verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: По расправија со сопругата се самоубил газда на ресторанот „Буре“

on 8 - 08 - 2014       

FireShot-Screen-Capture-047-samoubistvo-bure-crop-resize

Незабележливо, но континуирано, во домашните медиуми еродираат моралните принципи според кои тие треба да се водат кога известуваат за една така деликатна тема какво што е самоубиство на индивидуа. Еден типичен пример е смртта на сопственикот на скопската кафеана „Етно буре“ и начинот на кој се известуваше за тој случај. Ја рецензираме најрано објавената вест, на која потоа се повикуваа и други медиуми, воедно и една од оние во кои стојат најмногу детали од приватниот живот на починатиот, на кои никако не му е место во информација за настанот, а потоа тие детали беа објавени во поголемиот дел од извештаите и проширените вести на истата тема.

Така, освен што се дозна за кого точно се работи (објавено е личното име на жртвата и податокот дека е еден од газдите на дотичната кафеана), даден е и детален опис на начинот на кој умрел (си пукал со ловџиска пушка, за која поседувал дозвола и во која имало само еден куршум, директно во срце), местото на настанот, па дури и шпекулација за наводниот мотив на самоубиството сосе интимните детали од неговиот живот:

„Изворите на Либертас тврдат дека овој 45 годишен угостител немал долгови и непријатели и најверојатно одлуката да се убие ја донел заради семејни недоразбирања со сопругата.

– Пред да отиде кај Имес тој и жена му се караа во неговиот ресторан, вели очевидец за Либертас и тврди дека извесно време Мио имал чести кавги со сопругата“.

На тој начин грубо беше повредено правото на приватност, кое би требало да го имаат починатиот и неговото семејство, бидејќи тој бил и сопруг и татко. За тоа дека известувањето за самоубиство треба да се изведува според многу строги етички правила на професионален пристап зборуваат основните документи, кои се однесуваат на професионалноста и етиката во новинарството, прифатени во Република Македонија, а базирани на слични документи, кои ја уредуваат оваа пракса во други земји. Темелниот принцип се содржи во начелото на Новинарскиот кодекс, според кој новинарот треба „Да покаже човечност кон лицата што се можеби неповолно засегнати од покривањето на веста за она што се случило. Бидете особено внимателни кога се работи за деца или за неискусни извори или учесници во збиднувањата“, додека пак „Нарушувањето на нечија интима е оправдано единствено во случаи кога се работи за повисок јавен интерес“. Повеќе од јасно е дека немало ниту можело да има „повисок јавен интерес“ објавувањето на детали од една сосема приватна семејна трагедија, во која учесници (а учесници се не само починатиот, туку, за жал и неговата сопруга, јавно распната како можен виновник на смртта на сопругот, па и нивното дете, кое двојно е виктимизирано – со загубата на родителот и со објавувањето на семејната интима) не се дури ни јавни личности.

Во Прирачникот за етика во новинарството (ЗНМ, 2012) има дури цело поглавје Упатства за известување за самоубиство, бидејќи е проценето дека се работи за мошне важна и осетлива тема, која треба да се уреди за да се запазат принципите на професионалност и етика во новинарството. Две клучни компоненти, притоа, за авторите на Прирачникот се следниве:

„во светот е усвоена пракса за самоубиствата генерално, а особено за анонимните луѓе речиси воопшто и не се пишува. Ако тоа сепак се прави, темата се третира со изразено сочувство и дискреција, медиумот не смее да го објави полниот идентитет, а уште помалку сликата на жртвата, “

како и тоа дека

„Поврзаноста меѓу самоубиството и медиумите е одамна препознаена и докажана. Секоја информација за намерно одземен живот ги поттикнува потенцијалните самоубијци на нова трагедија. Имено, истражувањата покажаа дека мнозинството луѓе кои размислуваат за самоубиство, всушност, не се сигурни дали сакаат да умрат. Еден од факторите кои некоја ранлива личност можат да ја наведат на самоубиство е и публицитетот што на таквиот чин му се дава во медиумите. “

Од аспект на заштита на семејството на самоубиецот, се посочува дека

„внимателност и дискреција во третирањето на самоубиствата како тема, не се налага само за превенција на самоубиството, туку и за да се одбегне дополнително трауматизирање на жртвите, а во самоубиството никогаш нема само една жртва. Жртва е самоубиецот, но жртви се и оние што остануваат: родителите, сестрите, браќата, пријателите и сите кои на некој начин биле поврзани со жртвата и кои ќе мораат да живеат со тој страшен настан во своето сеќавање“.

А, дека и семејството на самоубиецот се жртви, најдобро илустрираше веста, која истиот ден ја објави истиот медиум, чијшто текст е предмет на рецензијава, а во која има реакција на член на семејството на починатиот. Тоа, всушност, беше обид да се демантира објавената верзија за смртта на починатото лице и да се спаси угледот на инволвираните.

Рецензија: По расправија со сопругата се самоубил газда на ресторанот „Буре“Линк до оригиналниот напис: По расправија со сопругата се самоубил газда на ресторанот „Буре

Датум и време на објавување: 6.08.2014, 9:53

Датум на рецензирање: 7.08.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Основните факти за настанот постојат во информацијата. Од аспект на нивна точност и веродостојност не е можно да се донесе конечен суд – се работи за случај кој е во рацете на полицијата и на истражните органи, а тие ги објавија само основните податоци – дека се работи за смрт на машко лице на 44-годишна возраст.  Тоа значи дека сите останати податоци во написот се шпекулации. Па дури и да се точни, сепак се шпекулации. Изворите на информации користени во написот се речиси исклучиво неофицијални и анонимни.

Насловот е професионално составен за да ја содржи главната компонента на веста. Но, овојпат правилното насловување на новинарската информација мора да падне во втор план – него го засенува непрофесионалното третирање на настанот и неговите учесници (жртвата и неговото семејство).

До каде ќе оди новинарството во трката за зголемување на читаноста, гледаноста, по цена на уривањето на професионалните, но и општочовечки правила и норми? Ова прашање неминовно се поставува откако ќе се направи увид во начинот на кој беше проследена веста дека пронајдениот мртов маж во Скопје е еден од сопствениците на позната скопска кафеана. Иако една од дефинициите кога една информација е вест е тоа дека таа е општествено релевантна информација, а смртта на конкретната личност, обичен човек, жител на главниот град, тоа очигледно не е, објавениот напис, како и оние што се надоврзаа на него, направија се една лична и семејна трагедија да стане високотиражна вест. Притоа, не беше испочитувана ниту интимата на починатиот ниту пак на неговото семејство, чијашто болка од загубата е зголемена со тоа што станале, ни криви ни должни, општа тема на муабет и непотребен медиумски фокус.

SOS_linija_3136-400


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални, анонимни

нерелевантни

не може да се утврди

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

не може да се утврди

не може да се утврди

не аплиактивно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

сензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови