Ксенофобија маскирана во новинарство
Објавено во Рецензии
on 29 - 08 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
[Рецензија: ЕКСПЛОЗИИ, СИЛУВАЊА, УБИСТВА: Ова се „мирните“ мигранти во рајот за мигранти Малме, Шведска]
Актуелна тема, материјал поткрепен со видеорепортажи на две телевизии, „Раша тудеј“ (РТ) и неименувана израелска продукција, провокативен наслов кој „боде очи“ со својот сензационализам… Но, залудно, бидејќи тука не се работи за новинарско истражување на вистината и нејзино објавување. Написот содржи вистини, полувистини и невистини и со сите нив манипулира. Вистина е дека во шведскиот град Малме има зголемување на стапката на криминал и на насилство. Полувистина е кога се тврди дека насилствата ескалираат во населбите каде живеат мигранти од Блискиот Исток и од северноафриканските држави, но не се навлегува подлабоко во истражувањето кои се причините што токму таму се случува порастот на криминални дела на насилство (висока стапка на невработеност, слаба интеграција во општеството и сл.). Целосна невистина се тврдењата дека бранот насилства почнал кога таму се доселиле имигранти од Сирија или дека експерите го сметаат северот на Европа за отпишан од живите.
Невистинитите тврдења служат за манипулација со фактите и со чувствата на читателите. Тие имаат употребна вредност за конкретни политички цели, бидејќи се пласирани во конкретен момент, а тоа е моментот на големиот бран мигранти од Сирија и од други воени подрачја, кои во текот на летото годинава пристигнаа на балканските простори, главно во Грција, Македонија и во Србија и кога македонската и српската влада се соочија со потребата да преземат нешто и да одговорат на предизвикот. Отпрвин обвинувани од своите домашни јавности дека се прават глуви и слепи за проблемот, и едната и друга влада решија да реагираат. Епилогот од акцијата на македонските власти за справувањето со кризата со бегалците на македонско-грчката граница стана глобално познат, претставувајќи ја Македонија во мошне негативно светло, како насилна и ксенофобична.
Линк до оригиналниот напис: ЕКСПЛОЗИИ, СИЛУВАЊА, УБИСТВА: Ова се „мирните“ мигранти во рајот за мигранти Малме, Шведска
Датум и време на објавување: 21.08.2015
Датум на рецензирање: 25.08.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Овој напис е далеку од сериозно новинарство, пред сè, бидејќи пласира невистини како да се факти. Една од нив уште во првата реченица:
„Видео извештајот на Раша Тудеј (РТ) во само три минити ќе ви ја долови ситуацијата во имигрантскиот рај Малме, Шведска каде експлозиите, грабежите, пукотниците од калашњикови, силувањата и рачните гранати станаа секојдневние по пристигнувањето на имигрантите од Сирија.“
Вистината е дека никаде во видеоизвештајот на „Раша тудеј“ (РТ) не се споменува дека немирите меѓу мигрантите „станаа секојдневие“ во шведскиот град Малме откако пристигнаа имигрантите од Сирија. Ама баш никаде! Во него се зборува за проблемите со насилство, кои навистина постојат во овој град и проблемот се лоцира кај мигрантите од Средниот Исток и од Северна Африка, но се истакнува дека тој постои подолго време, за него се свесни и Швеѓаните, како и полицијата на Малме, но таа засега не презема драстични чекори и својата активност главно ја ограничува на конфискување нелегално поседувано оружје. Еве уште еден пример:
„Шведска е вистинскиот пример за она што и се случува на една земја кога ќе се соочи со масовен прилив на нелегални мигранти од земји каде што владее исламскиот радикализам.“
Повторно се работи за груба невистина, бидејќи никаде во прилогот нема ниту назнаки дека овој проблем е предизвикан од тоа што нелегалните мигранти биле од земји каде владее исламскиот радикализам. Она што може да се слушне во прилогот на „Раша тудеј“ е дека мнозинството насилни акти кои од почетокот на 2015 година се случиле во Малме се предизвикани од ксенофобија и дека постои пораст на нивото на криминалот, но никаде не се споменува дека овие феномени имаат некаква врска со исламот или, пак, со верската припадност на имигрантите воопшто. Вториот видеоприлог, меѓутоа, од израелска продукција, става акцент на националноста на имигрантите кои живеат во оние населби во Малме, кои станаа ноторно познати по нивото на криминалитетот, сугерирајќи дека тоа се случува во населбите каде живеат имигранти по потекло од арапските и од северноафриканските земји и дека се работи за пресметки меѓу самите имигранти, кои имаат криминална заднина.
Написот, меѓутоа, забележливо ги игнорира фактите дадени во ТВ-прилозите и од нив извлекува поенти кои му одговараат на авторот, а кои не соодветствуваат со вистината. Се става знак на равенство помеѓу припадноста кон една религиозна или етничка заедница и криминално однесување. Според логиката што се застапува во написот, порастот на криминалот во Малме е резултат на тоа што во него се доселиле муслимани. Вистината, секако е далеку покомплексна за да може ова тврдење да се земе сериозно предвид. Написот има неколку извори на информација: пред сè, се работи за пренесена (иако донекаде преработена) содржина од српска вебстраница, а фактите пласирани во неа потекнуваат од два телевизиски прилози на ТВ-станицата „Раша тудеј“ и неименувана израелска продукција. За разлика од своите извори, двата телевизиски прилога, кои даваат донекаде балансирана слика на состојбите со имигрантите и со криминалот во Малме, написот кој го рецензираме е крајно пристрасен, односно негативно настроен кон конкретна групација луѓе, односно кон имигранти со исламска вероисповест.
Овој текст претставува класичен пример на спинување информација, земајќи ги фактите и „фризирајќи“ ги за потребите на идејата или политиките што ги застапува или поддржува и во кои има изразени елементи на верска и на етничка нетрпеливост.
Со идентичен наслов, идентична поента, иако со горе-долу изменет текст, ист изглед, овој напис е всушност копија на текст од српски портал од десничарска националистичка провениенција правда.рс. Како сосема логичен се наметнува заклучокот дека и српската и македонската „верзија“ на овој длабоко шовинистички текст се наменски пласирани за да ја зајакнат негативната перцепција на мигрантите кај домашната популација.
Објавувањето вакви дезинформации е пример за ширење кенофобија со елементи на говор на омраза. Како поинаку, да речеме, да се оцени оваа квалификација, која се однесува директно на фактот што во Шведска и во скандинавските земји „слободно може да патуваат“ мигрантите од земји во кои „владее исламскиот радикализам“:
„северот на Европа некои експерти сметаат дека веќе е отпишан од живите.“
Очигледна е намерата да се сензибилизира домашната јавност околу проблемот со бегалците од Блискиот Исток, бидејќи таа досега немаше конкретен став по ова прашање, долго игнорирано и од медиумите и од македонските власти, синхронизирајќи го со ставот на Владата, која кон нив демонстрираше насилство.
Како типичен пример како се потпалува ксенофобија и расна и национална нетрпеливост, овој и нему слични текстови би требало да бидат осудени од јавноста. Ваквите застрашувања секогаш имаат политичка заднина и не се наменети да информираат, туку да манипулираат.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
релевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност, друга пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
делумна копија
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
посредно, индиректно
дискриминира
национална дискриминација, верска дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
има контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови