Рецензија: Жерновски не сака барок – ЕЛЕМ, ЕВН и ГТЦ сакаат нова фасада
Објавено во Рецензии
on 21 - 10 - 2013 Автор: Владимир МирческиОвој текст се обидува да информира за одлуката на Советот на општина Центар за неизгласување на ДУП-овите со што се спречува промената на изгледот на ГТЦ и зградата на ЕВН, како и што таквиот чекор, според мнозинството во општината, би требало да значи за архитектурата на постземјотресно Скопје. Но, тој излегува надвор од главната цел – да информира – и добива лик на производ кој ја турка позицијата на другата страна: по секоја цена и овие два објекта да добијат нов, барок имиџ.
Во текстот се забележуваат низа извори на кои наводно им пречела таквата одлука на општинскиот совет без тие јасно и доволно да се прецизираат. Истовремено, се наведуваат причини, како аргументи, иако дел необјективни, зошто треба да се промени фасадата на објектите. Со тоа под знак прашалник се става причината за пишувањето на овој текст – дали треба да одговори на потребите на јавноста, или пак на одредени политички елити.
Линк до оригиналниот напис: Жерновски не сака барок – ЕЛЕМ, ЕВН и ГТЦ сакаат нова фасада
Датум и време на објавување: 18.10.2013
Датум на рецензирање: 19.10.2013
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Текстот има проблеми со вистинитоста – му требаат ли на Скопје уште две нови барок-фасади или не? Недостасува аргументација за која било од двете опции. Дополнително, проблематичен е и делот каде се повикува на ставот на дуќанџиите на ГТЦ во кој се прави обид за директна корелација меѓу, како што се наведува, потребата од барок-фасада со нови тоалети, што едно со друго нема никаква врска. Цитатот „Стилот само е одбран за да се вклопи во целиот изглед на плоштадот“, исто така, не е докрај вистинит, бидејќи на плоштадот сѐ уште има и други објекти кои не се во новото барок-руво.
Извори на информации: Во првиот дел прецизно се наведуваат изјави на надлежни во општина Центар кои образложуваат за значењето на стариот изглед на објектите на ГТЦ и ЕВН, но во вториот дел, каде се зборува за незадоволството од стопирањето на промената на фасадите, се користат општи формулации од типот на дуќанџии на ГТЦ.
Содржајност: Во однос на содржајноста може да да се дадат неколку забелешки. Првата е дека до крај не е исцрпена целата проблематика поврзана со намерата за промена на изгледот на овие два објекта – белези на Скопје. Никаде не се споменува големиот јавен револт поради одлуката, без да се консултираат граѓаните, да се преземе трансформирање на ГТЦ и ЕВН. Значи, недостасува граѓанската компонента која секако не треба да се поврзува со чекорите на актуелната општинска власт. Втората забелешка е дека не се наведува цената која би се платила од народни пари за преобликување на зградата на ГТЦ, што во овие економски услови секако е важна информација за публиката.
Пристрасност: Да, во текстот постои пристрасност која оди на страната дека треба ГТЦ и ЕВН што е можно побрзо да добијат нов изглед.
Оригиналност/Плагијат: Текстот може да се смета за оригинален, иако делот со изјавите на надлежните од општината е преземен од агенција, без да се наведе која.
Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички и тендециозен, бидејќи за одлуката за барок-фасадите се произнесуваа општинските советници.
Фотографија: Фотографијата е соодветно информативна на текстот, ги покажува двете згради за кои се пишува.
Заклучок: Овој текст е уште еден пример за политичко „одмерување“ на силите преку медиумите. Очигледна е тенденцијата преку неименуван автор медиумски да се наштети на одлука донесена од легитимни локални органи, чие работење секако треба да биде под мониторинг на јавноста, но не ваков. Недостасуваат основни професионални мотиви и принципи за пишување на овој текст, кој само во минимални количини ја задоволува основната цел да информира. Тоа е уште еден во низата текстови во кои се манифестира политичкиот мускул во информативниот сегмент.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, аноними
релевантни, нерелевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
делумно
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови