Рецензија: ВИВА соковите со ликови на Дизни и Марвел
Објавено во Рецензии
on 22 - 11 - 2013 Автор: Тео Блажевски
Етичките правила во новинарството не се случајни, ниту пак до нивното утврдување се дошло лесно. Новинарството е таква професија што може да служи како „иљач“, но и како „отров“ во едно општество. Токму и затоа се изградени мерките за саморегулација, а една од најсилните е кодексот. Во него, пак, јасно пишува
Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст со илустрацијата (дел од чл.6 од Кодексот на новинарите на Македонија- ЗНМ).
што значи дека е недозволиво рекламирањето да биде спакувано во нешто што личи на новинарски производ, а притоа да нема јасно разграничување. Веста што ја анализиравме е, безмалку, школски пример на такво неетичко однесување.
Линк до оригиналниот напис: ВИВА соковите со ликови на Дизни и Марвел
Датум и време на објавување: 18.11.2013,14:17
Датум на рецензирање: 21.11.2013
Рецензент: Теофил Блажевски
Вистинитост: Факти има, но само за дел од нив може да се утврди дали се точни. Единствениот точен и лесно утврдлив факт е, дека производите на компанијата имаат нова амбалажа. Сите други наводи во веста не се проверливи и не можат да се потврдат без сеопфатно долго истражување на корисникот на веста – читателот или гледачот.
Извори на информации: Изворот е наведен и e еден, единствен – ПР директорката на компанијата.
Содржајност: Веста не покрива минимална сеопфатност и поради тоа, можеби има за цел да прикрие информации. На пример, не посочува кога е потпишан договорот, не кажува какви се тие строги критериуми за да се добие лиценцата, нема податок дали и некоја друга компанија од прехранбената индустрија има лиценца за користење на името или некој друг знак на обележје на таа светска компанија, и. т.н.
Пристрасност: Читателот не може да знае од ваквиот новинарски производ, дали се прикажува целата вистина. Навидум, нема извртување на вистината, но и тоа не може да се тврди со сигурност. Во написот може да се идентификуваат силни траги од наклонетост кон компанијата, а каква е природата на таа наклонетост може само да се шпекулира.
Коментирање: „Домашните компании, рамо до рамо можат да им конкурираат на странските, во делот на квалитетното производство“.
Оригиналност/Плагијат: Наведени се и авторот и изворот, а веста е оригинално дело.
Квалитет на насловот: Насловот е најкоректниот и чисто информативен дел од целиот новинарски производ. Иако е некреативен, тој е информативен, соодветен, без елементи на сензација и јасен.
Фотографија: Кон текстот на веста објавен на сајтот на телевизијата има и фотографија и видео материјал – прилог кој е емитуван во вестите на телевизијата.
Заклучок: Новинарскиот производ, што е предмет на оваа рецензија, е речиси кристално чист пример, не на скриено, туку дури би рекле и на отворено рекламирање на производи на една компанија, што е спротивно на етичките правила во новинарството. Уште повеќе, во веста што ја анализиравме недостасуваат и други методи на професионална работа на новинарот, што сето заедно упатува на заклучок дека станува збор само за привид од новинарски производ.
Се поаѓа со констатација дека македонските компании можат да се носат по квалитет со светските компании, а како поткрепа на тоа се прикажуваат производи на една единствена компанија што добила лиценца на амбалажата на своите производи да користи ликови од светски познати компании.
Нема никаква поткрепа на ова тврдење (за квалитетот), освен зборовите на претставничката за односи со јавност на споменатата компанија, која нѐ уверува дека за да се добие таквата лиценца морало да се исполнат многу строги критериуми. На што читателот/гледачот може да верува или да не верува.
Не станува збор за дневен настан, затоа што соковите веќе неколку месеци се пласираат на пазарот, па, оттука нема ниту оправдување од вака спакуван новинарски производ и објавен во информативни емисии од дневен карактер.
Исто така, нема никаква поткрепа за поширокиот јавен интерес од објавувањето на оваа вест. Станува збор за производи што спаѓаат во делот на прехранбената индустрија, но во примерот нѐ ни беше претставено ништо во врска со квалитетот (освен два збора на претставничката на компанијата), туку само новата амбалажа на производите, според која, очигледно се цели кон најмладата популација како идни потрошувачи.
Во Прирачникот за етиката во новинарството во врска со ова јасно пишува:
Под прикриено рекламирање се подразбираат сите пропагандни содржини кои по својата форма и начинот на подготовка личат на автентичен новинарски текст, така што читателот/гледачот не може да ја разликува неговата пропагандна функција од новинарската содржина. Како пример ги посочуваме многуте прилози и текстови за „успешните” приватни универзитети, новите производи или услуги на одредени компании.
Како и тоа дека:
Новинарите треба да бидат исклучително внимателни кога изготвуваат информации за одредени претпријатија, производи или услужни дејности и кога користат соопштенија за јавност и други материјали од ПР службите на овие извори или од маркетиншките агенции кои се грижат за овие претпријатија и не смеат да заборават дека основна цел на таквите материјали е да обезбедат бесплатен позитивен публицитет, а не точна, непристрасна и објективна информација.
Новинарите, уредниците и сопствениците на медиумите би требало многу повнимателно да ја следат границата помеѓу информацијата и рекламирањето, без оглед на бизнис интересот за медиумот (ако е само тоа мотивот), затоа што новинарските производи креираат јавно мислење и свест за нешто или некого. Оттука, нивното влијание кон односите на пазарот, но и кон јавното здравје е огромно. Токму затоа е неопходна таа внимателност и придржување до етичките и професионалните стандарди.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
не може да се утврди
не може да се утврди
наклонетост
комерцијална пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови

