Рецензија: Зошто „македонските Анонимуси “ предизвикаа паника на Бихаќка ?
Објавено во Рецензии
on 27 - 02 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
Ова е еден крајно манипулативен и политички пристрасен текст, кој се базира само на шпекулации и на чаршиски муабети, без поткрепа со факти. Единствен факт употребен во овој текст е дека „Македонски анонимуси“ објавиле видеозапис на „Јутјуб“ со кој тврдат дека ги хакирале компјутерите на СДСМ и дека ќе ја објавеле „правата вистина“, спротивна на проектот „Вистината за Македонија“, кој го реализира опозицискиот СДСМ преку т.н. „бомби“. Насловот и текстот се тенденциозни со намера да предизвикаат паника во опозицијата и во јавноста, алудирајќи дека таа веќе почнала да се шири. Но, без никакви докази за тоа, тезата лесно паѓа во вода.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Зошто „македонските Анонимуси “ предизвикаа паника на Бихаќка ?
Датум и време на објавување: 17.02.2015
Датум на рецензирање: 26.02. 2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Преку видео поставено на Jутјуб македонските анонимуси деновиве му се закануваат на Зоран Заев дека имаат бомба , што ќе ја објават. Според текстот на видеото, ќе биде објавен материјал кој Заев сакал да го скрие. Не се објаснува што содржи материјалот, освен шпекулациите на дел од проопозициските медиуми дека ќе била заинтригирана јавноста.“
Фактот што се користи во овој дел од текстот, дека македонските анонимуси објавиле видеозапис со кој му се закануваат на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, лесно може да се отфрли како невистинит, имајќи го предвид демантот што стигна од организацијата „Анонимус Маседониа“ (Anonymous Macedonia), објавен на нивната официјална страница на социјалната мрежа „Фејсбук“, а кој го пренесе порталот „Локално.мк“. Оваа организација тврди дека нема никаква врска со објавениот видеозапис и дека „Анонимуси никогаш не се и не биле партиски поврзани“.
Шпекулациите дека со тие материјали ќе била заинтригирана јавноста, исто така, не можат да се проверат бидејќи медиумите, за кои се пишува во овој текст, не се наведени со име, а нема ниту линкови од таквите објави.
„По објавувањето на видеото , на социјалните мрежи почна објавувањето на нервозните коментари, а нервоза има и во редовите на СДСМ.“
Во овој дел од написот, авторот свесно манипулира со читателот, необјавувајќи ги „нервозните коментари“ на социјалните мрежи и на опозициските претставници.
Ваквиот став во текстот е спротивен на изјавите на СДСМ и на неговиот лидер, Зоран Заев. Имено, во изјава за „Плусинфо“, од СДСМ демантираа дека компјутерскиот систем на партијата бил хакиран, односно, потврдија дека „бомбите“ се безбедни. Заев, пак, преку својот фејсбук-профил порача: „Почнете, па ќе видите што се анонимуси“.
На крајот од текстот, авторот говори за три сценарија, околу тоа кој стои зад македонските анонимуси. Според првото сценарио, тоа бил Заев, според второто, тоа биле луѓе од СДСМ кои не се согласувале со Заев, и според третото сценарио, тоа бил некој странски центар. Ваквите сценарија, исто така, не се поткрепени со никакви докази и со факти, туку само се пренесени како чаршиски муабети, поради што се доведува во прашање нивната веродостојност.
Авторот на текстот пропуштил да го наведе и четвртото сценарио, кое го објави весникот „Фокус“, а според кое, зад македонските анонимуси стоело МВР.
Многу е лесно во еден новинарски текст да се пласираат информации и шпекулации со кои читателот ќе се наведува на погрешно мислење, но она што е тешко е таквите информации и шпекулации да се истражат и да се поткрепат со факти и со докази. Овој текст е класичен пример за политички памфлет, пласиран како новинарски напис.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди точноста на наводите
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
релевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови