Убедување на јавноста во однапред смислена приказна е пропаганда, не новинарство
Објавено во Рецензии
on 11 - 04 - 2015 Автор: Ана Анастасовска[Рецензија: „Вечер“: 24.12.2012- СДСМ во фајтинг, Заев во шопинг во Грција]
Ова е еден крајно спинерски и манипулативен текст, кој од почеток до крај креира сценарио дека лидерот на опозицијата, Зоран Заев, е „предавник“, а притоа користи непроверени информации. Написот е полн со коментаторски елементи и има цел – дискредитација на Заев и „перење“ на премиерот Никола Груевски.
Линкуван наслов на анализираниот напис: „Вечер“: 24.12.2012- СДСМ во фајтинг, Заев во шопинг во Грција
Датум и време на објавување: 06.04.2015
Датум на рецензирање: 08.04.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Заев се пазарел за вилата во Грција додека неговите сопартијци иницираа инциденти во македонското Собрание. Додека СДСМ глумеа жртви на полициско насиство на 24 декември 2012 година, Зоран Заев на големо го привршувал договорот за купопродажба на луксузната вила во Неа Мудања. Договорот за купопродажбата на имотот во Грција е склучен на 28 декември во 2012 година, само 4 дена по инцидентите во Собранието, пишува Вечер.“
Очигледно е дека авторот на овој текст, односно пропаганден памфлет, сака да го испере Груевски по објавената „бомба“ од опозицијата за хашките случаи. Истиот ден, 6 април 2015 година, кога СДСМ го обвини Груевски дека од плажа во Грција наредувал да се гласа амнестија за хашките случаи, овој медиум излегува со текст дека Заев договарал да купи куќа во Грција додека неговите сопартијци „глумеле“ жртви на полициско насилство на 24 декември 2012 година. Ова е уште еден спин и обид за манипулација, имајќи го предвид фактот дека опозициските пратеници на 24 декември 2012 година не „глумеа“, туку беа жртви на полициско насилство и брутално беа исфрлени од македонското Собрание.
„Лидерот на најголемата опозициска партија Зоран Заев секојдневно се обидува да го убеди народот во неговите добри намери, и да покаже дека е патриот, но ден на ден тој се повеќе се заплеткува во сопствената мрежа на лаги. Јавноста се сеќава на неговата изјава кога побара да си ја “свиткаме кичмата” за името, а деновиве станавме сведоци како Заеви купувале луксузна хациенда на брегот на Халкидики.“
Заев сакал да го убеди народот дека е патриот?! Не, Заев јасно кажа дека со „бомбите“ сака да го убеди народот дека Груевски не е толку голем патриот како што се претставува. Она што е спорно е и кои се тие лаги во кои Заев се вплеткува и каква врска има прашањето за името во овој текст? Тука е спинот, односно обидот на авторот да го убеди читателот дека „Заев не бил патриот“.
„Но, она што е уште поскандалозно е фактот што Заев се пазарел за вилата во Грција додека неговите сопартијци иницираа инциденти во македонското Собрание. Додека СДСМ глумеа жртви на полициско насиство на 24 декември 2012 година, Зоран Заев на големо го привршувал договорот за купопродажба на луксузната вила во Неа Мудања. Договорот за купопродажбата на имотот во Грција е склучен на 28 декември во 2012 година, само 4 дена по инцидентите во Собранието.“
Договорот бил склучен само четири дена по инцидентите од 28 декември 2012, но потписот не го ставил Зоран Заев, туку негов роднина. Каква врска има Заев со тоа што негов братучед купил вила во Грција и од каде тврдењето дека лидерот на СДСМ бил во Грција во тој период и го привршувал договорт за купопродажба, кога за тоа нема никаков доказ? Без цврсти аргументи, тезата за „скандалозното“ отсуство на Заев од „црниот понеделник“, која провејува во овој текст, паѓа во вода.
„Информациите дека Заев купувал хациенда на Халкидики додека пратениците и членството ги извршувале креираните сценарија, уште повеќе го зголемило незадоволството кај членството.“
И како шлаг на тортата, текстот завршува со коментар дека членството било незадоволно од тоа што Заев купувал куќа во Грција. Непроверена информација, која не може да се докаже како точна, се извртува и се пласира како вистина која предизвикала незадоволство, кое, исто така, не е поткрепено со никаков факт.
Ваквите спинерски текстови станаа практика во нашето новинарство и тие во голема мера го спуштаат нивото на медиумското изразување и пишување. Коментаторските текстови кои без никакви докази и факти го убедуваат читателот во однапред смислена приказна, се нарекуваат пропагандистички, а не новинарски текстови.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
креативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
нечитлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови