verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ за кампања досега потрошиле 730.000 евра

on 19 - 03 - 2013       

Новинарот ги игнорира изворите на информации и не ги атрибуира фактите, со цел да пласира спинови и коментари.

Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ за кампања досега потрошиле 730.000 евраЛинк до оригиналниот напис: ВМРО-ДПМНЕ за кампања досега потрошиле 730.000 евра

Датум и време на објавување: 18.03.2013, 17:56

Датум на рецензирање: 18.03.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Текстот се темели на факти. Од извештаите во другите медиуми дознаваме дека фактите се соопштени од страна на Антикорупциската комисија и се поткрепени со извештаи од политичките партии. Сепак, отсуството на каков било облик на атрибуција во овој текст го прави пласманот на фактите неверодостоен – за да ја одбрани веродостојноста на фактите што ги презентира, новинарот морал на читателот (гледачот) да му каже кој ги соопштува.

Извори на информации: Клучниот проблем, поради кој овој напис го подложивме на анализа, е отсуството на какви било извори. Тоа за напис кој третира сензитивна проблематика (трошење пари за предизборна кампања), во екот на кампањата, е сериозен професионален пропуст.

Пропустот е дотолку посериозен што во текстот се пласирани најмалку два контроверзни факта. Прво, се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ веќе потрошила 730.000 евра, пари кои во најголем дел „ги должи“, бидејќи досега собрала само 50.000 евра. Во некои други медиуми е објавена изјава на партискиот функционер Илија Димовски, кој објаснува за што станува збор.

Второ, се тврди дека СДСМ се финансира со банкарски кредит од 500.000 евра, што, според оценката на антикорупционерите од 2011 година, било незаконски. Бидејќи станува збор за сериозно објавување, новинарот бил должен да побара извор од СДСМ и да го пренесе неговиот став.

Содржајност: Не би можеле да кажеме дали веста свесно прикрива информации, но таа секако не е сеопфатна. Како што веќе е нагласено, дел од презентираните факти бараат дообјаснување.

Ако новинарот се потрудил да побара објаснување од официјален извор од ВМРО-ДПМНЕ, ќе можел да разбере и да пренесе дека не станува збор за „долг“ на партијата, бидејќи ова е извештај само за првиот дел од кампањата, при што донациите и трошоците треба да се порамнат во финалниот извештај (објаснувањето што Димовски го даде за некои други медиуми).

Исто така, неопходно е објаснување зошто е незаконски тоа што СДСМ искористила банкарски кредит за да ги покрие трошоците на кампањата. За да се потврди или да се одрече тоа (од професионален аспект, најдобро е да се стори и едното и другото), потребно е да се консултира и официјален извор, но и независен експертски извор. Вака, презентираниот факт има карактер на полуинформација, која остава простор за спин и за манипулација.

Новинарот во написот ги третира двете најголеми македонски и двете најголеми албански партии, што може да се смета за коректен избор, од аспект на сеопфатноста.

Пристрасност: Веќе објаснивме зошто написот не ја прикажува целата вистина – во отсуство на релевантни извори, кои ќе проговорат за проблематика која е сложена и сензитивна, текстот не нуди клучни објаснувања на некои полуинформации што ги пласира во речиси сензационален стил. Тоа остава можност за пласман на два спина: првиот е дека ВМРО-ДПМНЕ „должи“ огромна сума потрошена за кампањата и вториот е дека СДСМ веројатно незаконски ја финансира својата кампања. Од споредбена анализа со извештаите и написите во другите медиуми, лесно може да се заклучи дека станува збор за спинови, а не за факти.

Но, важно е овде да се нагласи дека кај авторот не детектираме политичка наклонетост или пристрасност, бидејќи неговите спинови рамноправно ги засегаат двете главни спротивставени политички опции. Според тоа, можеме да заклучиме дека не станува збор за повреда на етичките правила, туку за пропуст од професионална природа. Често е тешко да се оддели едното од другото, но ова е еден од ретките случаи кога тоа е јасно видливо.

Коментирање: Написот содржи и коментаторски елементи, во следниот дел:

„Имале рамковен договор со одобрени 500.000 евра, но ќе повлекувале само онолку колку што ќе им бидат потребни. Опозицијата на овој начин ја финансираше и кампањата во 2011 година. Тогаш антикорупционерите оценија дека тоа е незаконски, ама обвинителството не реагираше“.

Коментарот е интегриран со фактите и тоа е посебен проблем. Во првиот дел од наведениот коментар, се користи глаголската „л“ форма, како еден посебен, маниристички облик на коментирање во нашето новинарство (кое треба да предизвика реакција на недоверба – како да не, имале рамковен договор и ќе повлекувале само онолку пари колку што им биле потребни!).

Во вториот дел, се пласира речиси аподиктичен суд дека кампањата на СДСМ била незаконска (што така рекле антикорупционерите во 2011 година) и само се констатира дека обвинителството тогаш не реагирало, без да се каже зошто. Во оваа смисла, коментарот е неаргументиран и пристрасен.

Квалитет на насловот: Со извесна доза на резерва, насловот, чија содржина е примарно информативна, ќе го оцениме и како благо сензационален и тенденциозен – од остатокот на текстот може да се заклучи дека целта на насловот е да предизвика мала сензација, чудење од навидум огромната сума потрошена за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, право е на авторот да оцени дека сумата е преголема (наше е, се разбира, да се согласиме со тоа), но таа теза мора уверливо и аргументирано да се одбрани.

Фотографија: Фотографијата е веројатно принтскрин од видео-материјал.

Уреден за веб: Написот е придружен со видео-материјал, прилог емитуван на телевизија. Прилогот содржи информативни инсерти и други графички елементи, но во отсуство на извори (искази), очигледно е дека не се можело повеќе. Написот се соочува со редакторско-лекторски грешки, почнувајќи од таа во насловот (несогласување меѓу подметот и прирокот според категоријата број – еднина, множина).

Заклучок: Иако неоптоварен од политичка пристрасност, написот на 24 Вести пласира нецелосни и полуинформации, врз кои гради спинови и во сензационалистички манир, без јасна поткрепа со аргументи, гради единствена теза дека има спорни моменти во прибирањето и трошењето на парите во првиот дел од кампањата за локалните избори. Таа теза „виси“ и во отсуство на извори и факти, завршува во коментар на авторот, интегриран и затскриен зад фактите кои не се атрибуирани и чија веродостојност е сомнителна.

Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ за кампања досега потрошиле 730.000 евра

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ