Рецензија: СДСМ фингира студентски протести
Објавено во Рецензии
on 18 - 11 - 2014 Автор: Мирослава Симоновска
Пред нас се наоѓа трагичен споменик на непрофесионалното новинарство кое нема цел ниту да информира, ниту да понуди издржана критика, туку да креира конспирациски теории со низок квалитет. Ниту една реченица од текстот не може да си го понесе епитетот „проверена“. Основната идеја е да се дискредитираат независните студентски протести, кои првпат по години на исто место собраа илјадници студенти со исти барања. И покрај нивната децидна порака дека единствената книшка им е студентскиот индекс, во овој текст се прави малициозен и инфантилен обид протестот да ѝ се припише на опозицијата, а тоа се прави толку безобразно и неаргументирано, што е речиси и смешно.
Линк до оригиналниот напис: СДСМ фингира студентски протести
Датум и време на објавување: 16.11.2014 16:39
Датум на рецензирање: 18.11.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Во овој крајно тенденциозен текст, се пропушта да се наведат многу важни информации за тоа како течеше процесот на подготовка на студентскиот марш. Имено, „Студентски пленум“ со недели организираше јавни состаноци на кои можеа да присуствуваат и новинари, а на кои беа повикани и сите студенти, единствено со тој услов – да бидат студенти.
ОД ПЕТНИ ЖИЛИ ПРОТЕСТОТ СЕ ПОВРЗУВА СО ОПОЗИЦИЈАТА
На овие состаноци, јавно и транспарентно можеше да се проследи целиот процес на организирање на протестот, од главната патека на движење, до намерата да се „погреба“ Студентскиот парламент, сѐ до јасната порака дека добредојдени се сите студенти, независно од нивните ставови за другите општествено-политички случувања. Маршот беше со цел да се побара да нема екстерно тестирање. И покрај ваквите јавни собири на кои присуствуваа и новинари, текстот се обидува да креира лажна слика дека протестите биле организирани во штаб на СДСМ. Вистината е сосема поинаква – дека пленумот го организираше маршот на платото на УКИМ, среде бел ден, на пладне, како и во дворовите на повеќе факултети во Скопје. Оттука, не е вистинито и не е поткрепено тврдењето дека СДСМ стои зад овие протести. Во текстот информациите се „коментираат“, „нивните извори“ додаваат (повторно коментари) и слично. Со други зборови, искористени се непрофесионални формулации за да се затскрие најверојатното непостоење на изворите. На пример: „велат информациите до кои дојде Курир“, „според нашите информации“, „изворите откриваат“.
Што се однесува до содржината, во неа се направени напори од петни жили да се поврзе некако протестот со СДСМ и со опозицијата, со единствена цел да се дискредитира. Во текстот воопшто не се ниту посочува главниот мотив на маршот, а тоа е барањето да не се одржи екстерното тестирање на факултетите, кое го предложи Министерството за образование. Тоа е непрофесионално затскривање на информациите кои се клучни за читателот да добие основна слика за што станува збор. Пристрасноста е евидентна и се отсликува во аголот.
„Изворите откриваат дека раководството на СДСМ било видно разочарано од подмладокот, бидејќи имале пропусти во обидот да фингираат протести на студентите претходните неколку пати. Тогаш во јавноста се раширија фотографии од раководството на СДММ како протестираат и се во улога на студенти. На сликите беа уловени првиот човек на социјалдемократската младина, Стефан Богоев, братот на редовниот поддржувач на опозицијата Ивор Мицковски, Кирил Мицковски и Гордан Шутаров, секретар на ЛК СДММ Карпош.“
Значи ли ова заговарање дека овие луѓе немаат право да излезат на протест никогаш?! Тоа се коси дури и со Уставот на Република Македонија.
ЛАЈТ-МОТИВ – ТЕХНИКАТА НА ЕТИКЕТИРАЊЕ
Внатре во текстот нема конкретни извори, нема спротиставени мислења, нема обид да се отвори материјална расправа за поводот на маршот, нема ниту една изјава. Сиве овие недостатоци на непрофесионален начин се маскираат со коментари и со идејата да се поврзе протестот со опозицијата.
„СДСМ многу често ја применува навиката да организира наводни протести, притоа обидувајќи се со ваквите фингирани собири да се скрие зад невладини организации, здруженија и асоцијации, а на јавноста такви случаеви и се познати преку АМАН, лажните стечајци, лажните земјоделци, како и неуспешниот “Удар” кој вчера повторно доживеа дебакл.“
„Задачата на ваквите здруженија е да креираат тензија во јавноста, незадоволство и хаос во државата, но ваквите нивни обиди речиси секогаш се разобличени во јавноста.“
Повторно како лајтмотив е застапена техниката на етикетирање. Кога би се одржал протест на кој би учествувале два милиони македонски државјани, во непотпишани текстови исто ли би се расчленувале учесниците во протестот еден по еден на „сдсмовци“, „претседатели на куќни совети од редот на опозицијата“, „соросоиди“, „невладини организации“, „жртви од транзицијата“ и останати чесни граѓани. Пародично е и прочитано. И дефинитивно непрофесионално. Освен тоа, во последната реченица од текстот што го рецензираме се содржи и една од главните манипулации што им се сервира на граѓаните, а тоа е дека проблемите не произлегуваат од власта, туку од оние што ги нотираат истите.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови