Школски пример на пропаганден памфлет маскиран во квазивест
Објавено во Рецензии
on 7 - 04 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
[Рецензија: Заев сам се фати во лага и за аферата „Грчка хациенда“]
Тргнувајќи од самиот наслов, па сè до последниот напишан ред, овој напис е школски пример за пропаганден памфлет маскиран во квазивест. Дека се работи за квазивест, ќе познае и лаик: таа не содржи никаква информација, нејзината содржина ја сочинуваат тврдења за кои не се понудени докази, но затоа има лични квалификации, а изјавата од засегнатата страна, која создава привид на објективност, воопшто не ја потврдува тезата на која почива написот. Нема дилема дека се работи за материјал со поинаква употребна вредност – не да информира, туку да дискредитира.
Линк до оригиналниот напис: Заев сам се фати во лага и за аферата „Грчка хациенда“
Датум и време на објавување: 27.03.2015, 16:04
Датум на рецензирање: 2.04.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Ако се анализира реченица по реченица ова кусо сочинение, кое претендира да се „протне“ како вест, ќе најдеме многу малку или, подобро речено, ич новинарство. Еве ја главата на „веста“:
„Лидерот за СДСМ Зоран Заев продолжува да тоне секој ден сè повеќе со своите лаги.“
Кои лаги? Каде е новиот момент, каде е новата информација со која треба да почне една вест? „Тонењето во лага“ е тврдење, кое, впрочем до крајот на текстот не се докажува. Не може нечија субјективна оцена за нечиј морал да биде новото во веста, барем според оние стандарди на новинарска вест-информација кои досега важеле кај нас и во светот.
„Тој сè повеќе се заплеткува во јавно искажаните лаги, откако за народот стана јасно дека зад аферата „Грчка хациенда“ стојат сомнителни работи.“
Уште едно на ништо засновано тврдење – на народот му стана јасно? Од каде произлезе ова тврдење, врз основа на кои согледувања е дојдено до заклучокот дека „на народот му стана јасно“, тоа од овој напис нема да го дознаеме.
„Јавноста се прашува како е можно Заеви да станале сопственици на луксузна хациенда на самиот брег на Егејското Море по толку ниска цена.“
Доколку прифатиме дека јавноста навистина се прашува тоа што стои во погорнава реченица (иако само кусо сурфање по интернет ќе доведе до заклучок дека оние кои се прашуваат, се занимаваат и ја одржуваат во живот аферата „Хациенда“ се неколкуте портали наклонети кон власта и две национални телевизии, објавувајќи и преобјавувајќи идентични материјали, овде-онде со сменети наслови или додадени или одземени пасуси), написов за тоа не нуди никакви докази.
Единствениот извор што се цитира во овој напис е изјавата на Зоран Заев, извлечена од интервју дадено за Македонската телевизија за неговото семејство и за тоа дека целиот имот им е во Македонија. Но, извор, на кој ќе се потпира самата „вест“, поточно нејзините тврдења и квалификации – нема.
Мора да признаеме дека е сторен напор овој напис да прилега на новинарска „вест во низа“, поточно на вест што ќе биде дел од континуирано следење на некој настан или појава. Но, таа само така заличува бидејќи е несеопфатна, нема нов момент во главата на веста, нема дообјаснување во вид на накусо повтореното, во претходните вести објавено. На пример:
„…како е можно Заеви да станале сопственици на луксузна хациенда на самиот брег на Егејското Море по толку ниска цена.“
не се наведува за каква „хациенда“ се работи, која е таа ниска цена, каде е доказот дека некој од семејството Заеви навистина купил куќа и каква врска има, впрочем, Зоран Заев со евентуалното купување куќа во Грција од некој негов роднина. Тука е очигледно спинувањето во насока на можен случај на корупција (лидер на опозиција кому од некоја таинствена причина му даваат голем попуст при купување куќа во Грција?!?), ама тешко можеме да се оттргнеме од впечатокот дека целата приказна е изнасилена до граници на пукање, па дури не се искористени ниту сите инструменти таа афера да прозвучи сериозно и автентично.
Анализирањето на написов од аспект на пристрасност, повторно не кажува ништо ново, бидејќи пристрасноста, поточно некоректниот третман и голата пропаганда насочена против личност од политичкиот табор спротивен на оној што медиумот го фаворизира, се гледа веќе во насловот.
Откако стана практика одреден број слично профилирани портали и одредени национални радиодифузери да си објавуваат и преобјавуваат еден ист материјал, главно со пропагандни содржини, веќе е депласирано дури и да се констатира дека такво нешто се случило. Овој напис е токму од таква природа. Насловот е добро одработена пропагандистичка задача, сублимиран спин и отворена навреда. Според него, Заев е лажго, и тоа пак!
И, на крајот, нема сомневање дека пред себе имаме пропаганден памфлет кој нема информативна туку дискредитирачка функција. Но, впечаток е дека притоа не биле искористени сите алатки овој напис барем да прозвучи уверливо. Со други зборови, ова е површно одработен спинерски текст, кој бргу ќе биде заборавен.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
и има и нема
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
злоупотребени
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
не аплиактивно
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
креативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови