Рецензија: Зошто поефтини лимонот за 40 отсто во однос на септември?!
Објавено во Рецензии
on 5 - 11 - 2014 Автор: Љубомир Костовски
„Неверојатно е со која брзина се шират лудите работи, а колку вистината и здравиот разум секогаш делуваат неубедливо“. Ова го напишала истражувачката од порталот „Мушема“(Moosshema) по истрагата за приказната која со молневита брзина се шири на Балканот и гласи – не јадете лимони, отровни се! Гледате дека се евтини? Тоа е затоа што корката на цитрусот е намачкана со посебна хемикалија…
Многу веб-страници ја презедоа по системот „копи-пејст“ оваа вест и никој не се обиде да ја провери. сите се повикуваат на еден извор (supermarket.info), кој, меѓу другото, не е српска, туку хрватска веб-страница и е информатор за синџир на супермаркети.
Линк до оригиналниот напис: Зошто поефтини лимонот за 40 отсто во однос на септември?!
Датум и време на објавување: 01.11.2014
Датум на рецензирање:03.11.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
„Евтиниот лимон е увозен и потекнува од Турција, а на декларацијата на тој лимон пишува ’Не ја користете кората. Лимонот е третиран со имазалил’. Предупредувањето е напишано со многу мали, едвај читливи букви, кои веројатно мал број на купувачи ќе ги прочитаат. Што е имазалил? Имазалил е фунгицид, кој пробива низ цел плод, а не само низ кората. Толку е токсичен, што ја иритира кожата и предизвикува солзење на очите. Многу е стабилен дури и на високи температури, а делува на репродуктивните органи и докажано е дека е канцероген. Кај доенчињата и малите деца имазалилот предизвикува проблеми во централниот нервен систем а кај возрасните делува и на репродуктивните органи“, гласи клучниот дел од текстот.
Ова е, секако, работа за тревога. Дури и за хистерија, која, на благо ниво, барем на Фејсбук, постои. Дали нашите трговци се корумпирани, па за евтина цена „нè трујат“? Зошто молчат надлежните органи одговорни за квалитетот на храната? Но, еве што утврдила дамата која истражувала за посочениот портал.
Најпрвин, лимоните не поевтиниле, туку се вратиле на претходно разумно ниво бидејќи пред месец и половина поскапеле за 100 отсто, а потоа се вратиле на старата цена. Оние кои купуваат лимон, како јас, ќе се согласат со таа констатација. Лимоните неодамна кај нас скокнаа на 130-160 денари за еден килограм, а сега се 55 денари (зборуваме за скопски цени, кои тука не се дадени!).
Значи, превртени факти се повод за сомнеж. Има, нели, тука нешто!
Понатаму, веста потекнува од Хрватска, а таму е ЕУ, вели истражувањето на Мушема (Мооshema), каде постои ригорозна контрола на храната! Истрагата на порталот на Европската комисија покажала:
- дека Турција последен пат имаала проблем со лимоните во април 2014 и тоа заради присуство на друг фунгицид, а не посочениот;
- дека во меѓувреме лимон со посочениот фунгицид стигнал од Аргентина и дека тој е топтан вратен назад;
- и дека Балканот е преплавен со лимони на турски фирми – конкретно на извозникот „Полат цитрус индустри“ (Polat citrus industry). Ако постои сомнеж, треба да се бара декларацијата на производот што се продава кај нас.
Значи, ако имало основа, тој лимон, секако, би го немало на хрватскиот пазар. Но, истрагата продолжува натаму, што секако е за пофалба. Фунгицидот може да го има во кората и таа не треба да се користи (се дава пример со рендање на кората од овошјето). Дури и да се изедат три лимони сосе кора, на просечна тежина од 60 килограми, потрошувачот не е отруен, туку тој е „на црта“. Постои на посочената веб-страница и математичка формула, за да не ја прераскажуваме. Секако, зошто би ја користеле кората? Инаку, фугицидот не е растворлив во вода, па можете да ставите исечена кришка во кисела вода, на пример, и со „отровен“ лимон.
Фунгицидот имазалил е отровен кај глувци во лабораторија ако им ги внесувате директно, а не преку храна. Опасен е за работниците кои берат лимони, тоа се признава. Потоа, се прави споредба со просечното ниво на загаденост на воздухот во Белград и се констатира дека тој (воздухот) е за 10.000 пати поканцероген отколку ако изедете килограм лимони со фунгидиц.
Ова се, секако, опасни вести и мора да се проверат. Нашиот колега Зоран Бојаровски напиша неодамна лекција во Сервисот за проверка на факти („Нема само една вистина, нема само една Македонија“), која е практична во однос на проверка на фактите, а секако е задолжителна ако имате материјал поврзан со храната. Во тој контекст, мора да има официјален извор, релевантен, па дури тој да се исконтролира со втор, да имаме непобитни факти кога се објавува вест што се однесува за здравјето.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
веста не се обидува нешто да открие
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
не аплиактивно
комерцијална пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен извор со линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови