Рецензија: Први Мај: Сте знаеле ли дека тоа е всушност сатански обред?
Објавено во Рецензии
on 4 - 08 - 2014 Автор: Југослава ДуковскаРецензираме текст кој нема големи амбиции – и со изборот на насловот, и со илустрацијата, но и со самата содржина, тој има задача да провоцира, да шокира, да предизвика сензација, но не и прецизно и точно да информира. Спаѓа во редот на текстовите кои преставуваат типични летни содржини, иако самата тематика – прославувањето на Први Мај, Денот на трудот, од аспект на актуелност има погрешен тајминг, бидејќи прашањето зошто токму сега Празникот на трудот е ставен на тапет, нема логично објаснување. Дека е згрешен тајмингот може да се види и од материјалите што можат да се најдат на интернет, а кои очигледно послужиле како извори на информаци, најчесто на сајтови и блогови на српски и хрватски јазик, од кои повеќето биле објавувани низ изминативе седум-осум години „пригодно“, неколку дена пред 1. мај.
Генерална нишка на сите текстови е дека сме наведени да прославуваме „празник на вештерките и на сатанистите“ под превезот на одбележување на датумот, кој бил симболично одреден како Ден на трудот, во чест на загинатите работници на протестите во Чикаго во 1886 година.
Веќе првата воведна реченица претставува невистина – не е точно дека Први Мај масовно се прославува во нашата земја: иако е државен празник, на тој ден државните институции не одржуваат ниту една званична манифестација во функција на прославување на датумот. Но, и втората реченица не е ништо подобра: „Но, со самото славење се крши една од Божјите заповеди, која вели :„Шест дена работи, седмиот одмарај“. Освен што нема логика самата по себе (што кога славењето на Први мај се падне во недела, дали тогаш се крши оваа заповед?), овој исказ можеби може да најде место во свештеничка проповед, но навистина не му е место меѓу новинарски написи на сајт со секуларни, па дури и порнографски содржини (кои се објавени без покажување загриженост дека се кршат некои други Божји заповеди). Со самото тоа, стои натаму во текстот, Први мај нема никаква врска со трудот или неговото славење, уште помалку со Бога. Интересна аргументација, со оглед што не може никаде да се најде податок дека Први мај има некаква врска со Господ, додека, пак, има голема врска со славењето на трудот, бидејќи е воспоставен во чест на загинатите демонстранти, кои барале 8-часовна работна недела за време на крвавите демонстрации во Чикаго, САД, 1886.
Остатокот од текстот претставува компилација на тврдења собрани од повеќе извори (точниот извор не е наведен, а интернет пребарувањето не исфрли еден конкретен оригинален извор), според кои, Први мај има врска и со сатанизмот и со Илуминатите, со паганските обичаи и со многу други работи, само не со трудот.
Линк до оригиналниот напис: Први Мај: Сте знаеле ли дека тоа е всушност сатански обред?
Датум и време на објавување: 20.07.2014
Датум на рецензирање: 29.07.2014
Рецензент: Југослава Дуковска
Фактите во текстот се однесуваат на објаснувањата што претставува Валпургиската ноќ, кој е основачот на тајното здружение Илуминати или кога биле протестите на работниците во Чикаго. Но, тие факти се искористени како вовед во мошне проблематично објаснување од аспект на познатите теории на завери, а аргументација, освен верски флоскули – нема.
Никакви извори на информациите не се посочуваат, ниту, пак, можат да се детектираат низ написот. На интернет има изобилство на текстови, кои се занимаваат со „верските аспекти“ на Први Мај и го проблематизираат неговото одбележување како дел од заверата на сатанисти, Илуминати и други опскурни структури, така што, се чини, се работи за несмасна компилација на неколку такви текстови.
Очигледна е христијанската религиозна подлошка со која е пристапено кон пишување на текстов и аргументирањето на изнесените тврдења.
Авторот на текстот е непознат, а читателите не се удостоени ниту со основни информации од каде се извлечени наведените тврдења.
Насловот е посебна приказна: прашањето – знаете ли дека тоа (веројатно се мисли на Први Мај) е сатанистички обред? – е несмасно склопено и укажува на неразбирање и недостаток на дистинкција помеѓу сатанизмот и паганството.
Лош обид за верска пропаганда и е неоригинално дело, кое пренесува туѓи идеи, за кои аргументацијата е слаба или замаскирана со верски флоскули. Тоа веројатно произлегува од недоволното разбирање на материјата за која се пишува. Крајниот резултат е една немушта творба која ниту информира, ниту забавува, туку е аматерски обид да се предизвика сензација.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
ПРИСТРАСНОСТ
неточен
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
друга пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови