Рецензија: Зголемен интересот за проектот „Купи куќа, купи стан“
Објавено во Рецензии
on 10 - 09 - 2013 Автор: Љубомир Костовски“Граѓаните покажуваат голем интерес за купување стан преку владиниот проект „Купи куќа, купи стан“, за што потврда се околу 200 јавувања на заинтересирани граѓани во август, од кои, само во еден ден се потврдени две апликации за купување стан по овој модел, велат од компанија „Адора Инженеринг“ која го поддржува овој проект”.
Ова е дел до написот на порталот кој е замислен ако водич низ градот и еден вид на репрезент на активностите кои се карактеристични за Скопје. Но, доколку сакате да добиете вистински и исчистени од сите политички интереси информации ќе бидете соочени со потреба од селектирање при читањето. Овој текст е пример како претераната грижа за владините пропагандни агенди некогаш вродува со – контрарезултат!
Линк до оригиналниот напис: Зголемен интересот за проектот „Купи куќа, купи стан“
Датум и време на објавување: 03.09.2013
Датум на рецензирање: 03.09.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост: Нема сомнение дека авторот на текстот имал можност да биде во контакт со оние кругови кои се грижат оваа економско-социјална акција на Владата на РМ да успее. Во крајна линија интересентите за добивање на куќа/стан, преку наводните бенефиции што се нудат за младите брачни парови, секогаш мора да завршат онаму каде што е последната инстанца на интересот: кај градителите на покрив над главата.
Извори на информации: Авторот користел еден сигурен извор – „Адора инженеринг“, една од најголемите градежни компании кај нас која се бави со станоградба и која ја подржува акцијата на власта во овој домен. Познато е дека оваа компанија и има најголем број непродадени станови во земјата, па токму таа би требало да има придобивки од неодамнешниот потег на Владата – нејзиниот влог кој е 50 отсто од кредитното учество на учесникот во акцијата да стане неповратен, односно да стане еден вид на подарок на власта, што, патем, предизивка контраверзи!
Содржајност: Текстот е прв индикатор за тоа колку овој потег на власта го зголемил интересот на потенцијалните муштерии по изменетите прописи. Да се јават 200 интересенти, а само двајца да покажат поголем интерес од чистото информирање за условите секако е лесно пресметлив коефициент на успешност – 1 отсто! Во текстот се вели дека „интересот значително пораснал“ по новите услови кои ги промовираше Владата, ама во претходниот период имало 15 договори, а по поповолните прописи евентуално два!
Значи во текстот имаме мешање на многу поими – јавувања на телефон не се јасно одделени од „сериозен интерес“ и што тоа подразбира. Неопходно било некакво закачување и на другите инвеститори во станови, без оглед што „Адора“ е вероајтно нашиот најголем станоградител и секако фирма со најголеми главоболки заради непродадени станови. Не е јасна „позицијата“ ниту на споменатите 16 договори – дали тие се однесуваат на периодот пред најновите владини мерки во оваа област? Едноставно како авторот да имал проблем кај содржајноста, односно кај потребата желбата да се поткрепи една пропагандна акција со релеватни и прецизирани факти.
Пристрасност: Авторот покажува, ако така може да речеме, наивна пристрасност кон една акција на власта, кога во добра намера ја покажува вкупната промашеност на проектот „Купи куќа, купи стан“. Според официјалните податоци, од предвидените 2.000 станбени кредити по овој основ се поделени 110. Како што може да се види, сега тој тренд е уште полош, независно од намерите на авторот.
Оригиналност/Плагијат: Текстот е прв кој ја допира оваа тема по промената на условите на власта и секако е драгоцен извор за анализи на владините политики.
Квалитет на насловот: Насловот ја дава срцевината на потрошената пропагандна матрица на акцијата – градацијата на една акција од типот „повеќе, уште повеќе, највеќе“ се судира со грубата реалност од бројките во текстот, па дури може да делува и иронично во однос на промоторот, вицепремиерот Ставревски.
Фотографија: Фотографијата е илустративна, но покажува како една нова населба стои целосно празна, иако се работи за низа од убави, новиоизградени квадрати. Никаде знак за живост, на радост од стекнатиот стан, на станари кои ќе бидат иднината на општеството… Така и фотографијата, како и насловот, веруваме во добра намера, ја претвораат една реклама за власта во – карикатура.
Заклучок: Нема сомнение дека градежниот бум, кој беше една од оние многуте мали индикатори на економски пулс во мртвото тело на економијата, сега се дави во општата стопанска и социјална анемија. Се градеа станови што сега чекаат купувачи кои ги нема. Градежниците без купувачи немаат да им платат на банките, тие влегуваат во загуби или во кругот на ризични издатоци… Колапсот на акцијата во која само во првата година владата вложи 4 милиони евра за пропаганда, според официјални податоци, сега не може да биде прикриен на ниту еден начин кој значи употреба на податоци, на факти. Во таа смисла појавата на овој текст, од општествен аспект, макар и на сајт кој можеби не е меѓу најчитаните, е многу важна.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
нема прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
не аплиактивно
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови