Рецензија: СДСМ подготвува кампања „Сечи мајсторе”, а Шекеринска е одговорна
Објавено во Рецензии
on 18 - 09 - 2013 Автор: Соња ЗдравескаНапис заснован на озборувања во кој авторот се обидува на духовит начин да пишува за сериозна политичка тема, но успева само да исмева и дискредитира.
Линк до оригиналниот напис: СДСМ подготвува кампања „Сечи мајсторе”, а Шекеринска е одговорна
Датум и време на објавување: 06. 09. 2013
Датум на рецензирање: 12. 09. 2013
Рецензент: Соња Здравеска
Вистинитост: Написот се темели врз изјави на станарите од зградите во близина на седиштето на СДСМ , чија веродостојност не може да се утврди. Понатаму, се спомнуваат „пишувањата на некои македонски медиуми“, без да се спомнат конкретните написи и изворите во нив.
Извори на информации: Авторот на текстот се потпира главно врз кажувањата на анонимни жители на зградите на „Павел Шатев“. И покрај тврдењето: „нашите екипи се обидоа да истражат за што се работи“, текстот до самиот крај ја конструира приказната, повикувајќи се на истите анонимни извори, поврзувајќи ги со „пишувањата во некои медиуми“. Во текстот не е побаран став од СДСМ, иако тој е целосно посветен на оваа партија.
Содржајност: Користејќи само еден вистински, анонимен и неофицијален извор, авторот на овој текст се обидува да направи конструкција во која изнесува детали од наводната кампања која ја подготвува СДСМ. Проблемот е во тоа што во написот се изнесуваат одредени детали кои соседите од околните згради не можеле да ги знаат. Оттаму, можно е авторот да не ги открива своите вистински извори, во исто време користејќи форми како „некои велат“ и „се очекува“, што оддава впечаток дека во текстот можеби се прикриваат некои информации.
Пристрасност: Написот е комплетно пристрасен и се добива впечаток дека авторот воопшто немал намера да постигне објективност и баланс. Поради тоа што се потпира само врз еден извор, текстот не ја прикажува целата вистина, а веродостојноста на сето она што е напишано не може да се утврди.
Коментирање: Авторот наместа влегува во комплетно паушални конструкции спротивни на новинарските правила, кои дополнително ја подриваат објективноста на написот:
„Станарите потврдуваат дека додека траел говорот, Радмила Шекеринска исто така знаела да излезе од прозорецот каде го слушале говорот и со воздишки нејзиниот поглед завршувал во далечината. Некои велат дека дури има и воодушевување иако не сака самата да признае.“
Овие места во текстот не се издвоени од деловите кои авторот ги претставува како факти.
Квалитет на насловот: Од насловот се добива впечаток дека СДСМ подготвува кампања наречена „сечи мајсторе“, што се покажува како неточно кога ќе се прочита текстот.
Фотографија: Написот е илустриран само со архивска фотографија на Радмила Шеќеринска, чиј автор не е наведен.
Заклучок: Со насловот, но и со целиот текст, авторот неуспешно се обидува да внесе шеговит тон во сериозна политичка тема. Повикувајќи се на анонимни и неофицијални извори во комбинација со сопствени конструкции, впечаток е дека авторот имал цел не да известува и информира, туку да исмејува и дискредитира. Делови од текстот содржат коментари кои авторот се обидува да ги „протне“ меѓу фактите и да ги претстави како вистина, иако се работи за негови паушални толкувања. Текстот содржи легитимни елементи за една вест, но начинот на кој таа е напишана сугерира тенденциозност.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални, аноними
нерелевантни
2 извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
политичка дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови
