Никакви факти и докази, а серија сериозни обвинувања
Објавено во Рецензии
on 15 - 05 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Рецензија: Терористите пристигнале во земјава во време кога траеја насилните протести]
Очаен и срамен обид за манипулација и за поврзување на опозицискиот СДСМ со терористичката група што беше разбиена во полициската акција во Куманово. Текстот, од една страна, не е поткрепен со никакви факти и докази, а од друга страна, посочува сериозни обвинувања на сметка на најголемата опозициска партија.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Терористите пристигнале во земјава во време кога траеја насилните протести
Датум и време на објавување: 11.05.2015
Датум на рецензирање: 13.05.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Терористичката група, која властите ја оценија, како една од најопасните на Балканот, која беше утврдена во кумановската Дива населба, според информации до кои дојдовме, на македонска територија влегла на петти и шести мај односно во вторникот и средата. Токму во овие денови во Скопје, но и други градови, се спроведуваат протести против полициска бруталност при што беа повредени околу триесетина полицајци од страна на учесници во протестите, зад кои, како што се наведуваше во повеќе медиуми, стои опозицијата и голем број невладини организации финансирани од Фондацијата отворено општество Македонија.“
Главната теза на овој текст, дека опозицијата и Фондацијата „Отворено општество Македонија“ (ФООМ) намерно организирале протести против полицијата за да им го одвлечат вниманието на припадниците на МВР и терористите да влезат на територијата на државата, паѓа во вода имајќи предвид неколку факти кои очигледно авторот ги заборавил. Прво, СДСМ и ФООМ не се организатори на овие протести, туку протестот го поттикна движењето „Стоп за полициската бруталност“, кое, поддржано од граѓани, новинари, невладини организации и од политички партии, го изрази својот револт против полицијата и особено против министерката Јанкулоска поради затскривањето на убиството на Мартин Нешковски, што беше обелоденето во „бомбата“ која ја објави СДСМ на 5 мај.
Второ, не може со сигурност да се тврди дека терористичката група влегла во Македонија токму на 5 и на 6 мај од причина што МВР, еден ден подоцна, откако е објавен овој текст, односно на 12 мај, откри дека истата група, неколку недели порано, на 21 април, ја нападнала караулата во Гошинце. Дека групата била претходно навлезена на македонска територија, потврди и директорот на српската воено-безбедносна агенција, Петар Цветковиќ, чија изјава беше објавена истиот ден кога е објавен и овој текст.
„Според Цветковиќ наоружаната група која се судри со полицијата во Куманово, долг период била стационирана на територија на Македонија. Уште во април ги известиле безбедносните структури во земјава дека големи се шансите групата да нападне.“
Дека групата била подолго време следена, потврди и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој по состанокот на Советот за безбедност посочи дека за оваа група на почетокот од 2015 година писмено информирал 17 партнерски служби на земјите од Европската унија и од НАТО, како и земјите во регионот.
Она што е најинтересно е дека истиов текст одекна истиот ден во повеќе медиуми кои важат за блиски до власта, како што се „Курир“, „Алфа“, „Сител“, а во сите нив изворите беа анонимни. Сличноста во текстовите посочува на фактот дека информаторот бил ист, а информациите непроверени и пласирани со ударни наслови за да се изманипулира јавноста и да се создаде погрешна слика дека опозицијата има некаква врска со терористичката група од Куманово.
Право на новинарот е да не го открива изворот на своите информации, но во случајов е прекршено правилото од Новинарскиот кодекс „Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“. Во случајов станува збор за непроверени информации пласирани како факти, кои се однесуваат на сериозни обвинувања и кои не можат туку така да се објават. Мора да постои цврст доказ за нив. Во Кодексот јасно се наведува дека „Новинарот има право да одбие работна задача, доколку е во спротивност со принципите на Кодексот“. Ова, особено, ако станува збор за ваква манипулација и за неоснован текст за кој може авторот да заработи и тужба.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
релевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови