Владата на РМ како „Застава филм ви прикажува…“
Објавено во Рецензии
on 5 - 06 - 2015 Автор: Љубомир Костовски
[Рецензија: Тепачка меѓу членовите на СДСМ пред Влада]
Дел од медиумите во неделата објавија фоторепортажи од кампот пред Владата, каде, наводно, се случила тепачка меѓу камперите, при што речиси сите го имаат истиот наведен наслов. Секаде има и една видеосторија долга 19 секунди, која треба да биде додатен доказ дека тепачка имало. Фоторепортажата со кусиот видеозапис, за волја на вистината, би била неупотреблива ако некој во таа наводна тепачка се пожали на суд дека бил удрен, па нуди нешто како доказ: „еве видете, тука бев тепан и тоа од овој и од овој!“ Такво нешто нема, нема дури ниту влечење за јакни, плукање и закани или каква било назнака за некаква агресија, вообичаена за такви настани. Само собрани луѓе кои распаваат за нешто. Ама нејсе, сторијата се појави и треба да се прокоментира. Особено што станува проблематичен изворот на фотоматеријалот, кој, и на мало дете би му било јасно – „доказниот материјал“ е снимен од зградата на Владата! Многу веројатно заради промена на аголот на снимањето од камера, која се движи лево-десно и не може да задржи еден кадар со потребна должина, треба да заклучиме дека се работи за безбедносна камера!
Линк до оригиналниот напис: Тепачка меѓу членовите на СДСМ пред Влада
Датум на објавување: 31.05.2015, 11:13
Датум на рецензирање: 02.06.2015
Рецензент: Љубомир Костовски
„Физичка преметка во кампот на СДСМ пред Владата, помеѓу нивни членови и симпатизери, се случила доцна во ноќта во саботата, потврдуваат за Нетпрес очевидци. Според сведоштвата и материјалите кои ги добивме, имало закани, пцуења, викање, како и чкрипења со автомобили. Вревата на улицата ги разбудила околните станари во близина на Владата. Очевидците кажуваат дека две групи на млади момчиња, од по десетина, физички се пресметале во кампот на СДСМ, при што, во улога на медијатори и помирувачи пристигнале и функционери на партијата кои сакале да го сокријат инцидентот од затекнатите минувачи и околните станари, како и да спречат негово ескалирање.“
Текстот содржи детали за тоа каде почнала кавгата, со името на кафулето, кој ја смирувал и слично, ама никаде нема извор кој би бил релевантен и извесен. Се споменуваат „Нетпрес очевидци“ небаре тие се сведоци со некој посебен ков, па не им требаат имиња и презимиња. Или барем некаков поблизок опис. Особено што во текстот се тврди дека лицата кои се тепале биле под дејство на алхохол, кој наводно „се консумира во огромни количества“, па затоа, нели, „било прашање на време“ кога ќе дојде до пресметка. Уште потешко е обвинението за користење „недозволени психотропски супстанци“, со назнака некои велат (нели, кои?) и така имаме релативно долга сторија, особено кога во наднаслов се кажува дека се работи за фоторепортажа. Според должината, тоа и не е фоторепортажа, бидејќи должината на текстот треба да ги дополни практично неупотребливите фотографии. Се вели дека фотографиите се направени по тепачката, како да е тоа оправдување. Зошто тогаш се користат фотографии ако треба да се верува „на жими мајка“?!
Фотографиите, фактички, не докажуваат ништо, иако би требало да се тоа „клучните сведоци“, освен што, особено од последните, се гледа дека се снимени од понискиот кат на зградата на Владата! Значи, оттаму се снима сè, па и да имало тепачка, таа секако би била снимена?! Но, како ваквите материјали стигнуваат до медиумите? Дали тоа не е злоупотреба и не кажува ли тој метод дека власта се меша во уредувачката политика на редакциите или дека, едноставно, си нарачува прилози?! Како Владата да се претворила во „Застава филм ви прикажува“ од Титово време, пропагандна камера во функција на интересите на владините ешалони. Дали видеоопремата на премиерот е пренасочена сега, кога никој не му оди на гости на премиерот – „кон надвор“. Во тие фотографии лежат сериозни обвинувања за слободата на медиумите во оваа земја, заради користење на споменатите снимки. А барем нешто и да вредеа…
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови