Со свеќа да бараш, не можеш да најдеш „закани со насилни протести“
Објавено во Рецензии
on 11 - 05 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Рецензија: Сценариото се исполнува: Заев се закани со насилни протести, како што на Скајп збореше Верушевски!]
Ова е еден крајно спинерски и манипулативен текст, кој има цел да ја убеди јавноста дека лидерот на опозицијата, Зоран Заев, подготвува некакво си сценарио за граѓанска војна. Во текстот се забележува речникот и тонот на владејачката политичка партија, а анонимниот автор е ставен во улога на нејзин портпарол, а не на новинар кој на јавноста треба да ѝ презентира факти и докази.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Сценариото се исполнува: Заев се закани со насилни протести, како што на Скајп збореше Верушевски!
Датум и време на објавување: 28.04.2015
Датум на рецензирање: 08.05.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Имено, опозицискиот лидер се закани дека во текот на месец мај ќе има насилни протести во Македонија, не откривајќи кога и како истите ќе се одвиваат.“
Авторот прво ја убедува јавноста во својот став, а потоа ја пренесува изјавата на опозицискиот лидер, Зоран Заев, што е спрoтивно на новинарските стандарди и правила. Задача на новинарот не е да ја убедува јавноста во нешто, туку да ѝ презентира факти и докази, да ѝ даде реален приказ на состојбата, а на читателот останува да одлучи која е вистината. Се нагласува дека Заев подготвувал насилни протести, иако во неговата изјава пренесена подолу, не може да се препознае такво нешто.
„Протест во мај месец ќе има, невиден до сега во Република Македонија, а датумот ќе го определиме заедно со граѓаните надвор од строго вратите на политиката, одговори Заев на новинарско прашање.“
И што е тука спорно? Тоа што Заев најавил најмасовен протест досега, невиден во Македонија? Протестот е уставно загарантирано право на секој граѓанин. Авторот ја извртува вистината и ја убедува јавноста во нешто што не постои и не било кажано.
Притоа, за поткрепа на својата теза, авторот се повикува на некакви докази од наводна скајп-конверзација меѓу Зоран Верушевски и петтосомничениот во случајот „Пуч“, во која, наводно, тие двајца разговарале и констатирале дека во Македонија ќе им граѓанска војна. Велиме наводно, бидејќи во судска постапка сè уште не е утврдена и докажана вистинитоста на оваа скајп-конверзација. Телевизија „Сител“ на 5 март годинава ексклузивно ја објави наведувајќи дека до неа дошла преку „извори во истрагата“. Вистинитоста на оваа конверзација сѐ уште не е докажана и тоа отвора простор за нови манипулации и за спинови.
Во овој напис се прекршени неколку новинарски стандарди кои се јасно нагласени во Кодексот на новинари, а тие се „Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни; Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и да го спречат искривувањето на вестите“.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови