verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Подобрувањето на патната инфраструктура носи се повеќе инвеститори во Источна Македонија

on 13 - 11 - 2013       

FireShot-Screen-Capture-185-Подобрувањето-на-патната-инфраструктурa-crop-resize

„Со години наназад источна Македонија важеше за една од најнеразвиените области во државата. Градовите и помалите општини кои се наоѓаат во овој дел на Македонија беа многу помалку развиени отколку останатите. Патната инфраструктура беше во катастрофална состојба, а невработеноста сѐ повеќе растеше што предизвикуваше младите од овој дел да се иселуваат или да бараат егзистенција во други градови, најчесто во Скопје. Последните неколку години може да се забележи дека сѐ повеќе се обрнува внимание на источниот дел на Македонија што сведочат и многуте проекти и инвестиции кои влијаат за развојот на овој дел од земјата“.

Текстот не е во допир со насловот односно со логиката која е најавена како „спиритус мовенс“ за авторот. Ниту се кажува кои се тие нови инфраструктурни проекти, ниту се кажува кои се тие инвестиции кои би биле резултат на претходниот услов.

Подобрувањето на патната инфраструктурa носи се повеќе инвеститори во Источна МакедонијаЛинк до оригиналниот напис: Подобрувањето на патната инфраструктура носи се повеќе инвеститори во Источна Македонија

Датум и време на објавување: 11.11. 2013 15:14

Датум на рецензирање: 12.11.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Во текстот е сосема кусо дијагностицирана ситуацијата на економско-социјален план во источниот регион на земјава. Притоа се користи минато свршено време, што сугерира и граматички дека ситуацијата целосно се променила. Ако ја оставиме настрана економско-социјалната анализа, која, веројатно, би требала да биде контрапункт на тоа минато време (а, ја нема) во областа на инфраструктурата се споменуваат само мали делници кои немаат директна врска со регионот (автопатот ТабановцеКуманово, кој се правеше во должина од осум километри), како магистрала се означува замената на коцката со асфалт на 10-километри пат од Радовиш до Струмица (која е магистрален пат, гледан како ознака на картата, ама не е магистрален пат како инфраструктурна реалност или, што велат возачите, „пак возиш во една лента“),  како и три регионални патни правци кои ниту по квалитетот на возењето, ниту по должината и по значењето за некој инвеститор би биле битни. Се споменуваат два правци како значајни, ама тие се во идно време, што значи евентуално допрва би требало да го видиме ефектот на нивната изградба за странските инвестиции.

Во однос на споменатите инвестиции, се наведуваат Универзитетот во Штип(!), потоа инвестицијата на „Агрокор“ во Струмица и на „Џонсон Контролс“ во Штип, кои се изградени и со постојната инфраструктура и како објекти никако не означуваат ситуација на масовно инвестирање и масовно отворање на нови работни места.

Извори на информации: Текстот не содржи ниту еден извор кој се наведува како потпора на наведените тези. Можеби се претполага дека се работи за „ноторен факт“, што секако не може да се прифати. Или, можеби се претполага дека ниту еден соговорник не би се согласил да застане зад постојната инфраструктура како некаков успех, ниту зад хипотетичките инвестиции.

Содржајност: Колку и да се „растегнува“ сликата и картата на Источна Македонија, тешко дека ќе се види нормален пат во тој дел до земјата или нови објекти, па макар и модернизација или проширување на постојни капацитети. Се оди во историјата (се споменува хидросистемот Злетовица, кој се градеше со децении и кој е и денес спорен во многу сегменти) се споменува иднината, ама во таа  „хармоника“ никаде не го видовме оправдувањето за темата и тезата во неа.

Пристрасност: Јасно е дека повод за овој текст – иако директно не е споменат – е пуштањето на регионалниот пат Пробиштип-Свети  Николе кој го „стартуваше“ премиерот на 10.11.2013. Како што пишуваат весниците, патот е малку проширен само меѓу две села („Рехабилитација на постоечкиот коловоз е извршена од приклучокот кај Свети Николе до селото Немањица, додека нов пат е изведен само на потегот помеѓу селата Мечкуевци и Куково“ – Build.mk), со што вистинскиот повод изостанува, па текстот се служи со одзумирање, односно ширење на видикот, оддалечување од поводот кон една општа тема, преку која описот на „успехот на Владата“ изостанува во детали, а треба да се прими како „генерална политика“ на грижа за населението од тој крај.

Оригиналност/Плагијат: Текстот нема наведено автор, ниту, пак, е потпишан како редакциски, но не е забележан во други медиуми и може да се третира како авторски.

Квалитет на насловот: Насловот е долг и прилично реторички, нуди заклучок во себе и е пример како од стартот се настојува да се одземе вниманието на читателот, тој да не бара потоа „влакна во јајцето“, односно факти кои би ја поткрепувале наметнатата теза.

Фотографија: Текстот има само една фотографија која покажува некаков индустриски погон и некаков асфалт, кој повеќе наликува на пристап до фабрички паркинг. Можеби тоа е оценето како доволно да се илустрира темата, ама без легенда едноставно треба да се третира како неуреден прилог.

Заклучок:  Сѐ уште сме сведоци дека медиумите знаат да пуштаат пред читателите текстови кои практично наликуваат на некаква политичка пропаганда, која постарите ја нарекуваа „партизанска“, односно која е општа и неконкретна. Ова е таков пример.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

аноними

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

необјаснета

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови