Веќе со ова решение се јавуваат неколку проблеми. Еден од нив е улогата на опозицијата на уредувач на програмата на јавниот сервис, иако според предлозите, тоа треба да биде медиумски експерт со ограничен мандат. Во суштина, се работи за грубо и прилично неинвентивно решение, веќе видено во ДИК, кое во таа институција има доста подлабок и посистематски мандат, па со децении не успеа да смени ништо во насока на прочистување на избирачкиот список.

Втора работа е што менувањето на уредничката позиција во МТВ нема да има големо влијание во јавноста. Дури и сега начинот на уредување на вестите на јавниот сервис е видно сменет, а по заминувањето на Горан Петрески вестите се прават на видно понеутрален и избалансиран начин. Но, тоа нема голем одек во јавноста, а граѓаните, па и новинарите, можеа таа промена да ја забележат само поради Европското првенство во фудбал. Тоа се должи на фактот што веќе со децении МТВ има слаба гледаност, ниски рејтинзи и тоа не успеа да се смени ниту по последната голема владина инвестиција и делумно ребрендирање на јавниот сервис.

Исто така, сите што ги знаат состојбите во МТВ се свесни дека назначување на уредник на три месеци, па нека бидат и шест месеци пред избори, не може многу да смени во начинот на функционирање на медиумот. Работничкиот колектив во МТВ е своевиден мастодонт, кој многу малку или воопшто не реагира на промени, па така ќе биде невозможно за која било личност да изгради авторитет во таква средина, особено ако луѓето знаат дека тој уредник има краток и ограничен рок на траење.

Токму поради наведениве работи мислам дека дебатирањето околу начинот на регулација на МТВ е своевидна фарса и „млатење празна слама“. Тоа решение нема да има голема улога во насока на реално информирање на граѓаните, а во исто време на власта само ќе ѝ даде адут да ја обвини опозицијата дека таа го контролира јавниот сервис и дека таа е виновна за дел од медиумската предизборна слика.

 

РЕГУЛИРАЦИЈА НА ВИСТИНСКИТЕ ПРОПАГАНДИСТИ

Но, во преговорите не се зборуваше само за регулација на јавниот сервис, туку се правеа обиди да се создаде и генерална фер медиумска слика кај другите медиуми. Тука веќе се доаѓа до коренот на црната пропаганда, до приватните телевизии напумпани со владини (читај народни) пари, засилени со бизнис-зделки за нивните сопственици, исто така канализирани од пари кои се слеваат од кредити, грантови, од централниот и од локалните буџети или од јавните претпријатија.

Во преговорите се предлагаше создавање на посебно тело кое ќе ги следи сите медиуми и тоа тело треба да биде коректор на медиумската слика пред избори. Медиумите треба да се казнуваат доколку отстапат од професионалното и објективно информирање. Но, тука се доаѓа до следната можна фарса. Дел од медиумите се веќе толку моќни што ќе прифатат да ги платат и евентуалните казни доколку им бидат изречени. Се разбира, во исто време, на истите медиуми, кои, патем, се и најгледани и највлијателни телевизии во земјава, против истото тело ќе почне да се води истата црна пропаганда против која тоа тело ќе треба да се бори и ќе се дојде до нова парадоксална ситуација.

Во овој случај ќе се создаде иста ситуација како и со СЈО, кое е тело на кое делумно му се врзани рацете, а медиумите, кои и самите се дел од истрагите на обвинителството, без никаков проблем водат константна кампања против тимот на Катица Јанева. Во исто време, исто како и со регулацијата на јавниот сервис, владејачката партија ќе се повика на формалноста на создаденото тело и ќе го употреби како адут за создавање перцепција за фер услови за избори.

 

Трагично е што во исто време додека се преговара за медиумите, владата изготви предлог-закон за легализирање на владините кампањи, при што јавните претпријатија и институциите речиси добиваат обврска да се рекламираат во медиумите, заради „доброто на граѓаните“ и нивното „право да знаат“. Човек не треба да биде видовит за да предвиди дека парите од оваа легална корупција на медиумите повторно ќе бидат насочени кон истите телевизии кои се ударна перјаница на пропагандата и со тоа ќе се овозможи овој континуитет кој слободата на медиумите во Македонија ја сведе на ниво на неразвиена земја од Африка.

 

ШТО ДА СЕ ПРАВИ

Во реалноста, веројатно, има една вистина која никој не сака да ја види, ниту опозицијата, ниту меѓународната заедница, а која власта многу добро ја знае. Речиси и да нема реална можност пред избори толку радикално да се смени медиумската слика за таа промена да има реален импакт во јавноста. Мрежата на убиствената пропаганда е создавана со децении и нема никаква основа за неколку месеци да се создадат услови тоа да се смени. Позитивно е што доколку тоа решение за регулација стане систематско со тек на време, ќе создаде можност за саморегулација на медиумите кои ќе знаат дека над глава им виси некаков Дамоклов меч.

Во држава во која медиумските слободи и слободата на говорот се паднати на историски минимум, потребно е да се спроведат низа реформи и измени на начинот на регулација на медиумската сфера за да се добие можност работите да се придвижат во нагорна линија. Еден од приоритетите треба да биде забраната на владиното рекламирање и трошењето на буџетските пари за подигнување на рејтингот на владејачките партии. Настрана парите и јавното мислење, навистина станува банално да се трошат пари за рекламирање на владини активности кои и онака се спроведуваат, бидејќи се предвидени со програми и со буџети.

Агенцијата за медиуми мора да се департизира, во нејзиното функционирање треба да бидат вклучени низа независни фактори, како експерти од дома, но и од странство. Агенцијата треба да биде блиску надгледувана од ОБСЕ и од ЕУ, кои во одреден период треба да имаат и можност за одлуки во агенцијата и на тој начин може да се обезбеди релативна независност на ова тело, без разлика која партија ќе се наоѓа на власт.

Ако успее да се обезбеди независност на агенцијата, тогаш треба да се пристапи кон константен надзор на начинот на работа на професионалните новинари, во насока на обезбедување услови за создавање вести, кои ќе бидат тоа во вистинската смисла на зборот. Агенцијата тогаш може да има право да казнува, да исклучува медиуми и новинари од етерот доколку константно се прекршуваат правилата за професионално информирање. Само на таков начин во државата ќе може да се создаде простор за подобрување на крвната слика на јавниот збор.

Се разбира, целата оваа низа регулации ќе предизвика и ефект на саморегулација на новинарите, уредниците и на сопствениците. Кога тие целни групи ќе знаат дека нивната работа се следи и дека може да има реперкусии доколку повторно посакаат да бидат пропагандисти, а не новинари, тогаш двапати ќе размислат дали таа авантура ќе им се исплати. На крајот, време е македонската медиумска слика да се исчисти од пропагандистите, квазиновинарите, бизнисмените кои глумат новинари и кои сега учествуваат во формирањето на јавното мислење. Кога на терен ќе останат само професионални новинари, со сите свои доблести и мани, ќе нема потреба од регулација на медиумскиот простор, а таа тема нема да биде веќе дел од ниедни преговори.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).