Рецензија: Пуштете ја, таа и така нема да работи на струката, туку ќе се мажи
Објавено во Рецензии
on 14 - 10 - 2014 Автор: Љубомир КостовскиНема професор кој нема да ви признае дека на еден или друг начин постоел притисок некој негов студент/студентка да помине на испит, иако тоа не го заслужува. Студирањето како животен влог за студентите, ама и за нивните семејства, е преголем за да не се бараат и начини некои од нив да ја прескокнат точката каде ќе „зарибаат“.
Во овој текст кој е предмет на рецензија, од една таква епизода, веројатно од стотината што ги има еден професор на Факултетот за социологија при УКИМ, се гради целата стратегија врз основа на која треба да се брани масовно напаѓаната мерка во јавноста за воведување на „контролни механизми“ од страна на властите врз високошколските институции. Од една, две или пет епизоди се прави контрапункт на една сериозна општествена малформација како што е натамошно стеснување на автономијата на Универзитетите?!
Линк до оригиналниот напис: Пуштете ја, таа и така нема да работи на струката, туку ќе се мажи
Датум и време на објавување: 06.10.2014, 18:10
Датум на рецензирање: 13.10.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
„Професоре, јас плаќам за студирањето, што ќе правам ако ме турнете, од што повторно ќе платам за годината кога татко ми е без работа. Мајка на една друга студентка, пак, ми рече, пуштете ја, таа и онака нема да работи со таа струка, туку ќе се мажи. А, тие се само некои од неколкуте стотици студенти на кои им држам предавања, што е преголема бројка за факултетски стандарди. Се прашувам, какво знаење ние можеме да пренесуваме на толкав број студенти и дали тие навистина се дојдени тука за знаењето или за решавање на социјалните прашања. Ваква дилема вчера ја постави социологот Илија Ацески од катедрата по социологија при Филозофскиот факултет на УKИМ во Скопје поврзано за дилемите што ги предизвика најавата дека во иднина ќе биде воведено и екстерно тестирање за студентите во втората и во четврта студиска година“.
Ова е цитат од текстот во кој именуваниот професор, кого го познаваат и студентите по журналистика, јасно става на знаење дека ја поддржува мерката на властите и дека главниот проблем е прашањето дали на нашите универзитети „се дава и се прима знаењето“ во меѓусебните односи на професори и студенти, отколку што сега се проблематизира воведувањето проверка на знаењето.
Најпрвин во искажувањето на професорот, главниот извор кој е присутен во текстот, преовладува мислењето дека падот на критериумите е на приватните факултети. Неволјата е, секако, во тоа што во меѓувреме и министерот за образование Адеми (види во текстот) покажа дека се премислува и наоѓа маани и во државното образование, особено во т.н. дисперзирани факултети. Други професори – како на пример ексминистерот за образование, Ненад Новковски, смета дека „светот ќе ни се смее“ и ги наоѓа проблемите и во цели универзитети кои не нудат знаење, немаат стручни кадри, а трошат огромни буџетски пари (го спомена Универзитетот Свети Павле во Охрид).
Во написот се трага по поддржувачите на овој владин потег и тоа навистина, од аспект на атмосферата на универзитетите и меѓу студентите, па и кај експертите, е како да бараш „игла во стог сено“. Еден од најдените во тој „стог“ е Владо Тимовски, декан на Педагошкиот факултет во Скопје, кој се согласува дека во јавноста има сомнежи во квалитетот на знаењата со кои студентите заминуваат од факултетите. Но, споменатиот, сепак, бара јавна расправа по ова прашање со тестовите организирани од страна на државата. Имаме, накусо, присутен и уште еден, значи трет професор – Хасан Јашари, професор на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, кој смета дека е спорно воведувањето на тестирањето.
Методологијата на крајно селектирано бирање на професорите кои даваат изјави е проблематична, при што огромен дел од текстот е даден на професорот кој отворено ја поддржува контраверзната мерка на просветните власти, нешто помалку на оној просветар кој делумно се согласува со мотивот на властите, ама бара јавна дискусија, а оној кој не се согласува со потегот на министерот Адеми е даден „во трчање“, просто во спринт.
Таквите текстови се трудат формално да имаат повеќе извори, па спинувањето делува „полукаво“, што не значи дека истото не паѓа на испит!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
различните извори се несразмерно присутни и немат сите можност да го образложат својот став
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови