СДСМ и Сорос виновни за сѐ – по принципот новинарски напис те тужи, новинарски напис ти суди
Објавено во Рецензии
on 13 - 05 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Рецензија: СДСМ со очајна тактика добар протестант-лош протестант]
Ова е едностран, несеопфатен и необјективен текст кој на секој начин се обидува да ги поврзе СДСМ и Сорос со протестите против полициската бруталност, но и со инцидентите што се случија за време на првиот ден од протестот, а во кој имаше повредено неколку протестанти и полицајци. Притоа, авторот на текстот користи изјава која е непроверена и која се пласира како факт.
Линкуван наслов на анализираниот напис: СДСМ со очајна тактика добар протестант-лош протестант
Датум и време на објавување: 07.05.2015
Датум на рецензирање: 11.05.2011
Рецензент: Ана Анастасовска
„Откако јавноста ги осуди насилствата кои ги применува СДСМ врз полицијата и државниот имот, СДСМ се обиде со очаен обид да „испере“ дел од одговорноста која постои кај нив. Јасно забележлив е обидот на вчерашните протести со тактиката добар протестант-лош протестант со обид да се скрие дел од срамот.“
Авторот на овој текст уште на самиот почеток, преку коментар, се обидува на читателот да му создаде слика за тоа кој ги организира протестите и кој ги предизвикува инцидентите, односно кој ја напаѓа полицијата. И, секако, главен виновник е СДСМ, што е нагласено уште во насловот, иако социјалдемократите никаде не посочиле дека се организатори на овие протести. Имено, авторот заборавил или, пак, намерно пропуштил да каже дека протестите беа организирани спонтано, преку социјалните мрежи, а поттикнати од движењето „Стоп за полициската бруталност“. Ако членови на СДСМ се појавиле на протестот и дале поддршка, автоматски не значи дека се и организатори на истиот.
„СДСМ и медиумите на СОРОС се обидоа да фингираат дека една група демонстранти ја напаѓа полиција, а друга не се согласува со тоа. Во ваквото смислено сценарио актерите се две групи од членовите и активисти на СДСМ. Групата напаѓачи под директна контрола на Саша Богдановиќ кој и самиот има неколку прекршочни пријави и е познат насилник, а втора група која демек не се согласува со ваквите насилства во која најголем дел се членови и активисти на невладините организации на СОРОС кои се забележуваат на сите протести.“
Главната манипулација и идеја на авторот е содржана во овој дел од написот. Директно се посочува гавниот виновник, во случајов Саша Богдановиќ, „познат насилник“, иако читателот не може да види по кои насилни дела е познат, како организатор на напаѓачите. Сето ова подолу во текстот е поткрепено со изјава на Михаил Младеновски, поранешен генерален секретар на СДММ. Тој го обвинува Богдановиќ, кој е претседател на СДСМ-Центар, дека организирал насилници од навивачката група на „Работнички“ да глумат лоши протестанти. И тоа е во ред. Секој има право да си го искаже своето мислење. Но, она што е проблем е што приказната завршува тука. На обвинувања и на директни посочувања, втората страна ја нема никаде. Читателот не може да прочита изјава од Богдановиќ или, пак, од претставници на навивачката група на „Работнички“, со што му е скратено правото да ја дознае вистината, а пласирана му е само тезата на авторот и неговиот обид за манипулација.
Во текстот на ниту едно место не е спомнато дека активисти на здружението „Стоп за полициската бруталност“ ги иницираа протестите пред Собранието. Понатаму, не е нагласено дека и самите организатори се против провокаторите, кои сакаат протестите да ги направат насилни. Авторот можел да се потруди, не морал да бара изјави, туку само да пребара на интернет и ќе ги нашол овие информации.
Во овој текст е прекршен првиот член од Кодексот на новинари, а тоа е „Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“. Ова особено во ситуација кога имаме директно обвинување за сериозни работи, како што е организирање напад на полицајци.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови