Напад со сите оружја
Објавено во Рецензии
on 21 - 03 - 2016 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: ЗНМ и синдикатот му отвораат нов пат на Заев за бегство од избори]
Долго време, во медиумскиот простор, сите што мислат поинаку од дискурсот наметнат од владејачката елита, инаку со дебел 10-годишен стаж на управување, за кое било прашање, се прогласуваат или за сдсмовци или, по новата терминологија „кодифицирана“ во Центарот, за т.н. соросиди. Од тој аспект, ова четиво не нè просветлува ниту, пак, кажува нешто ново. Се вергла една позната приказна која, покрај оцрнувањата и етикетирањата на одредени личности и организации, во својата срж, како и широка лепеза речиси идентични написи, го има семето на поделба – на ваши и на наши. Ептен неубаво, би рекле.
Линк до оригиналниот напис: ЗНМ и синдикатот му отвораат нов пат на Заев за бегство од избори
Датум и време на објавување: 14.03.2016 14:14
Датум на рецензирање: 18.03.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
РЕКЛА-КАЖАЛА ПО ПАРТИСКИ НОТИ
Пак поделби, пак дискредитации, пак омаловажувања…. И пак без аргументи и пак без факти и пак без вистински професионален ангажман и пак со силен партиски призвук и пак со многу пристрасност… Накусо, тоа се водилките по кои се движи овој текст, кој наместо да пласира едноставна информација за позицијата на едната и на другата новинарска групација во однос на прашањето за медумската реформа, влегува во беспоштедна политичка битка за расчистување со неистомислениците на власта. Секако, тоа не е и не смее да биде карактеристика на еден легитимен и кредибилен новинарски текст, тргнувајќи од премисата дека „навистина се сакало“ да се понуди професионален напис.
Во конкретниот случај се удира не врз една личност или здружение – дежурниот виновник безмалку секогаш е Здружението на новинари на Македонија – туку врз уште четири организации директно поврзани со медиумската сфера во земјава. Што е нивниот грев? Тоа што сметаат дека има потреба и дека конечно треба да се расчистат работите околу реформата на медиумите – процес што извесен период е закочен, токму поради неучеството на владејачката партија.
Интересно, се проблематизира позицијата на овие пет здруженија, иако „зајакнувањето на медиумската слобода“ е една од точките од т.н. Договор од Пржино. Значи, не се бара ништо надвор од она што четирите политички лидери го договорија уште лани со посредство на меѓународната заедница. Да, се пренесува нивниот став преточен во цитирана изјава на првиот човек на ЗНМ, но шокираат дополнителните сегменти, кои не се ништо друго, туку само „распнување на неподобните“.
„Откако на Бихаќка стана јасно дека избирачкиот список не може да биде аргумент за одложување на изборите, опозициската СДСМ преку своите експозитури ќе се обиде да ги врати измените во Законот за медиуми“.
„За таа намена, денеска, ЗНМ, т.н. Новинарски синдикат, Македонскиот институт за медиуми, Советот на етика на медиумите и Институтот за комуникациски студии повторно поикаа на измени во Законот за медиуми“.
„Заедничко за сите овие организации е што се финансираат од СОРОС или пак со пари од странски амбасади и сите без исклучок важат за силно контролирани од СДСМ. Исто така, треба да се има предвид дека во ЗНМ и т.н. Новинарски синдикат не членуваат ниту 5% од новинарите кои што се вработени во телевизиите, а бараат да се менува законот токму за електронските медиуми, односно телевизиите“.
Кој тоа вели дека овие организации се нечии експозитури, каде се тие докази дека фамозниот Сорос стои во заднина, каде се документите што ќе покажат дека ниту 5 отсто од новинарите во телевизиите не се членови на ЗНМ? Јас не ги гледам, барем не во текстов, кој во овој дел пати од висок степен на недостиг од извори. Повеќе наликува на рекла-кажала, ама „испеано“ по партиски ноти. Коректно е што е наведена изјава од ЗНМ, а исто така коректно е што има став и на другото новинарско здружение МАН, но недостаток е просторот помеѓу, пополнет со непотребен шунд-материјал што само го влече целиот напис надолу за конечно да го „бетонира“ на дното. Што значи дека содржајноста ја има, била присутна, ама е потисната од баластот на партискиот говор застапен во материјалот.
Таквиот пристап, се подразбира, со себе ја повел и пристрасноста, која овде поцрвенува како лакмус ставен во киселина. Коментарите се на завидно негативно ниво… Кога сето ќе се собере, одземе, помножи и подели, впечатокот е јасен.
Се имало штоф за коректен текст, ама „мајсторот“ искроил партиски билтен.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, анонимни
релевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
делумно
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
најверојатно да
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
креативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови