Рецензија: Тајна средба за договор за подбуцнување тензии?!
Објавено во Рецензии
on 14 - 07 - 2014 Автор: Зоран БојаровскиВо лекцијата „Псевдонастани: Раскошна претстава на бедата“, објавена на Сервисот за проверка на фактите од медиумите, се вели дека медиумските конструкции тендираат да бидат дел од реалноста или да создаваат псевдореалност. Овие феномени го узурпираат јавниот простор и во судир со објективната реалност создаваат конфузија и мимикрија кога станува нејасно што е реално, а што е псевдореално.
Еден таков новинарски текст, текст што креира псевдонастан, или медиумска контсрукција, рецензираме сега и тука.
Човекот кому му се припишува терминот „псевдонастани“ е Даниел Бурстин, американски историчар и политички аналитичар. Тој во својата книга „The Image: A Guide to Pseudo-Events in America “ од 1961 година ги предвиде новите трендови на взаемното креирање на реалноста на медиумите и политичките и екномските центри на моќ. Според Бурстин, пседвонастаните ги имаат следните карактеристики:
- Претходно се напишани (подготвени) и драматачни.
- Вклучуват интересни ликови.
- Продуцираат слики со иконографски димензии: нестрплива толпа, потресни семејни драми, предимензионирани патриотски балони.
- Дизајнирани се да бидат вознемирувачки, односно смирувачки, толку колку што оние што ги продуцираат се прикажуваат дека ја „владеат ситуацијата“.
- Создаваат илузија на информираност кај оние кон кого псевдонастаните се упатени.
- Еден псевдонастан отвора пат за многу други псевдонастани.
Освен овие карактеристики на псевдонастан, медиумската содржина што ја рецензираме има проблеми и со професионалните стандарди зашто крши дури 4 членови од Кодексот на новинарите и еден став од неговата преамбула.
Линк до оригиналниот напис: Тајна средба за договор за подбуцнување тензии?!
Датум и време на објавување: 08.07.2014, 14:23
Датум на рецензирање: 10.07.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Овој напис, освен што нема ништо со што може да потврди дека имало некаква тајна средба, сосема заборавил на еден од најсуштествените принципи на „новинарскиот устав“ – тој дека новинарите ќе ги почитуваат човековите права и плурализмот на ставовите и идеите. Впрочем еве што вели тој став од преамбулата на Кодексот:
„Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.“
Во членот 1 од Кодексот се наведува дека точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно, а една ваква сериозно вознемиирувачки обоена медиумска содржина не е поткрепена со ниту еден извор за веродостојност, освен флоскулите „во новинарски кругови“ и „нашите извори“. Нема назнака ниту дека изворите побарале да бидат анонимни, ниту, пак, се наведени причини за такво нешто како што сугерира членот 4 од Кодексот:
„Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити.“
Целиот текст е обоен во тон кој сугерира вина, иако, повторно, со ништо не е потврдено дека тајната средба била реална. А членот 10 од Кодексот нагласува:
„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“
Непочитувањето на неутралоната новинарска позиција го прави текстот видливо пристрасен, наклонет кон одредена политичка опција, а членот 14 од новинарскте правила во Кодексот е прецизен:
„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“
Освен што нема професионална дистанца, овој текст крши уште еден член поврзан со солидарноста, угледот и достоинството на професијата и на колегите кои имаат право на различно мислење. Така налага членот 16 од Кодексот:
„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.“
Да ја затвориме оваа рецензија со тезата за медиумската конструкција од нејзиниот почеток. Завршницата на текстот што го рецензираме го затвора кругот на сопствената медиумска конструкција за да создаде илузија на уверливост, со нагласување дека сѐ што се тврди во текстот се потврдува со тековните настани и на тој начин се постигнува ефектот на вештачка, парареалност.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
неточни наводи
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални, анонимни
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
политичка дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови