verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

„Манџа“ со мирис на партиска запршка

on 16 - 10 - 2015       

111-09876-0980007-crop-resize

 

[Рецензија: СДСМ со барањата дополнително ја губи довербата кај граѓаните]

 

Ова би го нарекол „деморализирачко четиво за неподобните опозициски елементи“. Го одликува строго наменската употребна вредност, а таа е да се „докаже и покаже“ дека главната опозициска партија е некоординирана и поделена. Нормално, сè се темели на „анонимки“ и на „дојави“ обландирани со коментаторски елементи. Вакви материјали во кои исклучиво се опишува слабоста на противникот, а ниту збор за сопствениот капацитет за справување со ситуацијата, велам сопствениот зашто текстот, сепак,  како да „пее по нечии ноти“, се брошурки карактеристични за поранешните политички комесари.

111 Линк до оригиналниот напис: СДСМ со барањата дополнително ја губи довербата кај граѓаните

Датум и време на објавување: 10.10.2015, 14:01

 Датум на рецензирање: 14.10.2015

 Рецензент: Владимир Мирчески

 

ДЕМОРАЛИЗИРАЧКО ЧЕТИВО ЗА „ОПОЗИЦИСКИТЕ“ ЕЛЕМЕНТИ

„Опозицијата е во невидена какафонија“ – ако ова не сте го знаеле, тогаш тоа ќе го дознаете од овој напис. Не стивнува бранот анализи и текстови од типот „дознаваме“ за ситуацијата во „лошиот“ партиски табор. Безмалку сè што се објавува на одредени портали, вклучувајќи го и овој, се однесува на, како што се тврди, лошата внатрепартиска ситуација во СДСМ. Можеби е така, ама ајде еднаш, барем еднаш да ги видиме стандардизираните новинарски алатки, кои и навистина ќе нè убедат и уверат дека на јавноста ѝ се сервира кредибилна информација, а не само медиумска помија со партиско-политичка запршка. Со ред:

Новинарска алатка број 1: Извори. Ги нема, барем не во формата што се очекува, недостигаат јасни и прецизирани изјави, именувани соговорници… Наспроти тоа, пак, се соочуваме со познатите „дознаваме“. Внимавајте, сè што е лошо, а речиси сè е лошо кога станува збор за опозициското дејствување, е завиено со велот на мистериозност и анонимност. Па, изнесете ги тие „видни членови на опозицијата“ еднаш на дневно светло за навистина читателот да се увери дека навистина има „невидена конфронтација“ во врвот на таа партија. Вака, барем јас, веќе не можам да разграничам дали во, на овој начин формулираните текстови, има реална информација или, пак, чиста шпекулација.

Новинарска алатка број 2: Ставот на втората страна. Свесен сум дека во денешните услови во домашната медиумска сфера ова инсистирање е како потрага по Светиот грал, ама што ќе фалело да се сврти еден телефонски број и да се обезбеди барем основен официјален став на партијата што се анализира. Избегнувањето на користењето на оваа алатка не само што се коси со стандардите на професијата, туку ѝ оди во прилог на можноста дека голем дел од наведеното се шпекулации.

Новинарска алатка број 3: Аргументи. Не ги гледам за да ја покријат серијата сериозни тврдења за некаков си раскол во раководството на опозицијата. Пак ќе повториме, можеби е така, ама факти од новинарска гледна точка нема.

До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави – член 1 од Кодекс на новинари.

 

ПАКЕТ-АРАНЖМАН ПО МЕРКА

Во целиот „пакет-аранжман по мерка“ проблем се и коментаторските обиди кои недвосмислено ја потврдуваат пристрасноста во написот, секако во корист на другата политичка страна:

„…СДСМ свесна за сево ова, предлага формални решенија со кои би се кажало дека дијаспората гласа, но во суштина таа ќе остане без свои пратеници, што би било двојна измама од СДСМ.“

 

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинари.

На крајот не треба да се заборави ниту насловната конструкција која е формулирана на начин како апсолутна вистина. Кој вели дека „СДСМ со барањата дополнително ја губи довербата кај граѓаните“? – Предизборна анкета, луѓе на улица, партиски штаб, одговорниот за текстот, истражување на јавното мислење… Нормално, нема одговор. Насловот, во овој случај, наместо да информира, ја тера публиката во насока која некому му одговара.

Конечно, вистинитост на „стаклени нозе“, отсуство на извори, дилема дали е информација или шпекулација, необјективност и пристрасност… Ова не се мирудии за кредибилен новинарски текст, туку за, пак да повториме, „манџа“ со мирис на партиска запршка.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

не се знае

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

„анонимки“

анонимни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

најверојатно да

можеби

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови