Рецензија: Познат идентитетот на малолетничката која се самоуби во Ѓорче Петров
Објавено во Рецензии
on 14 - 11 - 2013 Автор: Мирослава СимоновскаТекстот се приклучува во групата рецензирани поради неговата недоволна кохерентност која кај некои читатели може да значи и сомнеж во вистинитоста. Иако во првиот параграф од текстот се известува за самоубиство, веќе од вториот параграф, пренесен од билтенот на МВР, станува јасно дека нема доволно информации за да се поткрепи тврдењето дека станува збор за самоубиство.
„ Според податоците од полицијата, малолетничката чиј идентитет е веќе утврден, почина откако патнички воз кој сообраќал на релација Кичево-Скопје, удри во неа вчера утрото околу седум часот и дваесет минути“.
Од ова произлегува дека претпоставката на авторот, оти се работи за самоубиство, МВР не си ја дозволил и прецизно наведува дека возот „удрил“ во девојчето, не навлегувајќи во тоа дали станува збор за самоубиство или не.
Иницијалите на малолетната жртва се објавени, што не е од јавен интерес. Одмерениот баланс меѓу професионалноста на новинарот (што вклучува да не се прикриваат информации) и јавниот интерес, е сензитивна територија. Поради тоа, самоубиствата ретко се наоѓаат во главните вести, освен ако не станува збор за јавни личности или за вознемирувачки случаи на отворено, на јавни места.
Една од причините за ваквиот третман што го применуваат етички поткованите новинари е и теоријата на „епидермички шприц“, која предвидува дека публиката го апсорбира она што го восприема преку медиумите и може да го повтори.
Новинарот би покажал исклучително ниво на професионалност доколу би се залагал за неоткривање на идентитетот на жртвата, дури и кога таа информација би му била достапна, дури и тогаш кога е убеден во сознанието дека станува збор за самоубиство.
Во текстот се даваат информации за возраста, полот, првите букви од името и презимето на малолетното лице, како и за скопската населба каде се случил немилиот настан. Ова може да значи поблиско лоцирање на идентитетот на жртвата.
Линк до оригиналниот напис: Познат идентитетот на малолетничката која се самоуби во Ѓорче Петров
Датум и време на објавување: 8.11.2013; 09:51
Датум на рецензирање: 12.11.2013
Рецензент: Мирослава Бурнс
Вистинитост: Текстот не содржи доволно информации кои ќе потврдат дека станува збор за самоубиство. Информацијата од МВР е дека „возот удрил“ во девојчето, што не мора да значи дека е поврзано со самоубиство. Новинарот може да го увери читателот во вистинитоста на информацијата, доколку искомуницира со надлежни институции и стручни лица, на пример од Институтот за судска медицина и ги дознае причините за настапувањето на смртта. Но, дури и тогаш прашање е што е јавниот интерес во приказната, односно зошто треба да се извести дека малолетно лице си го одзело животот. Единственото разумно образложение на ова прашање е доколку самоубиството се случило на јавно место и со самото тоа многумина знаат дека настанот се случил. Во конкретниот случај не може да се утврди дали овој услов е исполнет.
Извори на информации: Авторот се служи со официјални информации, меѓутоа фактот што го пласира, дека се работи за случај на самоубиство, не е атрибуиран на ниту еден извор.
Содржајност: Текстот е вест во низа. Уште од првата реченица лесно може да се препознае дека сајтот веќе објавувал информации за конкретниот случај, но авторот не дава линк до овие содржини и затоа веста се состои од неколку информации.
Оригиналност/Плагијат: Текстот содржи информации од билтенот на Министерството за внатрешни работи кои се идентично пласирани во речиси сите медиуми, што известија за случајот и што го претставија како самоубиство. Ова не може да се смести во класификацијата „плагијат“.
Квалитет на насловот: Насловот одговара со лидот, информира доследно за она за што се известува. Тој ја сумира новата информација во текстот, односно идентитетот на жртвата. Не може да се утврди дали насловот манипулира во делот кога се тврди дека скопјанката се самоубила и тоа произлегува од истата недоследност и недостаток во текстот.
Фотографија: Фотографијата дава лажна перцепција дека МВР го претставува случајот како самоубиство, што од текстот не е видливо. Од парафразираниот дел од полицискиот билтен не може да се дојде до заклучокот за начинот на кој настапила смртта.
Заклучок: Секоја информација која вклучува малолетник мора да подлежи на двојна ревизија во поглед на етиката. Пред да се изнесе тврдење дека случајот е самоубиство, треба да се понудат и веродостојни факти кои тоа ќе го покажат. Самоубиството во суштина се избегнува како новинарска содржина освен кога се работи за самоубиство на јавна личност или кога ќе се случи на јавен простор на очиглед на многумина. Недостигот од сеопфатни одговори на прашањата може да предизвикаат сомнеж кај читателот за тоа дали станува збор за самоубиство и дали е задача на новинарот тоа да го констатира, или пак на надлежните институции.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно точни
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
не аплиактивно
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови