Рецензија: ВИДЕО: Груевски ја фрли својата бомба
Објавено во Рецензии
on 16 - 02 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
Текст пласиран како легитимна информација, иако е очигледен спин, бидејќи станува збор за материјал чија суштина е извадена од контекст. Обид за медиумско покривање или, во најмала рака, минимизирање на импактот на опозициското обелоденување на аферата со прислушувањето со тоа што спектакуларно се јавува дека и „Груевски ја фрли својата бомба“. Но, откако ќе се прочита целата, релативно кусичка, содржина, се увидува дека наместо со бомба имаме работа со содржински изместена и наменски „пукната“, како што некои милуваат да кажат, петарда.
Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Груевски ја фрли својата бомба
Датум и време на објавување: 10.02.2015, 15:17
Датум на рецензирање: 12.02.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
„БОМБА“ ИЛИ НАМЕНСКИ ПУКНАТА „ПЕТАРДА“?!
Премиерот пред речиси три месеци во гостување во еден телевизиски дневник изјави дека на најавените бомби на опозицијата ќе одговореле со, како што рече, позитивна бомбичка. Три месеци подоцна, откако МВР го осомничи првиот опозиционер за шпионажа, откако следеа неколку збунувачки чекори на надлежните од типот „де детска порнографија, де шпионажа, де странски служби“, откако дел од „бомбите“ беа обелоденети, откако излезе дека се слушани и министри – нешто што не беше демантирано, откако Владата се соочи со една низа изблици на социјално незадоволство: високо образование, дополнителни давачки за хонорарците итн, медиумски се рециклира „бајатиот“ настап на премиерот и му се дава актуелен контекст. Се тврди дека неговата „бомбичка“, всушност, била сега објавениот владин предлог-закон за трансформација во редовен работен однос со кој 3.000 лица, кои веќе се вработени во државните институции на определно работно време, волонтери со договори, договори на дело или авторски договори, ќе бидат вработени на неопределено време. Овој потег на власта сериозно „мириса“ на изнуден и наликува на отстапница пред бранот граѓански протести како некаков начин на одоброволување на барем дел од јавноста. Ова размислување се аргументира со фактот дека чекорот е преземен дури по повлекувањето на дел од проблемтичното дополнително оданочување на хонорарите. Во целиот контекст не треба да се заборави и одложувањето на имплементацијата на спорните елементи од т.н. реформа на високото образование, како што е, на пример, државниот испит на универзитетите. Значи имаме отстапување на владата, нешто што, да бидеме искрени, досега не било својствено за оваа гарнитура, од неколку сериозни проекти, пред сѐ, поради острата реакција и верувам, од некого, неочекуваната мобилизација на јавноста. Генералната слика оддава впечаток дека Владата, на врат – на нос, прави обиди да ги затвори другите фронтови за да може да се фокусира на главниот – прислушувањето и СДСМ.
МОЖЕБИ, МОЖЕБИ, МОЖЕБИ….
Кога овие елементи ќе се земат предвид и кога ќе се сумира равенката, од новинарски аспект е многу тешко да се брани тврдењето дека тоа што премиерот, да повториме, пред три месеци, го најави како „позитивна бомбичка“ е токму овој популистички предлог-закон за трансформација во редовен работен однос на договорите на 3.000 лица кои се веќе ангажирани во јавниот сектор. Значи, просторот е многу широк и се сведува на нагаѓање на што точно мислел премиерот во ноември кога зборуваше за неговата „бомба“. Можеби мислел на првичниот проект за хонорарите, од кој неславно се повелече, или можеби на силно бранетата идеја за државен испит на факултетите, или можеби на обвинувањата дека опозицијата непатриотски „соработува“ со странски служби? Можеби, можеби, можеби….
А, зошто едноставно не го прашаа премиерот?! – Секако, ако можеа или сакаа.
Оттука, „баба Ванѓа“- елементите да им се остават на видовитите, а во новинарството да се користат фактите.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
најверојатно е оригинал
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови