Рецензија: Заев ќе ја брка Шекеринска од СДСМ!?
Објавено во Рецензии
on 19 - 03 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
Ова е класичен политички пристрасен и манипулативен текст, кој не содржи никакви извори, факти или докази и кој лесно може да се оцени како чиста измислица. На тоа, всушност, наведува и самиот наслов, односно фактот што и самиот автор на текстот се прашува дали тоа што го пишува е навистина така.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Заев ќе ја брка Шекеринска од СДСМ!?
Датум и време на објавување: 12.03.2015
Датум на рецензирање: 18.03.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
На почетокот од текстот, авторот тврди дека лидерот на СДСМ поседува некакви си докази за соработка на Шекеринска со ВМРО-ДПМНЕ. Потврда за таквите докази нема, ниту од Заев, ниту, пак, од владеjачката партија или од некоја друга страна. Целта очигледно е да се наведе читателот на погрешно мислење дека се подготвува исклучување на Шекеринска од партијата, иако за тоа досега немало никакви најави. Доказ за тоа се и нејзините неодамнешни гостувања на телевизија „Телма“, во емисијата „Топ тема“ и на телевизијата „Ал Џезира Балканс“, во кои таа, во име на партијата, говори за актуелната политичка состојба во државата.
„Се претпоставува дека токму Шекеринска е еден од кртовите во СДСМ кои и овозможуваат на партијата на власт секогаш да биде добро информирана за плановите и активностите што ги подготвува опозицијата.“
Задача на новинарот не е да претпоставува, туку да истражува и на читателите да им ја пренесе вистината, поткрепена со факти и со докази, што не е случај и во овој текст. Претпоставка не може да се пренесува како факт и поради тоа може да се заклучи дека текстот е плод на имагинацијата на авторот.
Понатаму во написот, авторот, во обид да ја дискредитира потпретседателката на СДСМ, наведува дека таа не била омилена личност во партијата, бидејќи „се пазарела со власта да биде поштедена од истрага за затајувањето на данокот од изнајмувањето на станот во кој живее“.
„Во врска со овој случај беше кажано дека имало најмалку две средби помеѓу нејзиниот сопруг „Бобо Дајнерс“ и директорот на УБК Сашо Мијалков и неколку телефонски разговори помеѓу нив во време кога аферата беше актуелна и се истражуваше. Исто така, деновиве се врши притисок врз Заев да ги објави овие разговори, во интегрална форма, немонтирани, но тој се уште ги чува само за себе.“
Повторно нема никакви факти, односно не е посочено ништо конкретно за наводните средби меѓу нејзиниот сопруг и Мијалков, каде тие се случиле или за што точно се разговарало. Што се однесува до притисокот кој, наводно, се врши врз Заев за да ги објави телефонските разговори меѓу нив двајца, сигурно авторот мислел на повикот на уредникот на „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, кој го упати во централниот дневник на 11 март 2015 година. Неговиот повик не може да се карактеризира како општ притисок од јавноста, кога за тоа нема никакви наводи.
На прашањето на водителот на емисијата „Топ тема“ на ТВ „Телма“, која се емитуваше на 16 март 2015 година, а во која гостинка беше Шекеринска, во врска со снимките за наводен телефонски разговор меѓу нејзиниот сопруг и директорот на УБК, таа одговори:
„Ако се проблематични зошто не ги објават? На јутјуб видовме видео од премиерот и лидерот на опозицијата снимано во неговиот кабинет. Мислите дека некој од нас се надева дека тие луѓе бираат инструменти? Не. Тие се спремни се да употребат. Што не пуштиле досега?“
Написот понатаму вели:
„Инаку, уште од времето на Црвенковски и поголемиот дел од поранешниот и сегашен врв на чело со Заев без размислување би ја исфрлиле Шекеринска од СДСМ, и би се ослободиле од нејзините карактеристични настапи полни со омраза, гнев, лицемерие од кои партијата трпи последици и го зголемува бројот на противници, но немаа од каде да ги надоместат 5-те милиони долари кои ги добиваат од фондацијата Сорос и соодветните дипломатски врски со кои таа и Милчин располагаат.“
Овој коментар на авторот, ако може да се нарече така, бидејќи истиот не е потпишан, има една единствена цел, а тоа е да се оцрни Шекеринска и да се дискредитира фондацијата на Сорос. Ваков стил на изразување и на пишување не е типичен за еден новинарски текст, туку за еден пропагандистички и политички пристрасен текст.
Она што и понатаму боде очи во текстот е тврдењето дека Заев го прислушувал државниот врв и соработувал со странски служби.
„Но, очигледно прислушувањето на државниот врв и соработката на Заев со странските тајните служби преку шпионажа и одработувањето на нивната агенда против Македонија му овозможило на лидерот на опозицијата да дојде до значително голема сума на пари…“
Тука авторот не ја испочитувал пресумпцијата на невиност, што е пропишано и во Кодексот на новинари, и предвреме го осудил Заев, иако судската постапка за случајот „Пуч“ сè уште е во тек.
Многу е невкусно и неубаво кога новинарот ќе почне да одработува политички агенди и ќе пишува коментаторски текст, без притоа да се потпише, а во него ќе наведува работи базирани на претпоставки и на чаршиски муабети. Тоагш тоа не е новинарство, туку политичко полтронство и тука не може да се говори за професионален политички текст.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
квалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови