verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Напис според народната поговорка „гладна кокошка просо сонува“

on 7 - 09 - 2015       

Firefox_Screenshot_2015-09-06T20-56-28.855Z-crop-resize

 

[Рецензија: Свилениот гајтан на Сорос почна да се стега околу Заев]

 

Текстов многу наликува на народното „гладна кокошка просо сонува“. Некој ептен се измачил за некако да протолкува конкретен јавен настап на политички аналитичар, ептен неомилен кај владејачката структура, како јасен и недвосмислен сигнал дека „семоќните Сорос-инсталации“ во Македонија му готват манџа зад грб на лидерот на опозицијата?! И оттука тргнува работата – задкулисни игри, тајни финансиери, свилени гајтани, сите потребни мирудии за холивудско сценарио. Арно ама, новинарството и „правењето филмови“ се две целосно различни работи.

Firefox_Screenshot_2015-09-06T20-56-28.855ZЛинк до оригиналниот напис: Свилениот гајтан на Сорос почна да се стега околу Заев

Датум и време на објавување: 06.09.2015, 12:32

Датум на рецензирање: 06.09.2015 

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ИСТРАЖУВАЊЕ ПО ФАКТИ, А НЕ НЕАРГУМЕНТИРАНО „ХАЛУЦИНИРАЊЕ“

Да, исклучително важен дел од новинарското работење е истражувањето, барањето на сржта на приказната, „копањето“ по суштината по добиени индиции, еве и да речеме „допрен глас“. Оттука, ако аналитичар, познат по острите ставови кон власта, кој истовремено важи и за доброупатен во дипломатските кругови, нешто навестува, тогаш тоа секако може да биде појдовна точка за бркање на вистината. Ама, тоа треба да биде направено како што треба, по новинарски терк, а не како во конкретниот случај. Да одиме со ред. Се наведува дека спомнaтата личност била кандидат за прв човек на т.н. Сорос-фондација во земјава, што и тој самиот го потврди, но не беше избран зашто друг човек ја презеде позицијата. Но, овој факт некому не му пречел да „изгради“ теза дека, иако не ја презел функцијата, Ордановски е безмалку врвен експонент на „лошиот“ Сорос и дека тоа што тој ќе каже го отсликува и ставот на, како што упорно со инка ѝ се сипува на јавноста во глава, „семоќната“ фондација. Значи, човекот бил кандидат, но не бил избран за прв човек на „Сорос“ и сега тој нема каква било формална поврзаност со оваа организација. Друг проблем, се тврди дека „Сорос“ е „главен финансиер на опозицијата“. Каде тоа го има, каде го пишува, зашто оваа фондација, во согласност со правилата, многу јасно навела кои и какви проекти помага, а меѓу нив нема „финансиско асистирање на политички партии“. Ако имало таков облик на „црни пари“, тогаш за тоа мора да се приложат докази, а не само голи изјави. Јасна е тенденцијата „ако не си со власта, тогаш си против неа“. Понатаму, „крунската“ изјава на аналитичарот која се користи, а би рекол и злоупотребува, за пласирање на сензацијата дека „Свилениот гајтан на Сорос почна да се стега околу Заев“ е исечена и искористена надвор од контекст. Се нуди само еден сегмент:

„Забележувам и тоа дека кај добар дел од странците со кои јас разговарам постои одредена резерва за тоа кој ќе дојде на власт по Груевски – СДСМ не им е доволно јасен, Заев не го познаваат добро и не го знаат неговиот капацитет за обединување на опозицијата, а за минатото на неговата партија немаат големи пофалби.“

Поради коректност, ќе ја пренесеме оваа негова изјава во целост, зашто само така ќе се добие целосниот впечаток за тоа каде тој сакал да „поентира“:

„Странците со кои јас имам прилика да разговарам – ете, последниот пат во низа средби на маргините на неодамншениот Балкански самит во Виена – веќе немаат никаква илузија со кого си имаат работа кога е Груевски и неговата фамилија на власт во прашање. За него главно се разговара како за уште еден политичар од идното минато на Македонија, како за човек на дефинитивно заминување од македонската политика. Тие разбираат дека тоа негово збогување ќе се одвива во повеќе епизоди, некои од нив забавни, други тажни, но јасно им е дека после содржините на „бомбите“ и, особено, по големиот инцидент во Куманово – нему политички спас му нема. Но, забележувам и тоа дека кај добар дел од овие странци со кои јас разговарам, постои одредена резерва за тоа кој ќе дојде на власт по Груевски – СДСМ не им е доволно јасен, Заев не го познаваат добро и не го знаат неговиот капацитет за обединување на опозицијата, а за минатото на неговата партија немаат големи пофалби. Кон ДУи се однесуваат со релативна незаинтересираност…“

 

ШТО САКАЛ ПИСАТЕЛОТ ДА КАЖЕ…

Има разлика, нели? Но, и покрај ваквото селективно пренесување на само еден дел од изјавата, со што неспорно се врши манипулација, нејасно е од кој дел на настапот на Ордановски се црпат аргументите за тврдењето „свилен гајтан на Сорос за Заев“. Има ли плус изјави, дали му е телефонирано на Ордановски, па да се праша што сакал да каже, да се дообјасни, има ли официјален став од Сорос, да се праша во СДСМ дали Заев го чувствува „гајтанот околу врат“?! Не, нема ништо од тоа. Единствено нешто што има се „познавачи“, секако и предвидливо анонимни, кои го дообјаснуваат Ордановски во стилот на средношколско обработување лектира „што сакал писателот да каже“. Значи на овие НН лица треба да им веруваме беспоговорно зашто тие „добро го познавале Ордановски“ и дека зад овие пласирани еуфемизми се крие отворено признание дека дури и за спонзорите на опозицијата, политиката на СДСМ на бојкот на институциите и обидот за насилно доаѓање на власт се нејасни, а кога е во прашање капацитетот на Зоран Заев, немаат сомнеж дека истиот не постои, односно дека СДСМ на чело со Заев нема ни теоретска шанса да се квалификува како полусериозна опција која ќе ги убеди граѓаните на Република Македонија во некаква програма и идеја за напредок на државата – за кои и самата опозиија признава дека „сè уште ги нема“. Па, овие непоткрепени и чисто политички тези се безмалку исти со изјавите на челниците на владејачката партија. Случајност? Хм, ако се види каде сè овој ист текст е пренесен, би рекол не. Плус, има и сериозно опасен спин со тврдењето дека опозицијата сакала насилно да дојде на власт, зашто опозицијата бараше и сè уште инсистира на фер и слободни избори, а не, како што тука се вели, насилно преземање на власта. Но, сè уште не е крајот, следуваат и коментаторски елементи кои само ја дополнуваат општата слика за чисто политичко-партиска мотивација за написот, со сериозно неизбалансиран и јасно пристрасен пристап:

„Каков епилог ќе има ова стегање на соросовиот свилен гајтан околу грлото на опозициониот глас и дали тоа ќе резултира со смена во раководстовото на СДСМ после јасниот пораз кој сите го очекуваат во април 2016-та, останува да видиме.“

 

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинари.

Конечно, нејасна теза, без аргументи, ич докази, слаби, ако воопшто и ги има, извори на информации, коментирање, пристрасност, показатели за диригираност и координација со некој центар…. Ептен „филмување“, ама не и вистинско новинарство, зашто, меѓу другото, само „сонување по просо“ не е доволно за информирање на јавноста.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

неофицијални, анонимни

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

најверојатно е целосна копија, иако тоа не е наведено

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови